Директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска и Главниот државен ревизор, Максим Ацевски, заедно со вработени од двете институции во периодот од 18 до 20 Септември остварија работна посета во Република Ерменија каде се сретнаа со високи претставници од Народното собрание, Министерството за финансии, Комитетот за државни приходи и Државната ревизија на Република Ерменија. Работната посета беше организирана од страна на УНДП во РСМ. Со Натија Нацвлишвили постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во Ерменија се разговараше за институционалната поставеност во ревизијата и јавните приходи, дигитализацијата и начинот на кој преку меѓународна соработка и размена на искуства може да се придонесе кон зајакнување на институциите.
Генералниот секретар на Народното Собрание на Ерменија, Давит Аракелјан и претседателот на Постојаната комисија за финансиско-кредитно и буџетски прашања, Геворг Папојан ја запознаа делегацијата за начинот и работата на Собранието и Комисијата и го истакнаа задоволството од Програмата за развој на Обединетите нации која овозможува да се остваруваат вакви работни посети за размена на искуства со цел зајакнување на институциите за да станат поефикасни и автономни тела. Директорката Лукаревска, истакна дека ваквите средби и соработки се од исклучително значење за јакнење на капацитетите на даночната администрација и институционалната поставеност со кои институциите во РСМ, стануваат поефективни, поподготвени за соодветно да ги исполнат своите надлежности.
Продуктивни разговори се водеа и со тимот од национална иновативна лабораторија на УНДП, каде што беа презентирани различни иновативни решенија, кои во соработка со институциите во Ерменија ги имплементираат, особено во областа на даночната усогласеност. Во рамки на посетата, Директорот на Државниот завод за ревизија, Атом Јанјугазајан ја презентираше работата на ревизијата и начинот како ревизиите се спроведуваат во Ерменија, а Лукаревска и заменик директорот на Комитетот за државни приходи на Ерменија, Ашот Мурадјан ги споделија искуствата и најдобрите практики, кои двете даночни администрации ги имплементираат.
Соработката со меѓународните партнери и долгогодишни соработници УНДП продолжуваат и ќе се продлабочат и во иднина со цел градeње современа даночна администрација која ги следи трендовите во даночната сфера.
- Линк за албанска верзија