Etax
Физички лица Правни лица Меѓународни организации
Пребарување на даночни
обврзници
Внесете назив, седиште, единствен даночен број (ЕДБ) или матичен број (МБ) на даночниот обврзник
П
В
С
Ч
П
С
Н
      1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31  
Recnik
Не откривме тајни сметки на Црвенковски
19.04.2008

За Утрински весник, 19.04.2008 година
Новинар: Катица Чангова и Мирче Јовановски


Господине Трајковски, поднесовте ли годишна даночна пријава за персонален данок на доход?

Не. Во 2007 не остварив други приходи, освен плата. Дури и од целиот колегиум на УЈП само една колешка има поднесено таква пријава, таа е за капитална добивка. Не знам дали е тоа за пофалба или за кудење.

Какви се резултатите од поднесените даночни пријави?

Се' уште е рано да се говори за резултатите. Во моментов нив ги обработуваме. Морам да кажам дека поднесените 77 илјади даночни пријави ги надминаа нашите очекувања. Кога ќе се спореди со минатата година соодносот на поднесени годишни даночни пријави е еден спрема четири, што е изненадувачки и за УЈП. Ова покажува дека нашите очекувања и процени за зголемување од 40 отсто во споредба со 2006 биле малку повеќе скромни.

На што се должи ваквиот одѕив, на страв, притисок, на зголемена свест?

Пред се', на зголемената свест. Факт е дека 2007 беше година во духот на персоналниот данок, факт е дека и медиумите имаа голема улога, никогаш даноците не биле позастапени во медиумите. Друго, што е многу битно, минатата година имавме 19.500 годишни даночни пријави, а генериравме 46 илјади решенија. Тоа е најдобрата кампања, на граѓаните им покажавме дека УЈП работи и има податоци. Без многу зборување, покажавме дека некој гледа и дека данокот едноставно треба да се плати. Во сите процедури поврзани со персоналниот данок се бележат импозантни бројки. И со намалена даночна стапка наплативме 5,7 проценти повеќе во споредба со 2006, ги натфрливме најоптимистичките проекции на буџетот, па не случајно имаше два ребаланса во 2007 година.

Дали УЈП успеа да ја задржи наплатата од лани или можеби е во подобра позиција?

За 24 отсто сме подобри во наплата од првото ланско тримесечје, а за 17 проценти во споредба со планираното за 2008. Се наѕира даночен систем што се етаблира иако сме далеку од она што јас го посакувам во даночните приходи. Со најголем процент во наплатата или 54 отсто партиципира ДДВ. Податок што пријатно ме изненади и кажува дека сме на вистинскиот пат е холандскиот пример, еден тежок и комплициран даночен систем. Таму со 27 отсто во вкупните даночни приходи учествува персоналецот, а 26 отсто е ДДВ. Ние сме далеку од тоа, но потребна е подеднаква примена на сите даночни прописи. Се создаваат претпоставки за пониски даноци и поголеми даночни ослободувања. УЈП е тоа што е и Македонија, се' уште не сме полнолетни, но каде и да е ќе бидеме полнолетни. Има премногу простор за да дојдеме до елементарни принципи на реално оданочување.

Спомнавте дека само еден од колегиумот на УЈП поднел даночна пријава. Каква е состојбата кај политичарите, кај јавните личности?

Податоците ќе излезат кон крајот на овој месец и тоа не е случајно. Минатата година малку доцневме поради софтверски недостатоци, но сега може да најавам дека наскоро ќе го отвориме Центарот за обработка на пријави на ниво на Генерална дирекција.

Дали ќе бидат јавни податоците за јавните личности кои несоодветно ги искажале своите примања?

За УЈП, даночното решение претставува јавна исправа достапна за секого, исто како и пресуда на Основен суд, дали станува збор за дрога, педофилија, организиран криминал, јавноста има право да знае што содржи пресудата. И нашите даночни решенија во тој дел се транспарентни. Она што го криеме како даночна тајна е делот на постапката. Онаму каде што ќе утврдиме дека податоците изнесени во ГДП не соодветствуваат позитивно или негативно, со податоците што ние ги имаме обезбедено за тековната година, тука со сигурност излегуваме со имиња и презимиња. На пример, Горан Трајковски пријавил два милиона денари приходи, но УЈП знае дека има 2,2 милиони. Горан Трајковски не ги пријавил приходите и не платил данок, и тоа значи дека ќе биде прозван со име и презиме.

Во јавноста долго време се шпекулираше дека шефот на државата, Бранко Црвенковски, има значителен имот и банкарски сметки во странство. УЈП отвори досие, што откри?

На претседателот на Македонија гледаме како на даночен обврзник. Нас не' интересира дали претседателот има приходи и банкарски сметки. Ние нема да работиме за насловните страници на некои медиуми. Сите шпекулации кои доаѓаа до нас се сомневање. Затоа направивме опсежна активност, истовремено почитувајќи ги процедурите за претседател, кој е лице со имунитет. Од сите поранешни ЈУ-републики добивме информации дека Црвенковски и неговата сопруга немаат имот и банкарски сметки. Чекаме известувања од уште една странска држава. Ако и оттаму стигне негативен одговор, носиме заклучок и постапката се запира. Ако стигне позитивен одговор, постапката продолжува.

Што се случи со приказната за контроверзниот објект „Тифани“ во центарот на Скопје. Има ли можности за вселување на УЈП?

Приказната за „Тифани“ е многу грда. УЈП во моментов не може да дозволи куриозитет да исплати уште 19 милиони денари и да ги земе во владение просториите, затоа што Дирекцијата за големи даночни обврзници не може да се смести во станбен простор. Обврска од основниот договор и од анексите на договорите беше до септември 2007 година продавачот да го предаде тоа за што се дадени пари. Ние го почекавме тој рок и тогаш поведовме постапка пред Јавното правобранителство за да се заштитат интересите на УЈП. Тоа беа насоките на државниот ревизор. Доколку утре продавачот донесе имотен лист каде што ќе стои дека објектот е деловен простор, УЈП има буџетски средства, ќе ги уплати и преостанатите 40 отсто. Тој простор на УЈП и' е потребен. Меѓутоа, да влеземе во објект без статус е несериозно и недозволиво за една институција.

Се пожаливте дека законите се нејасни и дека нема институција која ќе изврши наплата или заплена на имот. Се смени ли нешто на подобро?

Се менува, но бавно. Колку што 2007 беше година на успешни резултати за УЈП, посебно во делот на наплатата на даночните приходи, таа е и година на изгубени можности. Измената на Законот за УЈП беше една година заглавена во собраниска процедура, не беше согледана како висок приоритет и никогаш не дојде на дневен ред. Владата направи неколку тактички чекори, го повлече законот за да го извлече од некоја заостаната седница, за повторно да го достави. Но, Собранието се распушти и нашиот закон извиси. Тоа е огромна испуштена можност за УЈП, но и за цела Македонија.

Обелоденивте повеќе имиња на даночни затајувачи. Кој е на најновиот список?

Минатата година, според Антикорупцискиот закон, се наплатени даноци од градоначалничката Виолета Аларова, од судијката Снежана Попчевска, од директорот на Институти во Клинички центар, Стојмир Петров. Голем дел од постапките според Законот за персонален данок на доход, со 70 отсто оданочување е наплатено. И тоа 8.738.000 денари од Марина Петровска, сопруга на Борче Петровски, од Сретен Костиќ - 2.627.000 денари, потоа 18.927.000 денари од Благој Механџиски. Во моментов тече наплатата за Владо Димов, постапка која траеше подолго поради приговорите. На Белчев, еден од дилерите на „скопско пиво“, утврден му е данок од 65 милиони денари. Има и нови решенија, за Мелиха Панева, цариник, 668.000 илјади денари, за Енвер Малиќи, за кого има голем наод – 52,5 милиони денари, за Бајруш Сејдиу - два милиони евра. Кај сите овие лица постои имот кој е несразмерен на оданочени приходи.

За колку лица потенцијални затајувачи имате податоци. Како ги отворате постапките, на Ваша иницијатива?

За 258 лица. Претпоставени постапки се 194, започнати постапки 64, постапки за кои се водат расправи - 12, запрени постапки со заклучок - 30, а завршени постапки со решение има 26. Системот ги исфрла податоците за пет години наназад. На почеток немавме единица за борба против корупцијата, немаше ниту еден вработен. Само во Генералната дирекција сега се ангажирани 8 лица кои се специјализирани за оваа проблематика, проблематика во која се вклучени и вработени од регионалните дирекции.

Дали имавте некакви реакции на постапките, се соочивте со притисоци, закани?

Обиди постоеле и ќе постојат. Не можам да ги наречам притисоци, туку како обиди за дефокусирање, и тоа од највулгарни до најсофистицирани. Ако се мисли дека Горан Трајковски е проблем на даночна контрола, тоа е многу евтино и наивно. Работата на УЈП и постапките се транспарентни, а колку повеќе луѓе се вклучени, толку сум јас помал фактор за да речам прекинете постапка или почнете постапка против некого. Тоа е мојата најголема заштита. Некој тоа се' уште не може да го разбере. Постојано се мисли на некои фамозни списоци, дека некои невидливи луѓе го работат тоа и со исти методи сакаат да направат притисок.

Дали имате амбиции да влезете во трка за пратеник?

Доволен предизвик ми е професијата даночник.

Вашето име беше споменато во комбинација со некои други за освојување на атрактивната фотелја на Скопје, каде што работевте неодамна?

Точно е дека бев секретар на Град Скопје. А за градоначалничката фотелја немам ниту амбиција, ниту желба.
 

 ...види и текст, извадок од интервјуто со директорот, „Становите на Груевски ги плаќа татко му„ (Утрински весник, 17.04.2008)

 


© Управа за јавни приходи на Република Македонија