Etax
Физички лица Правни лица Меѓународни организации
Пребарување на даночни
обврзници
Внесете назив, седиште, единствен даночен број (ЕДБ) или матичен број (МБ) на даночниот обврзник
П
В
С
Ч
П
С
Н
1 2 3 4 5 6 7
8 9 10 11 12 13 14
15 16 17 18 19 20 21
22 23 24 25 26 27 28
29 30 31        
Recnik
Црвенковски не плаќа данок за фамозниот стан од 60 квадрати
27.04.2007

За Фокус, 27.04.2007 година
Новинар: Мирка Велиновска


ФОКУС: Кога човек слуша, чита, гледа како функционираат институциите, како се применуваат законите, стекнува впечаток дека Македонија е прилично неспастрена и дека е далеку од целта да стане правна држава. Еден од параметрите по кои се ценат состојбите во одредена земја е даночната дисциплина. Дали, од позицијата на која сте, имате јасна претстава колку време ќе треба за Македонија да стане правна држава?

ТРАЈКОВСКИ:
Прво, ако се сака, се може. Може дури да се постават и рокови и агенди, под услов тие на вистински начин да се поткрепени со пари. Значи, нужно е Управата да не биде доживеана како буџетски корисник кој троши “народни пари”. Напротив, Управата секој денар вложен во неа го враќа десеткратно и мислам дека тоа е јасно како ден. Тоа е така секаде во светот. Значи, да бидам конкретен: Почнувајќи од овој момент, со овие чекори кои се преземаат, со оваа буџетска политика на поддршка и странска помош што ја имаме, три години се доволно за земјава да биде доживувана како правна држава пред сите други од сопствените граѓани. Се разбира доколку паралелно не следат и другите институции, првенствено Катастарот и МВР заради евиденциите кои што ги имаат. Таму, имено секој од нас има матичен број, секое бозило, чамец, мотор, значи, сиот подвижен имот е регистриран. Ако  создадеме квалитетна база на податоци, а три години се доволни тие да се прочистат и да се каже: Е, ова е официјална база на податоци, и ако впарат тие бази на податоци, а да се има предвид заштитата на лични податоци со кои нема да може некој службеник од Управата или МВР да манипулира, за да рекетира, уценува, тогаш сме го пречекориле прагот и државата може да се дефинира како правна.

ФОКУС: Даночниците во такви земји се страва и ужас службеници кои слепо применуваат закон и од кои цело општество има уплав. Кај нас, со смена на власта, работата на УЈП редовно се опсервира како политички оркестрирана, селективна и во правец на вршење притисок врз опонентите.

ТРАЈКОВСКИ: Тоа се случува кога ќе настане спрега помеѓу политиката и државните институции и, особено ако постојат дупки во законската регулатива. Во ова време најскапоцена е информацијата. Таа може да биде злоупотребена ако законски не е утврдено што и до каде даночникот може да го интересира за одреден човек. За Мирка Велиновска јас како даночник имам право да знам со колкав имот располага, колку приходи има и дали уредно ги исполнува обврските. Надвор од тоа, за Мирка Велиновска намам право да знам други податоци, зашто ќе може да ги злоупотребам. Исто така, некој во МВР може да знае МБ на Горан Трајковски, да знае дали е осудуван или не, и толку. Тој не смее да знае, на пример, дали јас должам данок. Оти ако знае, тој со инструментариумот што го има како припадник на МВР, може да ми прати абер дека, на пример, должам 200 илјади денари данок и за тоа може да бидам прекршочно или кривично гонет, а ете, ако му платам рекет, може да ми ја смени судбината. Така почнува рекетарењето, мешетарењето. Но, сега постои Закон за заштита на лични податоци, не знам само дали е на ниво на Дирекција или Агенција,хо, во секој случај, со овој закон прецизно се знае кој службеник до кое ниво на информација може да стигне.


УЈП Е ИСТОШТЕНА ОД “РЕФОРМИ”

ФОКУС: Рековте дека за ефикасна даночна ѕправа е нужно да имаме среден Катастар. Може ли да се случи доцнењето на реформите во Катастарот, со оглед на несреденоста во таа институција, да се одразат на ефикасноста на УЈП.

ТРАЈКОВСКИ: И двата органа се во реформа ама јас за реформи во Управата не сакам да зборувам затоа што таа е премногу “реформирана” и страда од тие “реформи”. На секои 6 месеци правевме нови реформи и со тоа ги истоштувавме вработените во Управата, ги уморивме со систематизации и со звања. Стравот од губење на работното место стана главна преокупација, а кој службеник што е под таков стрес може да си ја работи квалитетно работата. Управата е реформирана и сите знаеме што е УЈП и каква треба да биде, само треба да се модернизира. Тоа значи квалитетен софтвер и квалитетни процедури.

ФОКУС: Македонија има многу дивоградби. Две третини од државата практично ни е неуреден-од приватни објекти до институционални се формално правно нелегални. Собира ли УЈП даноци по ова основа?

ТРАЈКОВСКИ: Да. Со тоа што во моментов, ние како Управа, не сме надлежни за собирање на тие даноци, туку локалната самоуправа. УЈП тоа го прави во оние случаи каде што, согласно законот и доколку имаме склучено таков договор со некоја општина, во нејзино име ги собираме даноците по тој основ.

ФОКУС: Дали на таков начин УЈП пере раце од жешкиот костен? Дали даночната сфера на локално ниво на секои избори може да се претвора во поле за изигрување на законите?

ТРАЈКОВСКИ: Не переме раце, туку самиот закон кажува дека тоа е во надлежност локалната самоуправа. Ние во секој момент подаваме рака на онаа општина која ќе оцени дека нема доволно капацитети да ја реализира наплатата, нема механизми, нама можност да вработи доволно луѓе, нема соодбетни знаења. Едно е внатре желбата на општината, да си ги обезбеди приходите, а нема капацитет, и тогаш УЈП склучува договор со општината – ние во име и на сметка на општината ја вршиме дејноста, утврдуваме и наплатуваме. Друго е кога некој преку партиската боја ќе почне да гради дневна политика или предизборна концепција за популарност преку даноците. Тој, по дефиниција, е губитник.

ФОКУС: Македонија во изминатите транзициони години наместо да креира функционален систем кој ќе ја направи високорегулирана правна држава, создаде царство на сивата економија во која главен “регулатор” е кешовината од рака на рака, непријавување на реалните приходи, пари во душек. Постои ли реална можност УЈП да ги извлече на светлост тие пари и таквите прекршители?

ТРАЈКОВСКИ: Ова би го поделил на две прашања. Кога се зборува за должник тоа значи за евидентиран даночен обврзник кој не ги исполнува обврските во целост, од икс причини – од неправилност или незаконитост. Неправилност значи дека пропуштил некое дејствие, а незаконитост е дека свесно не сакал да плати. Она другото е чиста сива економија. Фактички, во даночното право се категоризира како црна економија, оти не постои сива зона кај даноците. Или плаќаш и си даночен обврзник или не плаќаш. Најпрво, ние во Управата конечно ја разбивме фамата и, сега се знае дека ние мора да се впуштиме во потрага по оние кои остваруваат промет и генерираат надвор од системот. Со сите измени кои што ги направивме, пред се во Законот за даночна постапка, УЈП веќе не разликувеа физичко или правно лице, бршител или невршител на дејност. Секое сознание дека некој врши дејност преку која остварува приходи, за нас е доволно за тој некој да го сметаме за даночен обврзник и да го оданочиме.


НЕМА ВЕЌЕ ТАЈНИ

ФОКУС: Како ќе го откриете тој сив субјект? По пат на јавно пуштена гласина, преку објавена шпекулација во медиум? Како може да се исконтролира некој кој што е надвор од систем? На пример, имаме некој угледен доктор со регулиран статус и евидентиран како даночен обврзник. Ама, тој угледен доктор дневно си кешира од своите пациенти извесни суми кои не се евидентирани. Вие знаете дека, со уредно утврдена плата и други пријавени приходи, не можеда си го дозволи луксузниот животен стил, па сепак, докторот има се, а всушност тоа се' е на бабата, на сопругата, на братот на сопругата, на некој комшија. Како УЈП може да се справи со ваков вид на криминал за кој политичките партии и медиумите покажуваат благонаклоност?

ТРАЈКОВСКИ: Тука се многу важни сознанијата. Од една страна постапката е многу проста, ама, поради системски недостатоци, е малку долга. Тоа е таа контрадикторност која мора да се пегла. Официјалните примања се оние кои се поминати преку платен промет. Ќе се повика лицето да ги презентира своите примања, по основа на плата, на авторски договор, хонорари и, ќе се види колкав е приходот. Се знае колку чини просечната потрошувачка кошничка, односно колку чини да одржуваш квалитетен живот. Од друга страна, се проверува кога е стекнат и колкава е вредноста на имотот. Секоја разлика која што не соодветствува е подложна на даночна санкција. Ако на пример јас имам 100 илјади евра примања на гидишно ниво, а под услов да не јадам, да не трошам ни струја, ни за телефон, а притоа, имам таа година стекнато имот за 200 илјади евра, се знае каква разврска следи.

ФОКУС: Од каде знаете дека имам имот од 200.000 евра? Може би е на братот на сопругот?

ТРАЈКОВСКИ: Законот е тука јасен и многу е убаво уредено кои се членови на семејството.

ФОКУС: Да, ама може да сум го прифатила на некој пензионер како Милановски. А тој нема поим дека во штедна книшка му легнале 200.000 евра!

ТРАЈКОВСКИ: Е, па, видовме што се случи со пензионерот и тие што играа на негово име. Друго, атрактивните имоти не се играат многу странично, онаму каде што нема сигурни релации. Таков имот се врти во строго определен круг во кој се сопруг, сопруга, деца, брат или сестра. Но, согласно законот, сите тие се во кругот на оданочување и сознанието за нелегална активност им стои над глава. Под страв за извршување на казна, каде слободата и здравјето се во игра, богами, човек три пати ќе размисли дали да се впушти во таков потфат. Како кога на човек му е загрозено здравјето. Не ти помага тоа што имаш брат, сестра, жена, деца. Едноставно, ти си тој што одиш на лекар. Така и кај имотот.Ако не е на тој кој што сме го пикирале, а испаѓа дека е на брат му, ќе го поставиме истото прашање - од каде ви е господине овој имот? Е, во тој случај, клопчето почнува да се одмотува, затоа што никој не сака да лежи во затвор за слободата на братот.

ФОКУС: Ако сивите пари не се така лесно видливи, на пример, ако се претвораат во накит, можно ли е оданочување?

ТРАЈКОВСКИ: Се што е материјализирано, дали е накит или уметнички дела, се што може да се процени или квалификува како имот, е предмет на постапка, значи, имаме постапка за процена на потекло на имот. Најопасна категорија на пари се оние кои се чуваат под перница. Но, и тука има една квака. Те чешаат во даден момент, па сакаш да ги искиваш, да ги ставиш во функција. Или се затворени некаде на сигурно, ама пустото, не можеш да ги користиш. Тогаш фрустрацијата е голема и прашање е на време кога тие пари ќе излезат, дали на берза или во нешто друго. Ако пак, овие неприкажани пари станат наследство на децата, за родителскиот криминал ќе платат децата.

ФОКУС: Како ќе ги оданочувате пеачите - естрадните уметници – кои за кеш пеат по цел свет, меѓу диаспората, по свадби, кафеани, а богами почнаа и на изборните кампањи за партиите? Ги пријавуваат ли тие своите приходи? Или отвараат нерезидентни сметки?

ТРАЈКОВСКИ:
Што да ви кажам, освен дека се е уредено со Закон. Прашање е колку законот бил испочитуван. За мене на пример е горчлива тема персоналниот данок на доход. Освен што сме го третирале со посебно внимание во делот на платите, значи, дали некоја фирма исплатила плата на своите вработени и дали платила персоналец и придонеси, ние во УЈП многу малку внимание сме посветиле на оваа категорија. Сепак, оваа година имаме преседан. Од 1994 година наваму, кога е воведена обврската за поднесување годишна даночна пријава, првпат ни се случува масовност. Колку само за паралела, за 2005 година на ниво на Скопје беа поднесени 9.600 пријави. За 2006 веќе се поднесени 22.000 пријави, што е речиси тројно зголемување. Ако ги тргнеме на страна сите занаетчии, кај онаа друга категорија граѓани  кои работат како професори, пејачи, новинари, режисери, за првпат оваа година се случува феноменот на поднесени годишни даночни пријави.


УСТАВНИОТ СУД НИ ЈА ЗАБАВИ РАБОТАТА

ФОКУС: Можеби стравот дека ќе им се навртите на угледните професори ги предизвика ЛДП на прес конференција да настапат како јасновидци и да предвидат дека цел на напад ќе биде образованието.

ТРАЈКОВСКИ:
Можеби, но никој не треба да има дилема дека ние во УЈП ќе им се навртиме на сите категории. Нас не не интересира сферата или фелата, туку оние кои го кршат законите, односно не плаќаат данок. Значи не велиме овој е професор или доктор или новинар или владика, па, за него законот не важи. Туку, некој Петар Петревски кој е свештеник или новинар или пеач, не платил данок, затаил имот.

ФОКУС: Вие говорите за еднаквост пред законот што е уставна категорија. Но, јас како граѓанин сум навредена од фактот дека ВИП криминалецот, кој си игра мајтап со државата и не ги почитува законите, е заштитен од одредени институции. Како со законот на потенцијалниот престапник, всушност, му се нарушувале човековите права и загарантираната еднаквост пред Уставот. Некои граѓани, без оглед дали воопшто можат да се прехранат, си ги подмируваат обврските кон државата и тие не се институционално привилегирани. За нив Уставниот суд не се покренува, наспроти овие другиве. Па, во таков случај не е ни чудно што многу луѓе ја чувствуваат државата како легитимен непријател.

ТРАЈКОВСКИ: Ова за мене е малку неблагодарна позиција. Ако зборувам како даночник, тоа е еден муабет. Ако зборувам како Горан Трајковски, физичко лице во приватно својсвово е сосема друго. Прво, како даночник на смеам да ги коментирам одлуките на Уставниот суд. Одлуката на Уставен суд е таква каква што е и таа мора да се испочитува. Она што ние го правиме како Управа е што бараме брз бајпас. Следниот ден по донесената одлука, седнавме и направивме наши амандмани, измени и дополнувања. И, за да не ризикуваме повторно да бидеме оценувани уставно – неуставно, ние ги препишавме одредбите од Законот за персонален данок од доход. Се што важи за сите граѓани во РМ како постапка за утврдување на вредност на имот, да важи и за функционерите кои се опфатени во законот за спречување на корупција. Тоа е фер и еднаков третман. Она што мене како човек лично ме боли, и можам да го коментирам официјално и неофицијално, е зошто тој закон кој што не е донесен вчера, токму во моментот кога дојдовме до финишот на постапките за спречување на корупција, одеднаш се актуелизираше и Уставниот суд промптно донесе одлука, на 27 јануари оваа година. Каде бил тој Уставен суд, каде биле тие борци за човекови права во моментот кога тој закон бил на јавна расправа, кога бил во собраниска расправа, каде што можело да се види дека на некој ќе му нанесеме неправда. Кога почнаа да фрчат покани по тој основ, кога се отворија анкетните листови, кога им се побара на функционерите да донесат доказ за потекло на имотот, фактури од возила, станови. Уставниот суд почна да ги штити човековите права и слободи преку еден формално правен аспект. Член 36 став 1 не задира во суштината и повторно имаме поим на корупција, случување на корупција, но органот кој што треба да ја верификува корупцијата - да каже има корупција на хартија и треба да донесе решение – е токму тој став 1 му го брише и тој орган има се само нема даночна основица за да каже имаш имот за 100 или за 200-те илијади евра повеќе. Ние ги немаме 200-те илијади евра и знаеме дека има имот, дека не е правилно стекнат, не е оданочен, ама не можеме да кажеме колку вреди!? А имот кој што нема вредност, де факто не постои.

ФОКУС: Општество во кое е инсталиран систем на вип криминал, нормално дека дава силен отпор кон она што сака да му го поремети мирот. Кога тие што го креирале овој амбиент, згора ги контролираат и институциите кои, по правило, би требало да бидат гарант за правна држава, сосема е разбирливо што се измешале лончињата, па, фокусот на јавното внимание се свртува кон невините угледни личности кои станале жртва на ненародна власт. Зошто не им парирате во јавноста на ваквите настапи? Вие излеговте во јавност со интервју каде навестивте цела серија пријави за затајувачи на данок и од тоа не бидна ништо.

ТРАЈКОВСКИ: Даночниците немаат друга варијанта освен да играат на стриктна примена на законот. Даночникот мора да остане ладнокрвен и наполно свесен дека антагонизмот меѓу даночниот обврзник и него како службеник е природна релација. Пресечен период е 27-ми јануари. Во моментот кога ние бевме готови со постапките и можевме да коментираме и аргументирано да излеземе во јавноста, да кажеме, а не да шпекулираме, зашто не можеме вечно да водиме постапка и вечно некого да го држиме во клинч. Се знаеше динамиката и јас не случајно кажав дека до крајот на јануари, без оние 15 дена празници, штом администрацијата почне со работа, излегуваме со финиширани предмети..Е, ама во то тој момент, Службен весник објавува тоа што објавува и се случи тоа што се случува. Арно ама, назад нема. Она што неколку пати го соопштувам во јавноста е дека ние не се откажавме. И одлуката на Уставниот суд и правниот вакум, во моментов, не не спречи да ја тераме работата што ја отпочнавме. Ако Горан Трајковски, како функционер, не можам да го истражувам и да докажам преку одредбите на законот за спречување на корупција, тогаш, Горан Трајковски, како физичко лице, најгрубо кажано, е слободен за отстрел. Го тргнавме тој закон, но, истото лице, бидејќи е гревтој обезбеден доказен материјал да го фрлиме во вода, или да го ставиме ад акта зашто немаме член во закон, зашто Уставниот суд не пресекол, ќе чекаме Собранието да измисли нова топла вода. Си имаме Закон за персонален данок од доход, од член 94 па нагоре. Истиот ефект го дава и 70%, исто ги оданочуваме средствата. Со тоа што сега со законот за персонален данок на доход има две постапки. Има претпостапка во која што врз основа на тие и тие наши сознанија дојдовме до ова и носиме решение со кое што отвараме постапка. Тука има право на приговор, жалба и на правни лекови. Така можат да се “купат” 30 дена додека да дојде странката. А откога ќе ја повикаме за да го докажува потеклото на имотот, со сите документи, тогаш веќе сме влезени во постапка по која следува решение. Таа постапка се води за имот наназад 5 години, според Законот за даночна постапка како лекс специјалис. Многу е тешко да се направи пресечен период. На пример, станот можеби е уплатен 2001 година, а вселен 2003 година. Сигурно парите се стекнати претходно и ние, на индиректен начин, се враќаме и во 1990 година. Трудејќи се да го покаже потеклото на партите, странката всушност, ни го покажува патот на парите.


МЕ ЧУДИ БЕСРАМИЕТО НА УГЛЕДНИТЕ ДАНОЧНИ ЗАБУШАНТИ


ФОКУС: За утврдување на патот на парите во периодов на транзиција, ние имавме формално правно специјализирани институции, па тие не функционираа. Изговорот на бившиот директор на Дирекција за спречување на перење пари беше дека немал законски алатки.

ТРАЈКОВСКИ: Во изминативе години, ние, како генерација, ги имаме потрошено сите возможни кредити и изговори. Можеби не сум ги потрошил јас лично, но, немам образ да излезам и да им кажам на луѓето дека законот не чини, јас не работам она што треба да го работам. Јас тоа ќе го кажам на седница на Влада, ако ме викнат, на колегиум, во Министерството. Но, законот морам да го применам. Нема време за плачење и кукање. Баш ги интересира два милиони македонски граѓани дали ние сме ги имале евидентирано анкетните листови или не. Тие велат дека знаат оти лицето икс има џипови, мерцедеси, станови, и бара да му го симнеме од врат: “Не можам повеќе да го гледам, зашто сум паднал во очите на сопственото семејство и етикетиран сум како неспособен и никаков зашто градам лажен систем на вредности. Во очите на моите деца јас сум неспособен татко, само поради тоа што сум чесен”. И јас, сега, на таа доминантна категорија граѓани, намам право да им се вадам со:”законот не чини, а законот го донесоа 2004 година, па немаше измени во 2005 година, и, ту, бе, срам да им е на овие од СДСМ каква мина ми поставија!” Седи, работи, предлагај измени, оди моли се во Влада, премиерот да ти го стави на дневен ред твојот предлог, јави се во Собрание и кажи:”аман, кога ќе биде 12-та точка, бидете таму”. Во секој случај, работата морам да си ја вршам.

ФОКУС: Фино. Но, не ли ви се чини дека сите ваши активности и законски процедури јавно треба да ги претставите, пред заинтересираните моќници да ја впрегат својата добро подмачкана машинерија за скандализирање на јавноста.

ТРАЈКОВСКИ: Ние можеби лошо ја менаџираме пропагандата, заради тоа што, пред се, јас се наоѓам начело на орган кој, по дефиниција, беше затворен и мистичен. Прво, внатре работиме сами, со сопствените матрици до каде можеме да одиме во јавноста. Се што ќе не прашате, може да се вадиме дека се работи за даночна тајна. Јас се трудам максимално да ја отворам Управата, но, треба и внатре луѓето да се охрабрат дека нема да биде санкциониран и дека нема да му биде земено за зло ако каже и посочи дека има проблем. Ќе ви кажам дека УЈП многу реформи помина, некои беа неопходни, а преку некои се внесе многу политика и многу самопрегорни луѓе во Управата кои што цел
работен век го истуркаа овде, едноставно изгореа. Во Управата, до пред 8 месеци, една просторија беше претворена во судница. Дисциплинските комисии во Управата заседаваа практично секој ден. Дали по основ на доцнење, неажурност, сеедно. Важно, вработените чувствуваа пресија дека на втори спрат, во соба 202, заседава дисциплинска комисија и скоро сите вработени поминаа низ тоа – дали некој со опомена, некој со 20%, со 30% од плата и тоа не е случајно. Сепак, се работи за 1.300 луѓе, 1.300 судбини во услов на 400 илјади невработени. И ти му викаш некому зошто си задоцнил три минути? Факт е дека тоа во УЈП се случуваше.

ФОКУС: Имате ли добар и квалитетен состав за да ја врши Управата оваа своја функција? Прашувам заради нарушеност вредносен систем на кој толку долго сме изложени сите ние.

ТРАЈКОВСКИ: Клучен фактор секаде е човекот. Значи, даночниот службеник е клучен фактор во даночната администрација и, на крајот на краиштата, кога е човек во прашање, говориме за субјективна категорија. Тој човек можеби има елан, енергија, но може и да пукне. За да се блокира тој момент на персонална зависност, дека еден процес ќе зависи од овие 5 луѓе или од оние 6 луѓе во УЈП или од сите 1.300 вработени, она што ние во моментов го правиме, е обезбедување на пишан доказ, за да нема бегање. Ги впаруваме податоците. Сите исплати на ниво на РМ ги внесуваме во систем. Во минатото што се правело? Сите ја исполнувале обврската, секој 15-ти во месецот стигнувале пријави, ние ќе ги потврдиме и ќе ги фрлиме во подрум. Колку им е рок на чување? 5 години, а после тоа хартија оди во “Комуна”. Кога ќе ги фрлиш тие купишта во подрум, тие се неупотребливи. Сега луѓето работат во две смени. Прва смена си ја работи работата, а втора смена ги внесува податоците во системот. Истовремено ги имаме сите годишни даночни пријави од граѓани, ги внесуваме и ги класифицираме во 4 категории. Има годишна исплата на име и презиме, има годишна даночна пријава како прв чекор. Втор чекор е дали се точни податоците и тоа го проверуваме. Само така можеме да финишираме на сите овие неверојатни опструкции: Овде законот ни го смениле, овде правна празнина ни се појавила. Но, кај бројките нема ни закон, ни ништо. Бројката е бројка. Дали ти си примил сто илјади денари, некоја фирма ти уплатила толку пари, се се сведува на тоа – или си ги пријавил или не – лага нема! До минатиот петок, беа обработени годишните даночни пријави. Во саботата ги внесовме во системот и веќе имаме сознанија за одредени таргети од естрадата, новинари, уметници, професори. Видовме дека ги нема и дека не поднеле даночна пријава. Прво што ќе направиме, е да го објавиме списокот на неплаќачи, на оние кои имаат приход, а не платиле. Со чиста совест ќе ги објавам. А паралелно, некој ќе си има прекршочна, некој кривична пријава, плус ние ќе му донесеме решение - со 70% данок ќе го оданочиме.

ФОКУС: Ако се појави некоја политичка партија и ве обвини дека тоа е хајка?

ТРАЈКОВСКИ:
Тоа е проблем на таа политичка партија, бидејќи податоците не ги правел Горан Трајковски или не сум отишол јас во штабот на ВМРО-ДПМНЕ па да ги впарувам податоците. Тие се во сопственост на хардверот на УЈП. Утре јас нема да бидам на ова место, ќе дојде било кој и ќе ги види податоците. Само тоа ни е спас и само така луѓето во УЈП се заштитени од јасновидци пред било каква интервенција. Јасно ми е дека ќе се јави некој по било која основа, партиска, роднинска, комшиска и со молба да плати ама да не му се вади во јавност името. Е, ама со вака поставен систем, почнувајќи од мене сите службеници ќе бидат растоварани. Демек, се е убаво брат, пријател, комшија, ама јас можам да сменам час и време, бидејќи системот што УСАИД, експертите на ММФ ни го креираа, го мониторираат. Нема веќе да може како порано со фабриката ”Треска”, штом е во загуба, фабриката гореше и ги сменуваше доказите. Сега, податокот е тука, дури и не дај боже да се случи замјотрес, податоците се префрлени на уште 5 места, па нека паѓа зградата, нека ги крадат комјутерите. Во Прилеп ни украдоа 3 комјутери, ама во моментот кога беа внесувани пријавите за платите, податоците доаѓаат и во Скопје, Струмица, Битола. Па, не можат сите компјутери да ги украдат. Како да се лудисти и си мислат дека генераторот на проблеми е компјутерот. Важно е дека ние ќе ги објавиме како листа на неплаќачи. Па после нека им се смеат колегите на работа, соседите, пријателите - што е колега, немаш пари а ваму член на шест управни одбори, хонорарче ваму, хонорарче онаму.

ФОКУС: Ќе не стресе ли списокот на даночни забушанти со ВИП “потекло”. Демек, да се подготвиме ли на нова тура пискотници дека не сме спремни за правната држава, иако во принцип сме за правна држава?

ТРАЈКОВСКИ:
Колегите меѓу себе си знаат се за хонорарите, за цената што ја бараат и која им се плаќа. Ние преку наш механизам ќе ги отвориме. На пример, најпопуларниот Тоше Проески, можеби најдобро пее, најдобри концерти ќе има. Нека си биде и Павароти ако може, најголем маалски мангуп, ама во поглед на даноците, прво ќе платиш, а после ќе бидеш успешна приказна за момчето што од Крушево дојде и сега има Мерцедес, џип, стан, апартман....

ФОКУС: Овој муабет не ќе го правевме ако бевме во Италија. Таму народната икона, италијанската гордост Софија Лорен беше во затвор за неплатен данок. Кај нас, има да се дигне невидена фрка околу звучните имиња кои стекнале митолошки статус.

ТРАЈКОВСКИ: Тоа не не засега. Но, и тоа како ме погодува изместениот вредносен ракурс со кои ги набљудуваме работите. На пример, факт е дека овде во УЈП водиме постапка за претседателот Бранко Црвенковски и за 160 илјади евра за кои наводи изнесе Лупчо Палевски. И, додека ги чекаме податоците, бркајќи ги тие 160 илјади евра и не знам какви се други сознанија што ги имаме, па додека чекаме меѓународна правна помош, па додека добиваме лубовни писма од соседните држави, мене ми стига лист од даночната администрација на Скопје дека лицето Бранко Црвенковски што е сопственик на тој фамозен стан од 60 квадрати што со години го има во анкетниот лист, не е пријавен во регистарот не данок на имот. Нашиот ценет претседател не плаќа данок на имот. А мојата сосетка со 6 илјади денари пензија, како вистински граѓанин, доаѓа и замолува да си пополни формулар за да може да плати данок. Живеам на Буњаковец и, кога одам да си купам цигари, сите што се над 50 години старост, ме прашуваат зошто не им стигнало решение за данок на имот, прашуваат каде да се обратат. Од друга страна, оние кои немаат и на кои 600 денари им го пореметуваат целиот месечен буџет, водат грижа за своите граѓенски обврски. Во секој случај, за вакви фаци нема да биде ни најмалку пријатно кога ќе добијат покана да повелат да дојдат да се отчетаат пред законот, па кога ќе влезат во неугледно сопче два на два, а таму, службеник посветено шета по комјутерот и прашува: Докторе, што јадете дома?

 


© Управа за јавни приходи на Република Македонија