Управата за јавни приходи, денеска беше домаќини на даночниците од Косовската даночна администрација. Врз основа на регионалните настани за фискализација организирани од Меѓународниот монетарен фонд, а по барање на Косовската даночна администрација, на билатералната посета македонските даночници поблиску ги запознаа колегите од Косово со функционалностите на системот за фискализација, како и за повратот на дел Данокот на додадена вредност искажан во фискалните сметки и нивно скенирање преку апликацијата Мој ДДВ. Изминатиот период УЈП ги сподели најдобрите искуства и практики во оваа област на онлајн состанок и со даночниците од Албанија.
Преку ваквата регионална соработка, се овозможува дополнително јакнење на капацитетите на даночните администрации, се разменуваат искуствата и се споделува знаењето во областите од заеднички интерес, што пак ќе придонесе кон поттикнување на доброволна даночна усогласеност, како и откривање и борба против даночната евазија во државите. Управата за јавни приходи преку вакви билатерални средби ќе продолжи со споделување на знаење и со останатите даночни администрации.