Etax
Физички лица Правни лица Меѓународни организации
Пребарување на даночни
обврзници
Внесете назив, седиште, единствен даночен број (ЕДБ) или матичен број (МБ) на даночниот обврзник
П
В
С
Ч
П
С
Н
        1 2 3
4 5 6 7 8 9 10
11 12 13 14 15 16 17
18 19 20 21 22 23 24
25 26 27 28 29 30  
Recnik
Заминувам по изборите без оглед кој ќе победи!
25.02.2006

За Вечер, 25.02.2006 година
Новинар: Весна М. Божиновска


Лани имавте зголемена наплата кај сите даноци освен кај персоналецот. Дали сте задоволни од темпото на наплатата, или некаде затаивте?

Годинава, морам да признам, наплатата не е со тој интензитет како што беше лани. Меѓутоа, резултатите се остваруваат сепак според она што е планирано со буџетот, па ќе видиме што ќе се случи до 31 март кога ќе ги имаме завршните сметки. Лани наплатата кај персоналецот е реализирана со 98,55 отсто од планираното, додека кај сите останати даноци реализацијата е над 100 отсто, а кај ДДВ-то дури е и натфрлена од она што беше проектирано.

Најновата "закана" која дојде од УЈП беше за сите оние што остваруваат екстра приходи покрај редовната плата. Парите ќе мора да ги изнесат на виделина најдоцна до 15 идниот месец. Каков е одзивот до сега?

До сега немаме некое значајно поднесувања на пријави, но, знаејќи го нашиот менталитет, сите ќе го чекаат последниот ден. Како и да е, УЈП категорично тврдам кон никого нема да има пардон. Без никаква селективност ќе пристапиме кон оданочување на сите кои остваруваат приходи дополнително, надвор од она што значи плата.

Дали отворената телефонска линија "198" ви ги отвори очите?

Дефинитивно со оваа линија постигнавме големи ефекти. Соработката со граѓаните ни помогна, пред се, во откривањето и санкционирањето на оние што не издаваат фискални сметки, до оние што затајуваат данок како и за коруптивно или недолично однесување на вработените во УЈП. По тој основ имаме изречено многу голем број казни за работници во УЈП, а некои заработија и мерка престанок на работниот однос. На овој начин постигнавме голем степен на фискализација некаде околу 83 отсто, меѓутоа, се уште постои финансиска недисциплина и самиот чин на фискализација не значи издавање на фискална сметка. Дефинитивно, ние не смееме никако релаксирано да го гледаме ова и мора да продолжиме со истиот интензитет се додека граѓаните не сфатат дека со тој чин си го подобруваат сопствениот стандард.

Еден од "најпикантните" закони во последно време беше Законот за даночна постапка што ја разбранува јавноста. Ќе ги гоните ли навистина тетките, стрините, свекрвите, јатрвите сите оние за кои се сомневате дека се инволвирани во затајувањето на данокот на даночниот обврзник?

Со примената на овој закон стартуваме на 1 април. Не е првоаприлска шега туку навистина ќе ги гониме сите кои се збогатиле неосновано од затајувачот на данок. Искуството ни кажува дека намерно се пренесува имот од субјект на субјект за да нема од каде да наплати државата. Доколку дознаеме дека имотот, на пример, е префрлен на свекрвата, имотот има движење. Наместо на свое име данокот го префрла на име на роднини. И сите тие ќе бидат ставени под лупа и тоа наназад за пет години. Првпат во Македонија, сите даночни измамници не ќе можат да го носат и да го кријат стекнатиот имот. Еднаш оваа држава мора да се пресмета со даночните затајувачи, дефинитивно, како што е секаде на Запад.
 
Даночната пирамида иако откриена лани во јуни, и по осум месеци е без епилог. Се добива впечаток во јавноста дека целата работа е без спектакуларни резултати иако се најавуваа звучни имиња?

Имињата од инволвираните во даночната пирамида УЈП нема да ги облодени затоа што тоа сепак е во делот на деловна тајна. Нема никого да именуваме, но никому нема ниту да му простиме. Мене имињата не ми значат ништо и сите ги гледам исто. Никој кој не е осуден не може да биде именуван како виновен. Управата не престана да работи на овој случај, а сега одиме и на најниските затајувачи. Иако на почетокот им дававме приоритет на поголемите суми, сега одиме до самиот крај, до најмалите суми каде што завршиле "краците" од оваа пирамида. Добар дел од откриените случаи веќе имаат завршница. Очекувам идниот месец да падне и првата пресуда за една од пирамидите.

Сепак, барем засега не се откриени милионски суми на затаен данок како што се најавуваше?

Истовремено работевме ние, финансовата полиција, работеше МВР. Делот кој го откри УЈП е некаде над 30 милиони евра. Колку од нив се наплатени не можам да ви одговорам, бидејќи не сум направила таква анализа. Но факт е дека на почетокот имавме голема сума што се наплати од затајувачите кои мислеа дека со тоа ќе бидат ослободени од гонење. Платениот данок не ги амнестира од одговорноста.

Дали имињата на "големите риби" останаа во фиока поради можеби политички или бизнис притисоци?

Ниту ги откривме ниту свесно се кријат имињата на "големите риби". УЈП никого нема да именува се додека нема правосилна судска пресуда. Политички притисоци немам, и да имаше не завршуваа до мене, завршуваа до одредено скалило. Мислам не дозволував да дојдат до мене. Ако станува збор за некаков притисок тогаш тој е за што побрзо да ја дорасчистиме сета оваа работа. И тука постои консензус, мора да признаам, и голема поддршка од сите политички партии. А закани секогаш имало и ќе има од погодената страна, зашто сепак не е сеедно некому да му брцнеш во џебот. Оној што стекнал голем имот со злоупотребата која ја вршел во претходниот период, нормално е дека е засегнат, па ќе се обиде и да се заканува. Искрено, јас лично не се плашам од закани. Не се плашам затоа што кон сите пристапувам многу коректно и чесно.

За јуни најавивте старт на наплатата на даноците по електронски пат. Ќе го испочитувате ли терминот?

Пријавувањето и наплатата на даноците по електронски пат ќе стартува на 15 март. Со помош на УСАИД, успеавме ова да го реализираме многу побрзо од планираниот рок. На почеток тоа ќе го дозволиме на првите 100 плаќачи, поточно 158 кои имаат капацитет и можност за комуникација со Управата. Мојата цел е во иднина секој граѓанин, дури и "најситниот" кој е во можност, кој има знаење и умеење да комуницира по електронски пат наместо да доаѓа, да стои по шалтери и да биде некогаш недостојно пречекан од кој било вработен.

До каде сте со отворањето на Канцеларијата за стоте најголеми плаќачи на даноци?

Во согласност со аранжманот со ММФ канцеларијата за стоте најголеми плаќачи, ќе проработи на 1 јули 2006 година. Сите јавни набавки, тендери, она што значи набавка на опрема е во тек.

За нив купивте и убава канцеларија, во просторот "Тифани", преку непосредна спогодба за сума од 800 илјади евра. Јавноста не е доволно убедена зошто одевте во купопродажен договор во "четири очи" за овој објект, со газда кој патем е и член на СДСМ?

Постои законска основа за непосредна спогодба затоа што деловен простор не може да се купи на тендер. И покрај тоа што јас немав обврска, прибрав три понуди од централното градско подрачје. Цените што ми ги понудија беа многу повисоки од оваа што успеавме да ја договоривме - 1400 евра по квадрат за новоизграден простор. Ни на крај памет не ми текна дека тој е член на СДСМ и дека јас тука не смеам да купам. Тоа беше заклучок на колегиумот, ние правевме избор и само ја реализиравме набавката и јас лично мислам дека таа е добра зделка. Ние ја известивме и Антикорупциската комисија ако има нешто против да реагира навреме. До ден-денешен немаме никаков одговор. Бевме принудени да го склучиме договорот ако сакаме да успееме да го запазиме рокот за отворање на канцеларијата за големи даночни обврзници.

Сакате да кажете дека не сте знаеле дека сопственикот на "Тифани" е од редовите на владејачката СДСМ?

Ако речам дека не знаев ќе ве излажам, ако речам знаев исто ќе ве излажам. Јас разговарам со сите други и не ги прашувам каква книшка имаат. Мене ме интересираше исклучиво понудата. Морам да признам дека немав некакви контакти, некакви притисоци, ниту пак јас лично имав нешто со него, дефинитивно дадена е добра понуда, ние таа ја прифативме.

Дали со законот за УЈП очекувате поголема дисциплина кај инспекторите кои најавуваат штрајк доколку не им ги зголемите платите за 50 отсто, не добијат бесплатен паркинг и службени мобилни телефони?

Она што тие ги поставуваат како барање, дури ни јас го немам како директор на УЈП и како функционер. И јас плаќам патарина, плаќам паркинг... Кога одат службно имаат коли, а службени мобилни имаат раковидителите. Зголемувањето на плати во државна администрација не може да се дозволи. Можат да добијат награди и бонуси врз база на изградени критериуми согласно со правилниците, а поголема плата не. Дефинитивно ако работиш во државна служба се знае колку можеш и да земеш. Платата е релативно пристојана за вакви скромни услови што ги има моментално во Македонија.

Значи поголеми плати нема да има?

Никако, а инаку, нека си штрајкуваат. Ако сакаат големи плати нека одат во приватен бизнис. Можноста на државата е толку. Тие имаат сега можност да бидат наградени доколку придонесат за Управата, месечно од 30 до 50 отсто од плата, а за посебни случаи, каде што се изложени на голем ризик и до шест плати. Каде го има тоа? Мислам дека не им одговара воведувањето ред, затоа што од сега натаму не ќе можат така комотно да се однесуваат туку мораат аргументирано да образложат што се случува во 8 часа од нивното работно време.

Наградивте ли некој инспектор со шест плати?
Досега не, затоа што тој правилник сега ќе го имплементираме со новата систематизација. Наградени беа лицата кои работеа во даночната пирамида. Колку ни дозволуваа можностите и колку што можевме толку им дадовме.

Колку инспектори лани поради несовесно работење избркавте од работа?

Избркавме пет вработени од кои тројца инспектори. Причината најчесто е во злоупотребата на службената должност и нанесување штета на Буџетот на РМ. Но, има казни и за мито и корупција. Конкретно едниот случај на избркан инспектор беше за тоа што тој во исто време беше и советник на даночниот обврзник и го советуваше како да ги злоупотреби парите. Лани казнивме и 16 вработени за несовесно работење со парични казни од 10 до 30 отсто од платата.

Две финансиски контроли во "Фершпед" покажаа дека менаџерите незаконски го приватизирале претпријатието. Последната ја правеше УЈП и таа ги демантираше овие наоди. Антикорупционерите пак ја отфрлија оваа контрола. До каде е случајот Фершпед?

Јас не можам да одговорам на мислењето на Антикорупциската комисија. Зад последниот извештај, којшто го изготви УЈП, стоиме ние. Немаше претходно две контроли, тоа биле некакви контроли кои ги правела МВР во соработка со вработените во УЈП. Буквално се оценети сите документи со кои располага цитираната компанија. Управата и порано и сега стои на комплетно изложеното во последниот записник. Завршниот збор ќе го каже правобранителот и антикорупциската комисија кои ги цени нашите извештаи.

Одделни медиуми пишуваа дека голем број обложувалници во Тетово се отворени без лиценца, а дека инспекторите имаат притисок да не ги "чешлаат" ?

Тоа е чиста дезинформација. Жал ми е кога се дава конотација на политика на одредени региони во земјава. Ние во исто време кога штрајкуваа дуќанџиите во Битола, кога им затворивме 50 објекти, затворивме и околу 44 обложувалници само во Тетово. Дел од нив побараа лиценци, и сите си ја издржаа казната. Побаравме и извештај од обвинителот до каде се постапките. Голем дел се пресудени, голем број се сега со лиценци што е добаро за државата, а акциите и понатаму продолжуваат. Јас сум задоволна како функционира даночното одделение посебно во Тетово и тој регион.

Важите за голем миленик на министерот за финансии Никола Поповски?

Не е точно, не сум ничиј миленик, ниту на министерот, ниту на премиерот. Одлично соработуваме и со директорот на Царината, а тоа што понекогаш во медиумите изјавите ни ги вадат од контекст, не сакам да коментирам. Одлично соработуваме сите како тим и резултатите се заеднички.

Дали Петра Митева по изборите планира да остане на оваа функција?

Не. Подготвена сум да помогнам на секој што ќе ме наследи. Заминувам затоа што премногу вложив и здравствено и временски на сметка на приватниот живот.

Без оглед кој ќе биде победникот на изборите?

Без разлика на победникот.

 


© Управа за јавни приходи на Република Македонија