Управата за јавни приходи известува дека во „Службен весник на РСМ“, бр.199 од 25.09.2023 година, објавен е Законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на добивка.
Согласно Законот, се укинува даночно олеснување од член 9 став 1 точка 5-а) кое се однесува на признавање на трошоците за уплатени премии за животно осигурување на вработените до износот од две просечни месечни бруто плати, исплатени во претходната година во Република Северна Македонија на годишно ниво по вработен.
За непризнат расход кој подлежи на оданочување со данок на добивка ќе се смета целиот износ на трошоците по основ на уплатени премии за осигурување на живот на вработените (се применува од денот на објавување во „Службен весник на РСМ“).
Со измените и дополнувањата на Законот, од 1 јануари 2024 година со цел намалување на административниот товар на даночните обврзници и на УЈП се укинува обврската за задолжително поднесување на извештаите за трансферни цени до УЈП. Обврзниците и понатаму ќе ги изготвуваат и чуваат извештаите за трансферни цени, но истите ќе бидат должни да ги доставуваат само на барање од УЈП. Исто така даночните обврзници кои изготвуваат и чуваат извештај за трансферни цени согласно членот 12-а од Законот за данокот на добивка, ќе имаат обврска кон образецот „ДБ - даночен биланс за оданочување на добивка“ да достават и Прилог со податоци за трансакции меѓу поврзани лица кој дополнително ќе биде поставен на веб страната на УЈП. Овој прилог ќе се поднесува со даночниот биланс за 2023 година кој даночните обврзници ќе го доставуваат во 2024 година.
Новина е и тоа што од 1 јануари 2024 година, се укинува ваучер систем за даночни поттикнувања за дадени донациии во спортот. Со измените на Законот за данокот на добивка се брише членот 30-а со кој беше утврдено правото на намалување на пресметаниот данок на добивка за донирани финансиски средства на спортски субјекти. Даночните обврзници кои ќе имаат трошоци за донации на спортски субјекти во однос на даночниот третман ќе се изедначат, односно, даночните поволности ќе ги користат како и за останатите донации согласно Законот за донации и спонзорства во јавните дејности, каде што признат расход се трошоците за дадени донации согласно Законот за донации и спонзорства во јавните дејности во износ до 5 % од вкупниот приход. Со измените и дополнувањето на членот 28 од Законот се предвидува обврска за плаќање на петкратен износ на данокот во случаите кога даночниот обврзник документирано не докаже дека даночното ослободување по основ на реинвестирана добивка го искористил за вложувања во материјални средства и во нематеријални средства за проширување на дејноста, како и доколку не го утврди и плати данокот.
- Линк за албанска верзија