Управата за јавни приходи е изненадена од барањата и најавените протести на пазарџиите во Битола против нивната регистрација како даночни обврзници. И покрај позитивниот одговор на сите барања на пазарџиите, сега истите бараат од УЈП да не плаќаат никаков данок, односно воопшто да не се регистрираат како даночни обврзници.
Со цел да не се доведе во заблуда јавноста и за да не се манипулираат пазарџиите, потенцираме дека со паушалниот начин на оданочување во УЈП, пазарџиите не само што нема да имаат трошоци за регистрација, туку и се ослободени од обврската за водење на сметководство и за фискализација.
Поттикнувањето на сива економија и барањата за неплаќање на даноци се штетни и се косат со уставниот принцип според кој - секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки на начин утврден со закон. Во овој случај тоа е Законот за персоналниот данок на доход.