Etax
Физички лица Правни лица Меѓународни организации
Пребарување на даночни
обврзници
Внесете назив, седиште, единствен даночен број (ЕДБ) или матичен број (МБ) на даночниот обврзник
П
В
С
Ч
П
С
Н
        1 2 3
4 5 6 7 8 9 10
11 12 13 14 15 16 17
18 19 20 21 22 23 24
25 26 27 28 29 30 31
Recnik
Даночна амнестија за валканите пари
20.11.2010

За Дневник, 20.11.2010 година
Новинар: Билјана Крстевска


Второстепена е потребата со даночната амнестија да се наполни буџетот. Примарно прашање е да се зголеми оптекот на легални пари во домашната економија. Тоа е најбитното.

Амнестија за валканите пари и за заштедите во странство на нашите граѓани, за кои државата ставила законска рампа за враќање. Ова е личниот став на првиот даночник Горан Трајковски, кој предлага преку оданочување на овој капитал земјата да си ги прибере парите назад. Политичкиот (не)консензус и политизацијата на даночната амнестија досега биле најголемиот непријател на оваа идеја. Директорот на Управата за јавни приходи, Трајковски, вели дека Германија немала такви дилеми кога пред неколку години им гарантирала на своите граѓани дека нема кривично да ги гони, па оданочувајќи го одлеаниот капитал со 25 отсто, им дозволила да ги вратат парите дома, а со тоа во националната економија собрала милијарди евра.


Долго работите во даночната сфера. Кој е Вашиот личен предлог за мерки со кои преку даночната политика значајно би се подобрила економската состојба во земјава?

Мојот личен предлог е многу радикален. За македонски услови радикален, но за светски многу нормален. На Македонија и' е потребна даночна амнестија на капиталот. Во глобални рамки медиумски најексплоатирана беше даночната амнестија што Владимир Путин ја направи додека беше претседател на Русија. Тој ги повика руските олигарси да ги вратат парите во Русија. Сега гледаме што на економски план постигнува Русија. За македонската јавност, позначајни се европските искуства бидејќи Македонија не смее да отстапи од европската агенда. Обично од незнаење однапред се тврди дека Европа ќе го осуди такво решение во Македонија и дека таквите методи на вонредна наплата на даноци се непопуларни и недозволени. Пред се', не станува збор за вонредно полнење на буџетот. Второстепена е потребата да се наполни буџетот. Примарно прашање е да се зголеми оптекот на легални пари во домашната економија. Тоа е најбитното. Секоја држава легитимно и суверено се' повеќе се залага валутната вредност што е создадена на нејзина територија или што ја поседуваат нејзините резиденти да ја плодоуживаат онаму каде што живеат.

Кој капитал би го вратила даночната амнестија?

Во Македонија пред 90-тите години се остваруваа значајни финансиски текови. Имало крупни, поголеми од денешниве, бизнис-играчи кои правеле многу поголеми профити од сегашниве. Тие пари останаа во банките во Европа. За жал, на мала врата, без никакво медиумско внимание, во 2003-2004 година, кога Петар Гошев беше министер за финансии, се донесе една банална измена во Законот за девизното работење со која се забрани македонските граѓани и компании да имаат заштеди и депозити во странство. Но, не се поведе сметка што со тие што веќе ги имаат. Со една измена, со еден член, направивме криминалци од многу граѓани и фирми, кои де факто имаа сметки во странство. Тоа се Македонци што работеле во странство, таму извршувале функции. Да не заборавиме, Македонија е земја на печалбари. И нив ги правиме криминалци бидејќи, според македонското законодавство, не смеат да поседуваат депозити надвор од Македонија. Но реалноста е друга. Тие поседуваат заштеди надвор и тие пари сега им служат како ликвидна поткрепа на некои други банки што поткрепуваат некои други економии, а не македонската.

За враќање на македонските заштеди од странство треба да ги искористиме довербата во нашите банки и квалитетот што го поседуваат. Прво, треба дома да смогнеме сила и со консензус, без дневна политика и злоупотреби, да донесеме одлука за даночна амнестија. Да се одреди даночната стапка за амнестираниот капитал. Таа може да биде, карикирам, 1, 2, 5 отсто или пропорционална. Тоа би го одлучил законодавецот по јавната дебата за тоа дали македонските заштеди и капитал во странските банки и' требаат на земјава. За да се избегнат недовербата во институциите на државата, стравот дека амнестирањето ќе биде злоупотребено, а поединците санкционирани, би можело пред државата единствено банките да декларираат дека им е трансфериран капитал.

Но амнестијата дефинитивно ќе значи и отворање на вратите за враќање, легализирање на парите одлеани при процесот на транзиција?

Да, но никогаш нема да се вратат сите пари што во тој процес се изнесени. Никогаш не била аргументирана ниту една претпоставка, но се шпекулира дека во тој процес се одлеани од 6 до 15 милијарди евра. Ако од тој приватизациски пакет се вратат во земјава барем 1 милијарда евра, земјава ќе доживее економска преродба.

Какви се европските искуства од даночните амнестирања?

Италија го прави тоа во период од 3 до 4 години. Го спроведе во 2009, па продолжи и годинава. Според Евростат, станува збор за околу 80 милијарди евра, пари што италијанските резиденти, компаниите што ги имале надвор од Италија ги вратиле во домашната економија. Турција, која изненадува со стапката на пораст годинава од 10 до 11 отсто, најде суптилно решение, промовира закон за декларирање на сивата економија и успеа во првите четири месеци од годинава да привлече околу 25 милијарди евра. Тој модел, различно именуван, го спроведуваат 90 отсто од државите-членки на ЕУ и останатите што гравитираат кон Унијата.

Во Бугарија, покрај сите видови амнестии што ги дава претседателот на државата, тој одобрува и финансиска амнестија, а тоа му е овозможено со устав. Германија од 2003 година до 2005 година во најрадикална форма, со изјави за откажување од кривично гонење, изврши амнестија. Амнестираниот капитал се оданочуваше со стапка од 25 отсто. Но, паралелно законски се понуди цела палета на олеснувања и на дисконтирања.

Членките на ЕУ пристапија кон механизми на заедничка надворешна, безбедносна, монетарна, царинска и други унии. Но сите 25 членки имаат максимален суверенитет на полето на даноците и на фискалните политики. Постои внатрешен натпревар за пониски даночни стапки, привлекување на инвестиции, иако станува збор за единствен пазар.

Колку изнесува сега сивата економија во Македонија?

Неодамна еден странски даночен експерт тврдеше дека сивата економија во Македонија е 30 отсто. Тоа е статистички податок за 2007 година, а од денешен аспект депласиран. Иако не постои единствена формула со која ќе се измери сивата економија, концептот на бруто-плата ми дава право да тврдам дека стапката од 30 отсто е намалена за 5 до 8 отсто. Од годинава во даночниот систем ги внесуваме и земјоделците. Со ова очекуваме намалување од дополнителни 5 отсто.

Кој најмногу затајува даноци во Македонија?

Најголемата сива емисија е во услужниот сектор. Неа ја прават сите непријавени, а наплатени ситни занаетчиски поправки на бела техника, молерисување, фризерски услуги...

Богатите не затајуваат данок?

Вистински богатите плаќаат даноци и предвреме, верувале или не. После 20 години транзиција има класа на побогати што сака мирно да спие и да не биде жигосана Конечно, што ќе ви се парите ако не можете да ги покажете.

Во Македонија имаме ментално сиромашни луѓе, генетски предодредени да кукаат, да зборуваат во деминутив. Тие ментално сиромашни луѓе не плаќаат даноци. Такви ментално сиромашни може да сретнете во малиот и во средниот бизнис. Но во големиот веќе ги нема. Не може да бидете во големиот бизнис со таква ментална матрица.

Заклучно со октомври, каква е наплатата на даноците и на придонесите?

Македонија е единствената држава во регионот и пошироко во југоисточна Европа која и во криза има постојан тренд на пораст на наплата на даноци. Кога зборуваме за отежната наплата, тогаш станува збор за паѓање на прагот на доброволната усогласеност. Имавме највисок праг на доброволна усогласеност во европски рамки од 90-ина проценти доброволно плаќање. Сега тој падна на 85-86 проценти. Тоа за нас значеше изнаоѓање дополнителни ангажмани и нови модуси на наплата на даноците. Мислам на со закон дозволените репрограми, полабави гаранции, поголема флексибилност за пролонгирање на доспеаноста на обврските, со цел стопанството да ги плати обврските во иднина.

Најголемите негативни пикови годинава ги имавме во февруари и во март. Тоа беше најголемиот удар од почетокот на кризата. Од јули, па до октомври, покрај тоа што успеавме да ги исполниме месечните проекции за наплата на Данокот на додадена вредност, Данокот на добивка и персоналниот данок, постигнавме да ги пополниме и празнините што се создадоа во негативниот пик. Кај данокот на добивка и кај персоналецот во октомври има исполнување од над 100 отсто. ДДВ во октомври е наплатен со 1 до 2 отсто под проекцијата. До октомври годинава остварен е вкупен даночен приход од околу 666 милиони евра, што е пораст од 4,4 отсто во споредба со приходите од истиот период лани. Ако продолжи овој тренд, ќе се исполни зацртаното со ребалансот на буџетот.

Значи, сепак УЈП притиснала повеќе за да има толку добра наплата?

Даноците секогаш се наплаќаат со притискање. Не само во Македонија, таква е практиката и во поразвиените европски економии. Сепак, ние имаме висок степен на доброволна наплата, повисок од Германија, Франција и од Италија, држави од Г-20. Вечен стремеж е наплатата на даноците да се сведе на ниво на сервис, а по малку и на борба.

Дали годинава, споредено со други години, почесто ги користевте присилната наплата и казните за задоцнето пријавување и плаќање даноци?

Даноците не се наплаќаат со казнување. Се' што претходно набројав е во рамки на доброволна усогласеност. Но наплатата од инспекциски надзор и присилната наплата не влегуваат во претходниве трендови. Ако дојдеме до ефектите на инспекцискиот надзор и присилната наплата, исто така може да зборуваме за нагорни трендови специфични за секоја област.

Колку изнесува сега заостанатиот долг за даноци?

Долгот од 1994 година, од формирањето на УЈП, изнесува 20 милијарди денари. Овој баласт е од неуспешна приватизација или несреќни стечаи што се' уште траат. „Алумина“ се' уште е жива приказна, „Газела“ се' уште е во стечај, во „Славија“ допрва ќе има кривични решенија. Во ова е и долгот од околу 73 милиони евра, обврски на 58 даночни должници, кои со Законот за плаќањето на рати на даночните долгови на јавните претпријатија и трговски друштва основани од Република Македонија се стекнаа со право за репрограм на долговите кон државата.

 

Присилната наплата ќе заигра и за партиите

Дали со истата исполнителност како кон граѓаните ќе им ги наплатите извршните судски пресуди и на политичките партии и на функционерите?

Ако до нас пристигне извршна судска пресуда за политичка партија, граѓанин или приватна компанија, не може да постапиме поинаку од тоа што е пропишано во Законот. Звучи како гола фраза, но методот на работа е таков што во 99 отсто од случаите не знаеме на кого се однесува предметот. Работиме врз основа на даночен број. Едноставно, системот не дава можност да фаворизирате некого во постапките на наплата.

 


© Управа за јавни приходи на Република Северна Македонија