Денес Министерот за финансии Фатмир Бесими ја посети Управата за јавни приходи каде со својот тим одржа работен состанок со Директорката на УЈП Сања Лукаревска и раководството на УЈП.
На средбата се направи осврт за годината што измина односно се согледаа реализирани проекти и активности и се утврдија активностите и предизвиците за 2022 година. Двете страни се согласија дека соработката помеѓу МФ и УЈП е на одлично ниво, таа е интензивна а ќе продолжи и понатаму да се унапредува. Еден од начините за натамошното делување на тимовите од УЈП и МФ е и изготвување на план за активности со точно определени задачи и рокови кој ќе се остварува од двете страни.
Министерот за финансии Фатмир Бесими истакна дека ''Министерството за финансии преку Стратегијата за реформа на даночниот систем работи на пет главни приоритети кои се однесуваат на поголема праведност во оданочувањето, поголема ефикасност и ефективност на даночниот систем за подобра наплата на приходите, зголемена даночна транспарентност, подобар квалитет на услугите и воведување еколошко оданочување''
Тој додаде дека во акцискиот план согласно Стратегијата во тековната 2022 година ќе преовладуваат активности и мерки кои се однесуваат на зголемување на ефикасноста и ефективноста на даночниот систем, поедноставени даночни процедури, зголемена наплата на јавни приходи, како и зголемен степен на дигитализација во даночните постапки.
„Работиме и на намалување на неформалната економија преку Акцискиот план за сузбивање на сивата економија 2021-2022, каде нудиме еден посеопфатен пристап со повеќе мерки и вклученост на повеќе институции. Приоритетни цели се унапредување на процесот на мерење, следење и детектирање на сивата економија, стимулативни активности за формализација на сивата економија, јакнење на свеста за сивата економија и јакнење на даночниот морал, ефикасни инспекциски служби и ефикасен систем на изрекување казни, унапредување на законската регулатива и мерки на Царинската управа. При тоа клучна улога во реализација на мерките има и Управата за јавни приходи, рече министерот и додаде дека меѓу активностите што се преземаат е и воведувањето Интегриран даночен информациски систем со кој УЈП ќе обезбеди услови за електронска комуникација со даночните обврзници, како и единствена платформа за електронско фактурирање со цел поедноставување на даночните контроли и следење на прометот''.
Министерот потенцираше дека Министерство за финансии ќе продолжи со политики и мерки што ќе бидат насочени кон поголем економски раст и секако предвидливо економско опкружување што е важно за работење на правните субјекти.
И директорката на УЈП Сања Лукаревска истакна дека во година што измина заедно со Министерството за финансии заеднички се работеше во реализација на Стратегијата за реформa на даночниот систем за период 2021-2025 година, Акцискиот план за намалување на сивата економија, законските измени на законот за Данок на додадена вредност, Законот за даночна постапка и законот за Управата за јавни приходи, како и сите законски прописи кои се од делокруг на работата на овие институции.
Директорката ги соопшти и реализираните активности на Управата за јавни приходи изминатата година за наплатените даноци, за социјалните придонеси, поврат на ДДВ кон компаниите и користење на мерката субвенционирање на придонеси од задолжително социјално осигурување заради зголемување на плати.
,,Наплата на приходи за 2021 година изнесува 89,6 милијарди денари, и истата е за 17,89% повисока во однос на 2020 година, а 8,87 % повисока во однос на 2019 година, а наплатата од социјалните придонеси во 2021 година изнесува 84,5 милијарди денари што е за 5,75% повисока во однос на 2020 година а 15,86% повисока во однос на 2019 година. Повратот на Данокот на додадена вредност во 2021 година кон компаниите е изнесува вкупно од 31,2 милијарди денари. Овој вратен износ кај компаниите е за 22,39% повисок во однос на вратениот износ во 2020 година а 20,45% повисок во однос на 2019 година''.
Во однос на мерката субвенционирање на придонеси од задолжително осигурување заради зголемување на плати на вработените која започна со примена од октомври 2019 година Директорката истакна дека во 2019 година која го опфаќа периодот октомври- декември во просек на 10 500 компании ја користеле оваа мерка и во просек на 57 000 вработени месечно им била зголемена платата, просечниот износ на субвенциите за овој период изнесува 85.6 милиони денари месечно. Во 2020 година во просек на 23 900 компании ја користеле мерката за субвенционирање на придонесите и во просек на 120 000 вработени им била зголемена платата. Просечниот износ на субвенциите за 2020 година изнесува 183,8 милиони денари месечно. Во 2021 (за периодот јан-окт.) во просек 24 400 компании ја користеле оваа мерка и во просек на 134 000 вработени им била зголемена платата, а просечниот износ на субвенциите изнесува 229, 6 милиони денари месечно.