Etax
Физички лица Правни лица Меѓународни организации
Пребарување на даночни
обврзници
Внесете назив, седиште, единствен даночен број (ЕДБ) или матичен број (МБ) на даночниот обврзник
П
В
С
Ч
П
С
Н
    1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 31    
Recnik
Амнестиран капитал е само оданочен капитал!
08.11.2007

За Капитал (неделен магазин), 08.11.2007 година
Новинар: Биљана Здравковска


Годинава за прв пат се одржа Балканска даночна конференција, која беше организирана на иницијатива на Управата за јавни приходи (УЈП) во Скопје. Бидејќи станува за прва организирана средба на даночните управуи од земјите од регионот, која беше целта, темата и заклучоите кои произлегоа од оваа конференција?

Не само што за прв пат се одржува во Македонија, туку ова е за прв пат да се одржи конференција на балкански даночни администрации.
Светот веќе станува глобално село, но секогаш треба да се тргне од сопствениот двор. Природни и нормални се економските и бизнис врски со регионот. Тоа се покажува и на полето на работењето на даночните администрации кои имаат многу слични и блиски искуства. Самиот развој и економски подем, зголемената размена на стоки, услуги и идеи тоа го наметнува, бидејќи нормално е бизнисот секогаш да е понапред од администрацијата. Тоа беше една од причините за организирање на една регионална даночна конференција.
Сепак, првичната идеја за одржување на овој настан беше процесот на модернизација на УЈП, што е поддржан од Владата на Холандија, а го спроведува ММФ заедно со Управата. Процес кој трае веќе една година. Бидејќи постигнавме резултати, сметавме дека ова е добар период да се направи една евалуација на она што е направено досега. Покрај сите евалуации кои ги прават ММФ, Светската банка, Владата ..., сакавме да видиме каде сме во споредба со регионалните практики и искуства, дали сме подобри или полоши и дали се движиме во вистинскиот правец.
Меѓудругото, на конференцијата беше ставен акцент и на темите кои сега се актуелни и во Македонија, како персоналниот данок, личното и нелегално богатење на поединци. Премногу е безобразно, од професионален аспект, овие теми да се сведат само на македонско ниво. Многу е нормална регионалната поврзаност, како што е нормално и патот на парите да минува низ регионот. Тоа беше и еден од заклучоците, дека покрај праксата што произлегува од спогодбите за избегнување на двојното оданочување, каде по дефиниција се регулира и размената на податоци, односно проверката на настанатите трансакции, да се иницира еден акт од сите балкански даночни администрации за воспоставување на информации за превенција. Праксата покажува дека кога ние сме во контрола кај некој македонски даночен обврзник и кога ќе сретнеме фактури за плаќања кон други држави, тогаш вообичаено е да упатуваме замолница до другите даночни администрации да ни ги потврдат нашите сомневања и наоди до кои сме дошле. Она со што сите даночни администрации се согласија е дека недостасуваат информации за превенција. Тоа значи да се проследи информацијата во фазата на сознание, пред да настане актот на перење на пари или корупција, за да може системски и регионално да се превенира таков штетен акт.
Превенцијата е многу поделотворна. Можеби тоа не е политички прагматично, бидејќи не се добиваат поени во јавноста за ефикасната борба. Но, превенцијата е далеку покорисна и позначајна. Пораката што во тој случај се праќа до оние центри кои ги прават овие шпекулативни активности е многу посилна. А пораката која сакаме да ја пратиме е дека Балканот не е простор каде некој ќе може брзо, лесно и ефтино да си ги испере своите валкани пари.

Каде е Македонија во споредба со даночните администрации од регионот?

Неблагодарно е јас самиот да дадам оценка каде се наоѓа Управата за јавни приходи во однос на регионот. Тоа може да биде или премногу нескромно или премногу скромно. Факт е дека трендот и потребите се исти во даночните администрации од земјите од регионот. Даночните управи го имаат истиот концепт на организациска поставеност и истиот проблем со човечки ресурси. Затоа и рецептите за модернизација ни се речиси исти. На крајот се се сведува на финансиските капацитети. Тоа е и единствената разлика меѓу даночните управи, односно која даночна управа е повеќе или помалку буџетски поддржана во својата матична земја. Даночната администрација која има поголема буџетска поддршка се развива и модернизира побрзо, затоа што има доволно средства за воведување на нови информатички и технолошки системи, ангажирање на нови и поквалитетни човечки ресурси. Во последниот период се појави еден феномен кој е заеднички за сите даночни управи од регионот, а тоа е дека просекот на старост на вработените во даночните адинстрации од регионот изнесува над 47 години. Податок кој навистина загрижува.

Што всушност опфаќа овој процес на модернизација на Управата за јавни приходи? Како треба да изгледа и да се однесува една модернизирана управа?

Најкратко кажано, идејата за модернизација е, Управата за јавни приходи да биде модел на сите останати институции во јавниот сектор. УЈП по самата природа на работите кои ги извршува има централно место во државата. Каква даночна управа има една држава, односно колку е пософистицирана и со поголеми капацитети, толку и целото опшество е поразвиено. Заради таквата поставеност, Управата зрачи со таква енергија и праќа порака до другите институции да ја пратат. УЈП го обезбедува главниот крвоток , односно приходите без кои не може да функционира државата. Клуч за сите останати реформи во државата. Ова не е само мој личен став, туку и став на сите врвни меѓународни финансиски и економски институции.

Каква би требало да биде улогата на државата во овие процеси на зајакнување на капацитетот на Управата за јавни приходи во борбата против криминалот и даночната евазија?

Практично, тоа значи даночната управа да биде буџетски поддржана од државата.

Што тоа значи во контекст на сегашната поставеност на Управата ја јавни приходи?

Со сета нескромност, ќе кажам дека Управата за јавни приходи мора да се разликува од другите институции. Тоа не значи омаловажување и маргинализација на другите институции. Посебноста и спецификата на Управата произлегува од тежината на задачите кои ги извршува, обемот и квалитетот на информациите кои треба да ги генерира ... Управата за јавни приходи и информациите кои ги генерира се клучни за донесување на квалитетени одлуки.

Колку Управата за јавни приходи има реална независност од извршната власт? На пример, дали можете самостојно и независно да одлучувате како да го трошите Вашиот буџет или да вработите нови кадри?

Управата за јавни приходи е дел од државната управа и нашиот статус е дефиниран и во Законот за Управата за јавни приходи и Законот за организација и работа на органите на државна управа. Што значи, УЈП по ништо не се разликува од останатите државни институции.

Каква е поставеноста на даночните управи во другите земји? Има ли некој успешен концепт за ефикасна независност?


Во некои земји даночните управи се дел од Министерството за финансии, без или со својство на правно лице. Во други пак, се независни институции, под директна надлежност на владите или собранието. Таков е примерот во Бугарија, каде даночната управа е независна институција, која не под надлежност на министерството за финансии.
Докажано е дека колку даночните управи се понезависни од буџетските средства, толку тие се поуспешни и поефикасни.

Фронтот против криминалот е отворен и треба да се издржи

Најавивте голем фронт во борба против криминално и нелегално збогатените. Колку Управата има капацитет да ја истера оваа борба до крај? Веднаш на почетокот бевте обвинет за политичка селективност и користење на “сталинстички” методи?

Кога се отвара еден ваков фронт, многу е битно тој да биде постојан и константен. Токму поради тоа, уште од првиот ден кога се објави тој фронт во Македонија, апелирам тоа да не биде сфатено како акција, бидејќи секоја акција по дефиниција има почеток и крај. На Македонија и е потребен постојан фронт во борбата против криминалот, корупција и неплаќачите на данок. Фронтот е отворен и треба да се издржи. Управата за јавни приходи мора да ги зацементира своите позиции во таа борба. Обвинувањата дека оваа борба е акцијашка, политичка или сталинистичка се нормални и очекувани. Без разлика, кој и да е тој што ја отвора таа борба ќе наиде на истите обвинувања. Она што за мене е најбитно е дека таа борба е широко поддржана од македонската јавност. Апсолутно не ме допираат тврдењата и прозивките кои доаѓаат од политички штабови, невладини организации, експерти, преку медиумите ...

Значи апсурдни би биле прашањата за тоа дали наскоро може да очекуваме да се објават уште звучни имиња од бизнисот и политиката?

Не знам што за кого е звучно име. Упорно, цела година наназад се обидувам да потенцирам дека името е последно нешто до кое доаѓаме во постапката. Сите постапки се засновани на бројки, па потоа се споредуваат единствените матични броеви и дури на крајот доаѓаме до сознание кое лице со кое име и презиме се крие зад тој матичен број. Само така може да се довршат постапките до крај. Ако во постапките одиме со однапред направени списоци на имиња, тие се однапред осудени на неуспех. Во Управата работат 1.300 обични луѓе. Македонија е мала, а и средината ни е таква да ако со некого разговарате половина час, во најмала рака сте сватови. Дури и само 300 лица да имаат некаков допир до тој список на имиња, секогаш ќе се најде некој да каже на некого дека Управата почнува постапка против некое од лицата на тој список. И што добиваме во тој случај? Лицето против кое Управата планира да покрене постапка, бидејќи ќе биде информирано, ќе ги извади сите пари од својата сметка и во случај на присилна наплата ќе наидеме само на празна сметка.
Од овие причини, целта ни е да направиме многу голем јаз помеѓу даночниот оврзник и даночниот службеник. Со тоа Управата и даночниот службеник ќе се заштити од притисоците за корупција. Од друга страна, таму каде што е потребна близина, пример кај даночните услуги, Управата се приближува и се отвара кон клиентите, максимално и транспарентно.

Во контекст на обвинувањата дека употребувате сталинистички методи, дали УЈП следи колку од решенијата и мерките кои ги донесува се во согласност на Уставот и колку од нив се обжалени и паднати на суд?

Интересот на УЈП не завршува само на тоа, да се донесе некое решение и тоа да излезе на крај како лов на вештерки. Основен интерес е тоа решение да опстои во правниот систем. Можеби е премногу рано да се зборува за тоа, бидејќи нема ниту една година откако се донесени првите решенија. По ова прашање, ние уште од почетокот одлучивме Управата да има принципиелен став. А, ако некој сака некому да му наштати и да биде тенденциозен тоа секако дека може да се направи. Но, тоа е само на краток рок.

Колку Македонија како држава е институционално подготвена да се бори против криминалнот и корупцијата? Колку другите институции можат да ве пратат и да бидат ефикасни во оваа борба?

Ако бидеме реални, Управата за јавни приходи многу не отстапува со своите административни капацитети од другите институции, кога станува збор за борба против организираниот криминал и корупција. Истовремено, ниту една држава во светот не е апсолутно подготвена за борба против криминалот. Но, никој не зазема став и нема да каже дека заради недоволната спремност, борбата против корупцијата треба да се одложи. Преку постапките за борба против криминалот, ние го јакнеме и административниот капацитет и знаењето.

Имате ли политички притисоци или притисоци од некои други центри на моќ?

Се уште досега не сум имал директни политички притисоци. Ако сум одел по линија на помал отпор, тогаш многу изјави и прозивки во јавноста сум можел да ги протолкувам како форма на притисок. Вистински притисок врз моето работење и врз мене досега немало. Не би можел да истрпам политички притисок. Во истиот момент кога ќе имам директен политички притисок јас ќе си поднесам оставка и ќе заминам од Управата за јавни приходи. Други облици на притисоци имам во секојдневното работење, но не ме допираат многу. Нивно е да се обидат, мое е да одбијам.

Кој е вашиот став за амнестија на капиталот? Дали државата немаше да биде повеќе во корист ако го применеше овој концепт за временско раскрстување со криминалот?

Ако за амнестијата на капиталот ме прашавте до 2006 година, пред да станам директор на Управата за јавни приходи ќе ви изнесев илјада и еден аргумент во полза на амнестија на капиталот, какви би биле ефектите од ваков чекор, со многу примери од: Русија, Полска, Германија пред големото проширување на Европската Унија. Меѓутоа, сега, на позицијата на која се наоѓам, не можам да сидозволам да ја коментирам амнестијата како концепт. Причината е едноставна, раководам со оперативен орган кој ги спроведува законите. Но, можам да кажам само едно - Амнестиран капитал, е само оданочен капитал!. Дали ќе биде оданочен со стапка од 12%, или 10% или 70% е сосема неважно. Управата го нема тој луксуз да ги одредува даночните стапки, туку само ги спроведува постапките и го оданочува капиталот.


Треба да се докаже дали преку инвестиционите фондови се перат пари

Во изминативе две години се случи вистински бум на Македонската берза. Преку инвестиционите фондови, но и преку други канали влегуваат големи износи на девизи. Во јавноста има тези дека парите кои порано биле вадени во други земји преку офшор фирми сега се враќаат во економијата преку разни инвестицони фонодви или во форма на странски инвестиции. Има ли вистина во тоа?

Тоа треба да се докаже. Tоа не е основна функција на Управата за јавни приходи. Во Македонија постои и работи Дирекција за спречување на перење на пари, каде се следат сите трансфери на пари. Управата постапува по нивните наоди и информации. УЈП ги утврдува и наплатува даноци, и од тој аспект можеме да почнеме и да се заинтересираме за тие пари во оној момент кога ќе се постави прашањето дали тие пари се оданочени или не. Праксата покажува дека обично инвестициони фондови доаѓаат од други земји, најчесто од регионот. Затоа, од многу големо значење е соработката со даночните администрации од регионот, за која зборувавав претходно. Тогаш ние се обраќаме до даночната управа во таа земја за информации дали тие пари се оданочени таму, дали од другата земја се вадат неоправдано за да се пренесат во Македонија и тука да бидат оданочени заради пониските даноци или условно кажано да бидат “испрани”.


Парите се прават во бизнисот, а не во администрацијата


Во Извештајот “Правење бизнис” на Светската банка, каде Македонија беше рангирана како 4-та најреформска земја во светот, најдобро беа оценети токму реформите во даночната сфера? Како лично го доживеавте тоа и што е тоа што од Светската банка беше признаено како успех?


Јас лично тоа го доживеав дека без разлика на сите дневни проблеми и потешкотии треба да се продолжи и да се издржи. Штом ефектите се гледаат само по една година, тогаш сигурно дека тие ефекти подоцна ќе бидат уште поголеми.
На што се должи тоа? Накратко, тоа се должи на доследната примена на законите, и фер и еднаков третман кон сите даночни обврзници. За илустрација ќе го кажам податокот дека сега имаме вратено за 43% повеќе пари по основ на ДДВ во споредба со истиот период лани. Тоа се 50 милиони евра, повеќе пари вратени на компаниите и бизнисот со можност повторно да бидат оплодени.
Парите се прават во бизнисот, а не во администрацијата. Токму од тие причини, управата јасно кажа дека нема да го користи повратот на ДДВ како инструмент за покривање на сопствената неефикасност и навреме ќе го враќа ДДВ-то на компаниите без никакви калкулации. Законскиот рок за поврат на ДДВ-то е 30 дена, но ние ги враќаме парите многу пред тоа. Повратот се прави дури и по седмиот ден, се со цел парите да ги вратиме назад кај компаниите и приватниот сектор, за да можат тие да работат и да прават пари, кои ние повторно ќе ги оданочиме. Верувам дека тоа е најдобра илустрација за причините за добрите резултати од Извештајот “Правење бизнис”.

Откако го презедовте управувањето со УЈП евидентна е поголема отвореност на Управата кон јавноста. Тоа е дел од процесот на модернизација или ваше убедување дека Управата мора да биде поблиска до јавноста за да биде поуспешна?

Отвореноста и транспарентноста на УЈП е нужна за да се симне баукот што за оваа институција постои во јавноста, односно дека Управата е олицетворение на ужасот и стравот, дека мора да ви земе пари, дури и да не сте направиле ништо незаконско. За жал, кај голем дел од јавноста Управата се перцепира како орган на репресија, кој одзема, конфискува, приведува...Основа задача на УЈП е утврдување и наплата на приходи, со сите механизми на редовна и доброволна наплата. Политиката на транспарентност на Управата ја има таа една и единствена цел - да покажеме дека Управата е сервис кој е во функција на економијата и граѓаните.

Со реформите во даночниот систем многу даноци се намалија. Меѓутоа, се потврди дека и покрај намалените даноци постојано расте наплатата на даночни приходи. Како го коментирате тој феномен?

Коментарот е следен. Јас постојано напоменувам дека колку што имаме поширока даночна база, односно колку повеќе го оданочуваме она што треба да се оданочи, толку ќе имаме поголеми приходи во буџетот и простор за порелаксирана даночна политика. Факт е дека за два месеца во Македонија ќе функционира рамна даночна стапка од 10% кај персоналниот данок на доход и данокот на добивка. Исто така, добар дел производи од 18% почнаа да се оданочуваат со повластената стапка од 5%. Простор за уште даночни намалувања постои, но единствен предуслов за тоа е реална даночна база.
Факт е и тоа дека сме биле многу далеку од реалната даночна основица и дека во наплатата на даночните приходи сме се потпирале само на еден мал круг компании. Истовремено, имавме и висок процент на сива економија која според некои истражувања се движеше и до 40% од бруто домашниот производ. Не знам колкав е процентот на сивата економија сега, меѓутоа имам друг податок, кој покажува дека за 40% ни е зголемен опфатот на физички лица кај персоналниот данок на доход. Тоа не се должи на нови вработувања, туку на сите приходи кои можат да се оданочат по било кој основ. И покрај намалувањето на стапките на персоналниот данок на доход од 24%, 18% и 15% на 12% сега имаме наплата, која е поголема во однос на периодот пред да се намалат даночните стапки. Тоа не е ништо друго, туку рамномерно распределување на даночниот товар. Притоа, треба да се земе предвид дека тие приходи се наплатени со многу помалку контроли од порано и со многу поголемо враќање на побаруваниот поврат на ДДВ од компаниите.

Какви се ефектите после воведувањето на Дирекцијата за големи даночни обврзници?

Управата е задоволна од однесувањето и свеста за даночни обврски на големите компании. Дали се задоволи, тие ќе мора да одговорат сами. Ставот на Управата е дека оваа група, од 131 компанија, заслужува посебно внимание и грижа, бидејќи истите учествуваат дури и со 60% во вкупните месечни даночни приходи. Ако се има ова во предвид, тогаш нема двоумење дека тие мора да добијат најдобар третман и да им биде овозможена најдобра и најквалитетена услуга. За да се олесни целиот процес, компаниите имаат пристап до елекстронски даночни услуги, и дури 87% од компаниите кои потпаѓаат под Дирекцијата за големи даночни обврзници ги користат електронските сервиси на УЈП. Тоа е показател за високата доверба која ја имаат компаниите во нас, бидејќи не им треба доказ на хартија за комуникацијата со Управата. 

 


© Управа за јавни приходи на Република Македонија