Подносителите на пресметки на бруто-плата (работодавач, самовработено лице, индивидуален земјоделец, верско службено лице или државна институција) имаат можност да им бидат отпишани камати на достасани обврски по основ на придонеси од задолжително социјално осигурување кои настанале во периодот од јануари 2009 година заклучно со декември 2014 година.
1) Како се остварува правото на отпишување на камати?
Најдоцна до 31 декември 2015 година, поднесете Барање за отпис на камати на достасани обврски по основ на придонеси од задолжително социјално осигурување за период од 2009-2014“ (образец БОК-ПЗСО/1) до Управата за јавни приходи.
Барањето “БОК-ПЗСО/1“ може да се преземе од веб страницата на УЈП http://www.ujp.gov.mk/mk/obrasci/opis/163
2) Кој може да поднесе барање за отпис на камати?
Барање за отпис на камати може да поднесе секој обврзник за пресметка и уплата на придонесите (работодавач, самовработено лице, индивидуален земјоделец, верско службено лице или државна институција), кој има камати по основ на достасани обврски за придонеси од задолжително социјално осигурување, кои:
- Настанале во периодот од јануари 2009 година заклучно со декември 2014 година, односно кои произлегуваат од месечни пресметки на бруто-плата (МПИН) за период најрано од јануари 2009 година, а најдоцна до декември 2014 година; и
- Се утврдени со конечна месечна пресметка на бруто-плата (МПИН); и
- Не се платени на денот на поднесување на барањето.
3) Кои услови треба да ги исполнам за да го остварам правото на отпишување на камати?
Подносителот на барањето има право на отпишување на каматите за придонесите од задолжително социјално осигурување, доколку нема заостанати обврски по основ на придонеси од задолжително пензиско и инвалидско осигурување и/или здравствено осигурување кои настанале заклучно со декември 2008 година или има обврски по овој основ, но поднесено е барање за отпишување на камати за тој период согласно со овој закон.
4) Кои услови треба да ги исполнам за да се изврши отпишување на каматите за придонесите?
Отпишување на каматите за придонесите од задолжително социјално осигурување ќе се изврши доколку подносителот на барањето БОК-ПЗСО/1:
- Ја исполнил обврската за поднесување и исплата на МПИН пресметките за период од јануари 2015 година заклучно датумот на поднесувањето на барањето;
- Редовно ги исполнува достасаните тековни обврски, односно редовно се поднесени и исплатени МПИН пресметките по датумот на поднесување на барањето;
- Редовно ги исполнува обврските за кои го користи правото за отпишување на камати.
5) Во кои случаи подносителот на барањето може да ги изгуби правото на отпишување на каматите?
Правото на отпишување на камата на заостанатите обврски обврзникот го губи доколку:
- Не ги исполни тековните обврски два месеци последователно, односно не се поднесени и исплатени МПИН пресметките за два последователни месеци; и
- Не ги исполни обврските за кои го користи правото за отпишување на камати два месеци последователно, односно два последователни месеци не изврши исплата на МПИН пресметките за кои е утврдено право на отпишување на камати.
6) Во кој износ ќе се изврши отпишување на каматите, доколку ги исполнам наведените услови?
- 70% од каматата ако исплатата на заостанатите обврски за кои е поднесено барањето ја извршите во рок од 12 месеци од денот на поднесувањето на барањето; и
- 50% камата од каматата ако исплатата на заостанатите обврски за кои е поднесено барањето ја извршите во рок од 24 месеци од денот на поднесувањето на барањето.
7) Дали можам да го остварам правото на отпишување на камати доколку за заостанатите обврски се води постапка на присилна наплата?
Правото на отпишување на камати може да го остварите и за обврските за камата кои се во постапка на присилна наплата.
8) Како ќе ми биде спроведено правото на отпишување на камати?
За утврдување на правото на отпишување на камати, од страна на Управата за јавни приходи ќе биде донесено Известување за користење на право на отпишување на камати за заостанати обврски за придонеси, со кое ви се утврдува ова право.
После целосното плаќање на обврските за придонеси за кои е утврдено ова право, ќе се изврши пресметувањето на камата за задоцнето плаќање на заостанатите обврски за кои е поднесено барањето, утврдување на износот на камата за отпис во зависност од тоа во кој рок после поднесување на барањето е извршено плаќање на обврските, како и износот на камата за уплата.
По уплата на делот од каматата која не се отпишува, ќе се одреди процентот на камата што треба да се отпише.
Правото на отпишување на камати се утврдува со решение од Управата за јавни приходи по целосната исплата на заостанатите обврски за кои е поднесено барање и по извршена уплата на делот од каматата која не се отпишува.