Годишните извештаи ги поднесуваат исплатувачите кои во изминатата 2015 година:
-
Извршиле исплата на приходи на физички лица/граѓани по основ на: лични примања, авторски права и права од индустриска сопственост, капитал, имот и имотни права (закупнини), добивките од општи игри на среќа и други приходи за кои аконтацијата на данокот се плаќа по одбивка - Годишен извештај (образец “ПДД-ГИ”).
Исплатувачите кои извршиле исплата на приходи од добивки од посебни игри на среќа (игри на среќа во казино, обложувалница и автомат клуб) немаат обврска да поднесат Годишен извештај (образец “ПДД-ГИ“). -
Извршиле исплати на граѓани во 2015 година по основ на откуп на земјоделски производи - Годишен извештај (образец “ПДД-ГИ/ОЗП”).
Во “ПДД-ГИ/ОЗП” се пријавуваат податоци за физичките лица од кои извршиле откуп на земјоделски производи, шифра на дејност од НКД според дејноста која ја обавува физичкото лице и износот на исплатениот приход. -
Извршиле откуп на корисен цврст отпад од физички лица кои не се трговци поединци - Годишен извештај (образец “ПДД-ГИ/ОЦО”) во кој ги пријавуваат бруто-приходите на обврзниците, платениот персонален данок на доход, како и вкупно исплатените нето-приходи во изминатата година.
Oрганизаторите на зелен пазар на кој се врши трговија на големо и мало, имаат обврска да достават - Годишен извештај (образец “ПДД/ГИ-ЗП”) во кој треба да пријават кој ги користел продажните места на зелениот пазар во изминатата 2015 година.
Годишните извештаи се поднесуваат најдоцна до 31 јануари 2016 година, задолжително по електронски пат преку http://etax.ujp.gov.mk
На граѓаните издадете им пресметка за исплатените приходи!
Исплатувачите кои вршеле исплати на приходи на кои аконтацијата на данокот се плаќа по одбивка, на граѓанинот задолжително треба да му издадат збирна пресметка за исплатените приходи, платениот персонален данок и придонеси во 2015 година најдоцна до 25 јануари 2016 година.
Издавањето на збирна пресметка е законска обврска на исплатувачот на приходот, врз основа на која граѓанинот, како обврзник на персоналниот данок на доход, ќе може точно и навремено да ги пријави приходите во Годишната даночна пријава.
Напомена: Исплатувачите кои вршеле исплата на надоместок по основ на приходи од договори за дело, авторски договори и други договори со кои е определен надоместок за извршената работа на лице кое е во работен однос кај него или кај нему поврзано правно лице и кои биле обврзници за пресметка и уплата на придонесите согласно Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, исплатите по овие основи во Годишниот извештај (образец “ПДД-ГИ”) за 2015 година треба да ги искажат соодветно, во зависност од видот на исплатата, на следните полиња:
-
3.4 - Примања на членови на органите за управување и надзор на трговските друштва,
-
3.5 - Примања на функционери, пратеници и советници и други носители на јавни функции
-
3.6 - Надоместоци за работа на судии поротници, вешти лица и стечајни управници кои немаат својство на вработени лица во соодветните институции или друштва,
-
3.7 - Надоместоци на членови на Македонска академија на науките и уметностите,
-
3.8 - Лични примања по договор за повремено или привремено вршење на услуги и
-
3.10 - Приходи од авторски права и права од индустриска сопственост.
При внесот на “Податоците за исплатите на обврзниците“ по овие основи, во:
-
колона 3 се внесува податок за износ на бруто приходи (односно збирот од исплатениот нето приход, платените придонеси и персоналниот данок на доход);
-
колона 4 се внесува износ на одбитоци, односно нормираните трошоци по основ на авторски права и права од индустриска сопственост;
-
колона 6 се внесува износот на платениот персонален данок на доход;
-
колона 7 се внесува износот на исплатениот нето приход.
Платените придонеси за овие исплати не се искажуваат поединечно во "колона 4" од Годишниот извештај (образец “ПДД-ГИ”) за 2015 година.
Начинот на пополнување во “Сумарните податоци за исплатите по видови приходи“ од Годишниот извештај “ПДД-ГИ“ за видот на исплатите 3.4, 3.5, 3.6, 3.7, 3.8 и 3.10 се врши на ист начин како кај поединечните исплати по обврзник.
За информации во врска со начинот на пополнување на Годишниот извештај (образец “ПДД-ГИ”) од исплатувачите кои користеле ослободување од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување по одредбите од член 98 од Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност види соопштение „Насоки за пополнување на годишен извештај (образец “ПДД-ГИ”) за исплатувачи кои се ослободени од плаќање на придонеси по основ на вработување на невработено лице до 29 години“ од 12.01.2015 година (види линк http://www.ujp.gov.mk/mk/javnost/soopstenija/pogledni/487).