Etax
Физички лица Правни лица Меѓународни организации
Пребарување на даночни
обврзници
Внесете назив, седиште, единствен даночен број (ЕДБ) или матичен број (МБ) на даночниот обврзник
П
В
С
Ч
П
С
Н
1 2 3 4 5 6 7
8 9 10 11 12 13 14
15 16 17 18 19 20 21
22 23 24 25 26 27 28
29 30          
Recnik
Не ни треба карикирана постапка за „Еврата во шише“
13.04.2011

За Дневник, 13.04.2011 година
Новинар: Валентина Ангеловска


Господине Трајковски, УЈП е еден од главните полначи на државната каса. Каков е трендот на наплата на даноците и дали годинава може да се очекува да се исполнат планираните приходи, особено што во февруари имаше пад на наплатата на ДДВ?

Не би се согласил дека имало пад на наплатата на ДДВ, како што велите, бидејќи бројките го говорат спротивното. Трендот на наплатата на ДДВ од почетокот на оваа година, но и споредено со претходните периоди, е во пораст. Во однос на планираниот износ, наплатени се 5,26 проценти повеќе ДДВ, а споредено со истиот период лани повеќе за 19,87 отсто. Дури и ако ги земеме предвид сите вкрстени анализи за овој данок, ќе го добиеме истиот податок. Овој факт особено е позитивен бидејќи тоа значи дека македонската економија во континуитет не стагнира, туку се движи напред, а знаеме дека токму ДДВ-то е показател за стопанските движења и текови.
Што се однесува до даночните приходи што ги наплаќа УЈП, бројките покажуваат дека имаме стабилни движења во однос на планираното ниво и поместувања нагоре во споредба со минатите години.

Управата за јавни приходи е во центарот на вниманието во врска со случајот „Пајажина“, каде што во неколку наврати се презентираа различни податоци за долгот на фирмите од „Перо Наков“. Од каде таквите различни наоди и која е правата вистина за долгот?

Напротив. УЈП многу внимателно ги изнесуваше податоците за „Перо Наков“. Она на што денес сум сведок говори или за големо незнаење или за свесно манипулирање на јавноста. Едно е даночна основица, а друго е даночен долг. Имено, ако кажам 16 милиони евра вкупен промет, евидентиран или неевидентиран, говорам за даночна основица, од која понатаму произлегуваат даночни задолжувања по различни видови даноци - персоналец, ДДВ и данок на добивка, сосема друга е основицата за задолжителните социјални придонеси за пензиско, здравствено осигурување...

Во врска со обвинувањата за нелегален трансфер на пари од страна на вработен во МПМ, деновиве изјавивте дека УЈП води истрага против две лица. Дали имате поконкретни сознанија во врска со овој случај?

Она што во моментот можам да го кажам, а го изјавив и минатата седмица за т.н. случај „750 илјади евра во шише“, е дека УЈП го испитува потеклото на имотот на две лица, по претходно добиено известување од Управата за перење пари. Постапката за едното лице се води според Законот за спречувањето корупција, а за другото лице според Законот за персоналниот данок. Досега се одржани разговори со лицата, исто така добивме и податоци од странски даночни администрации и врз основа на сите информации со кои располагаме треба да утврдиме дали овие лица располагаат со имот кој е стекнат со оданочени или неоданочени приходи.

„Транспарентност Македонија“ во последниот извештај ги повика надлежните служби што поскоро да го решат овој случај и искажа сомневање дека одложувањето на разрешница може да се протолкува и како своевиден политички рекет врз медиумите што ги издава МПМ. Како ги коментирате ваквите извештаи?

Право на невладините организации е да повикуваат, да пишуваат извештаи... Има факти, процедури, рокови.., а тоа добро го знаат и невладините, а посебно оние што го познаваат даночното право. Кога станува збор за случаи кои се интересни за јавноста нормално е дека сите сакаат деталите да ги дознаат што побрзо. Но тоа не е ниту причина ниту предуслов ние да ја карикираме постапката. Секако дека секој има право на коментар, критика, да испорачува барања.., но она што е најважно за мене е да се говори со аргументи и факти, согласно законот и политичко коректно. Истото прашање може секогаш да биде поставено и во обратен правец. Секоја злоупотреба на вистината и непознавањето факти секогаш им даваат поинаква димензија на настаните.

Бројот на блокирани сметки во стопанството е во пораст, сега ги има околу 100.000. Како се справува УЈП со ваквиот неповолен тренд, особено во поглед на наплатата на побарувањата по основа на даноци?

Причината за 100-те илјади блокирани сметки не е во УЈП и најкомпетентен за одговор на ова прашање е банкарскиот сектор. Фактот дека 90 проценти од даноците во 2010 се доброволно наплатени, што е повеќе за 9 отсто во споредба со 2009 година кога исто така во услови на отежнато економско работење 81 отсто од даночните приходи обврзниците ги уплатиле во законските рокови и доброволно, говори дека ако некој субјект најмалку ги блокира сметките на фирмите и граѓаните, тоа е Управата за јавни приходи.

 


© Управа за јавни приходи на Република Северна Македонија