Ја информираме јавноста дека во рамките на вчерашните протести пред објектот на Управата за јавни приходи - Регионална дирекција Скопје нанесена е материјална штета на делот од објектот кој е предмет на реновирање и адаптација во рамки на Проектот „Подобрување на услугите на УЈП кон даночните обврзници“ финансиран преку предпристапните ИПА фондови на Европската Унија.
Средствата кои се користат за реновирање и адаптација на овој дел од објектот се обезбедени од сите даночни обврзници на земјите членки на Европската Унија, а за санирање на направената штета и враќање на објектот во претходна состојба, пред неговото официјално отворање и поромоција како финасиски придонес на даночните обврзници на ЕУ, неопходно е користење на дополнителни средства од Буџетот на Република Македонија, односно од даноците кои ги плаќаат даночните обврзници во Република Македонија.
Апелираме граѓаните да внимаваат и да не ги оштетуваат објектите кои се видливо обележани како придонес од даночните обврзници на Европската Унија.
Потсетуваме дека Управата за јавни приходи оперативно ја спроведува даночната политика, го води единствениот даночен регистар и даночните евиденции на даночните обврзници, прима даночни пријави, ги утврдува, врши наплата и поврат на даноци, социјални придонеси од плата и други јавни давачки, врши инспекциски надзор, им дава помош на даночните обврзници за исполнување на нивните даночни обврски, го следи и анализира функционирањето на даночниот систем и дава предлози за негово унапредување, соработува со даночни органи од други држави и дава меѓународна правна помош во даночни предмети.
Наша стратешка определба е да обезбедиме висок квалитет на услуги за даночните обврзници, поедноставени даночни постапки за навремено и точно исполнување на обврските и праведно и ефикасно собирање на даноците и на другите јавни давачки.
Повеќе информации за ИПА проектот на УЈП:
- Соопштение „Реновирање на Контакт / Повикувачки Центар на УЈП со финансиска поддршка на Европска Унија“ од 16.06.2015 година (види линк http://www.ujp.gov.mk/mk/javnost/galerija/pregled/44).
- Соопштение „Поради изведување градежни работи - Привремени локации за пристап до услугите на УЈП - Регионална дирекција Скопје“ од 16.04.2015 година (види линк http://www.ujp.gov.mk/mk/javnost/soopstenija/pogledni/518).
- Конференција - Oфицијално отпочнување на Проектот „Подобрување на услугите нa УЈП кон даночните обврзници“ финансиран од ЕУ од 04.02.2015 година (види линк http://www.ujp.gov.mk/mk/javnost/nastani/pogledni/148).