Etax
Физички лица Правни лица Меѓународни организации
Пребарување на даночни
обврзници
Внесете назив, седиште, единствен даночен број (ЕДБ) или матичен број (МБ) на даночниот обврзник
П
В
С
Ч
П
С
Н
        1 2 3
4 5 6 7 8 9 10
11 12 13 14 15 16 17
18 19 20 21 22 23 24
25 26 27 28 29 30 31
Recnik
СДСМ намерно не го реши случајот„Станови на Груевски“
22.09.2007

За Дневник, 22.09.2007 година
Новинар: Ида Протугер


Исклучително добрата наплата на даноци, со многу повеќе собрани пари во однос на претходните години, овозможи два ребаланса со нагорни корекции кај буџетските приходи. Таа отвори простор Владата да донесе одредени социјални мерки како зголемување на платите и намалување на ДДВ кај лековите, јавниот транспорт, компјутерите. Зголемената наплата според првиот даночник во државава Горан Трајковски не е ефект од намалените даночни стапки, туку тие јавни пари биле тука во Македонија и изминатите години, но немало ефикасен систем да се соберат.

- Истото прашање го постави и шефот на мисијата на ММФ, г-динот Марк Грифиц, на последниот состанок за резултатите од првите шест месеци од годинава. Одговорот на ова прашање е едноставен - систем! Нашата цел е единствена - висок степен на транспарентност, доследна примена на законите и фер и еднаков третман на даночните обврзници. Ние воспоставивме систем, а токму недостигот од системски пристап е причина за неефикасност на нашите институции. Секој треба да си ги знае надлежностите и истите да ги спроведува. Парите што ги наплативме се внатре во Македонија, а зошто претходно не биле собрани тоа е прашање на кое не сакам да одговорам. Не сакам да давам субјективна оценка за да не се сфати дека сакаме нешто да почнуваме од почеток и дека критикуваме се' што било порано. Во УЈП не се смени ништо, работиме со истите ресурси што ги наследивме, дури има одлив на кадар што не може навремено и соодветно да се дополни. Работиме со истиот капацитет, но како што реков, со воспоставен систем.

 

ПЕРСОНАЛЕЦОТ - ПОТЦЕНЕТА КАТЕГОРИЈА ДАНОК

* Оданочувањето со стапка од 70 проценти покрена повеќе полемики. Некои експерти сметаат дека со таа законска опција ќе се пресметувате со опозицијата, односно селективно ќе ја применувате. Други сметаат дека самата одредба е неправедна и не треба да постои. Каков е вашиот став?

- Мојот личен став е дека сега е премногу доцна да се отвора јавна расправа за ова прашање, ако се земе предвид дека на крајот на декември 2005 година се донесени законските измени со оваа одредба, кои стапија во сила на 1 јануари 2006 година. Ако некогаш требало да се дебатира и да се отвора поширока расправа во која ќе се вклучи експертската јавност, тоа било кога измените биле во собраниска процедура. Денес, кога имаме де факто законско решение, полемиката е беспредметна. Ова не е новина. Таквата законска опција е позната во сите законодавства. Се разбира, има специфики во зависност од правниот систем на една држава и можеби во делот на стапките, дали е 50 проценти, 70 или 100 отсто. Тоа е сепак рутинска постапка за утврдување на приходите на едно физичко лице и имотот стекнат од тие приходи, каде што може да се утврди диспропорција дали некој поединец со регуларните приходи што со години наназад ги стекнувал, може да има имот со каков што располага во моментот.

* Но, дали има систем или принцип во изборот на лица чиј имот се проверува?

- УЈП не е политичка институција, а ако некој е политичка фигура, еве тоа сум јас бидејќи ме избира владата како политичко тело верификувано од парламентарното мнозинство. Како поединец ниту сакам ниту имам вештина еден ваков закон да го употребам строго за политички цели. Порано сите ресурси во Управата беа насочени кон наплата на ДДВ, данок што најмногу учествува во вкупните приходи. Персоналецот беше потценета категорија на данок. Во УЈП тече проект за модернизација за кој холандската влада одвои три милиони евра. Многу консултанти работеа со нашите кадри, но ние не чекавме пасивно тие да ни кажат како треба да се работи, туку активно баравме помош во областите за кои ни е најпотребна. Сега ресурсите најмногу се насочени кон ефикасна наплата на персоналниот данок. Можеби е срамно за УЈП, но ние прв пат ги обработивме и внесовме во систем сите годишни исплати на физички лица по сите основи и добивме многу јасна слика за секое физичко лице, колку приходи се остварени во годината на цела територија. Вие можете да бидете вработени во штипска фирма и таму да примате плата, да пишувате колумни во „Дневник“, да остварувате авторски права од објавена книга, да членувате во Управен одбор или да остварите дивиденда како имател на акции. Прв пат сите такви исплати ги внесовме во компјутерскиот систем и ги врзавме со матичен број на граѓанинот. Така што тие информации постоеле, но никој досега не направил база. Ние создадовме системски пристап кон нејзиното величество - информацијата.

* Дали по случаен избор се одредува кој ќе биде предмет на проверка?

- Има три листи. Првата е за лица што вршат самостојна дејност, како што се адвокати, нотари, стоматолози. Втората листа е на сите други физички лица што остваруваат приходи надвор од редовните примања и поднесуваат Годишни даночни пријави (ГДП) и третата листа е за лица што оствариле екстра-приходи, но воопшто не поднесле ГДП. Се оди по тие листи, првите 10 или 50, на пример. Вториот услов се осумте дефинирани критериуми на ризик, кои се составени со помош на странски консултанти. Меѓутоа, бројот на постапките се' уште е мошне мал, многу постапки во моментот течат, некои се мултиплицираат. На пример, се проверува една личност, па се бара патот на парите, кој не' одведува до друга личност, член на потесно семејство или блиско опкружување. Но, има повеќе правосилни решенија, како, на пример, за Владо Димов задолжен со 48 милиони денари, Илија Мицев со 79 милиони денари, Стојан Белчев со 64 милиони денари, Горанчо Лазов со 19 милиони и неговата сопруга Гордана со близу два милиона денари. Судијката Снежана Попчевска со 1,7 милион, градоначланичката Виолета Аларова со шест милиони денари, стилистот Сретен Костиќ со 2,4 милиони денари, Борче Петровски со девет милиони. Сите платија освен Владо Димов за кој течат уште некои постапки со употреба на правни лекови.
 

ПРЕМИЕРСКИТЕ СТАНОВИ СО ЈАВНА ЗАВРШНИЦА

* Актуелно е барањето на опозицијата за одговор дали мајката на премиерот платила данок за становите и се бара потеклото на парите со кои ги купила. Можете ли да го истерате случајот професионално, без да Ви влијае тоа што Груевски ви е практично шеф?

- Да. Попрактично - здравје. Факт е дека претседателот на Владата ми е шеф, односно непосреден претпоставен ми е министерот за финансии, но исто така факт е дека јас немам друг избор освен постапката што почнала да заврши во УЈП. Инсистирам на максимална транспарентност во случајот. Барам постапката да биде законска, да нема импровизација, да се биде максимално флексибилен и либерален кон странката поради тоа што оваа посебна даночна постапка задира во човековите права, слободи и достоинство, а ние тука не сме доволно вешти. И, пред се', клучна е транспарентноста. Не може постапката да ја води еден човек, не може да се води во скриени канцеларии, надвор од работното време. Како за сите, така се води и за посоченото лице. Она што мене ме радува откако се отвори оваа дневнополитичка тема е што УЈП ова прашање го отвори уште пред да стане тема на партиските прес-конференции. Ова прашање е премногу долго експлоатирано, прво од Антикорупциската комисија, па топката се префрли во УЈП. При примопредавањето јас добив таков предмет и можам да обелоденам што е сторено и пред мене затоа што има постапки и датуми, но она што за мене остана ноедговорено прашање е кој во УЈП го водел овој предмет. Предметот е насловен дека се води за Никола Груевски, тогашен шеф на најголемата опозициска партија, но и по една година не можам да откријам кој во УЈП го водел предметот. Не се знае под кој архивски број е, кој ги праќал поканите, кој одговорил, зошто некој водел дејства што воделе кон неуспех на постапката и сега за предмет од крајот на 2004 година јас да го работам во 2007 година и да бидам прозиван од политичка партија за да одговорам за неколку дена. Тоа задоволство веднаш да кажам дека нема да им го дозволам. Таа партија преку парламентарното мнозинство имаше своја влада, која назначуваше директор на УЈП, кој беше висок професионалец, а не го сработија предметот и ми го оставија во наследство. Но, она што го гарантирам е дека тој предмет ќе биде завршен, затоа што веќе се одржани распити, обезбедени се сите докази. Управата ќе донесе управен акт, ќе се произнесе за тој предмет. Гарантирам дека по цена на моја оставка, во моментот кога ќе биде завршен тој предмет, ќе биде презентиран на македонската јавност. Кој сака нека го провери.

* Ви се забележува и што споменувате имиња на луѓе што УЈП ги задолжила со данок уште пред да завршат постапките. Таков беше случајот со естрадните звезди. Дали тука ја штитите тајната на податоците до завршување на постапката?

- Како прв даночник свесен сум дека по природата на нештата сите ми забележуваат. Тоа значи дека УЈП работи добро. Правевме една независна анкета со помош на странски донатори, која беше јавно презентирана и изработувачите ни соопштија дека во еден град инспекторите биле најдобри затоа што степенот на задоволство на даночните обврзници бил најголем. Јас ги прифаќам податоците од таа анкета, но мене како даночник ми даваат сосема друг податок, дека таму нешто не е во ред. Ние имаме неколку закони за наплата на даноците, закон за даночна постапка и закон за УЈП и тие се за нас библија. Во Законот за даночна постапка јасно стои дека лицата и за фирмите за кои се води даночна постапка се предмет на даночна тајна и никој не може да се повика на правото на слободен пристап на информации, а лицата во УЈП се должни да ги чуваат податоците. Но, во оној момент кога даночната постапка ќе заврши и ќе се произнесеме со управен акт, тие информации стануваат јавни. Тоа е исто како пресуда. Имињата што ги посочивме беа објавени со управен број, за нив има донесено управни акти и според законот, тие информации се јавни.


ОДАНОЧЕН ЦЕЛ КАДАР НА ПРАВЕН ФАКУЛТЕТ

* Имаше и информации за проверка на хонорарите на универзитетските професори. Има ли конкретни имиња на затајувачи?

- Конкретни имиња има, но листата е предолга за сите да ги набројувам.

* Особено беше посочен Правниот факултет...

- Целиот Правен факултет е оданочен. Тоа не значи дека тие се затајувачи затоа што има повеќе ситуации. Прво е дали тие решенија за наплата се врз основа на ГДП и дали податоците од пријавите ние сме ги прифатиле, односно дали точно ги прикажале приходите. Во најголем процент, професорите и асистентите од Правен факултет поднесле ГДП. Потоа ние ги проверуваме податоците и ако пријавиле приходи помалку отколку што сме евидентирале, ги задолжуваме до целата сума. И трето е ако воопшто не поднесле ГДП и тогаш може да зборуваме за затајување. На оваа листа со даночни задолжувања не се само професори, туку лица од различни професии, кои за нас се граѓани на Република Македонија. Само за Скопје имаме издадено 58.000 решенија за наплата. Има од најмали суми, дури 50 денари што можеби за некои тоа е нерационално, но јас сметам дека е тоа ажурност и однос кон даночниот обврзник. јас ќе бидам најсреќен кога како Управа ќе генерираме решенија и со нула денари со кои ќе ги известиме обврзниците дека немаат обврска кон државата. Таквиот обврзник ќе си го чува документот и спокојно ќе спие без да се плаши дека некој потоа ќе му дојде да го проверува.

* Во време на претходната власт се откри еден систем на барање нелегален поврат на ДДВ популарно наречен „даночна пирамида“. Имаше повеќе кривични пријави од финансиската полиција, МВР и УЈП. Како се затвори тој случај?

- И името на тој вид затајување е промашено. Од даночен аспект не станува збор за пирамида затоа што ДДВ како систем не може да гради пирамида, туку за даночен синџир. Таквата манипулација секаде во Европа се вика „ДДВ-карусел“ (рингишпил).

Во УЈП имаше 44 предмети, но до денес не ми е јасно како се посочувале фирмите, кој бил системот на работа и што се правело надвор од Управата. Во таа операција несоодветни органи наложувале ДДВ-задолжување. На пример, инспектор од МВР за организиран криминал приведувал, правел контрола и наложувал да се платат 100 милиони денари за ДДВ. Истражен судија ќе изречел притвор, а адвокатот на задолжениот ќе го советувал да ги плати парите. Потоа УЈП добива уплати за ДДВ од лица што никогаш не сме ги задолжиле со данок.

* Што се случи со кривичните пријави од УЈП?

- Кај нас има 44 предмети и за нив се поднесени кривични пријави. Но, поради проблемите што ги посочив, Господ знае што стана со даночната пирамида.


УСТАНОВНИОТ СУД НИ ОДЗЕДЕ БИТНА АЛАТКА

* Антикорупциската комисија поведе 30 постапки за нерегуларности во анкетните листови, а вие утврдивте неправилности кај уште 30. Што се случи со предметите?

- Само што ги задолживме судијката Попчевска и градоначалничката Аларова, со укинувањето на една одредба од Законот за спречувањето на корупцијата ни се одзеде основната алатка за да ја утврдиме даночната основица. Сега ние поведовме постапки за тие предмети според Законот за персонален данок, односно со посебна даночна постапка. Но, таа постапка е подолга и во најдобар случај трае од 90 до 120 дена. 

 


© Управа за јавни приходи на Република Северна Македонија