Даночните обврзници на данокот на добивка и вршители на дејност кои водат деловни книги, доколку во текот на 2025 година имаат средства кои понатаму не можат да се користат, односно се трајно надвор од употреба, а кои имаат нето сметководствена вредност, најдоцна до 31 јануари 2026 година до УЈП потребно е да поднесат:
- Барање согласност за признавање на расход во даночен биланс за данок на добивка (образец „ДД-БС“) eлектронски преку https://etax-fl.ujp.gov.mk
- Барање согласност за признавање на расход од работењето на даночниот обврзник во даночен биланс за данок на доход (образец „ДЛД-БС“) електронски преку https://e-ujp.ujp.gov.mk
Под средства што се трајно надвор од употреба се сметаат:
- средствата што се уништени или оштетени поради виша сила како и од други непредвидливи настани, физичка дотраеност или техничка застареност;
- средствата кои даночниот обврзник повеќе од една година непрекинато не ги користи, а нивното ставање надвор од употреба не е поради поправка или доградба;
- средствата што се во фаза на набавка, а чија набавка, со одлука или со друг акт е откажана или три години едно по друго не се вложуваат средства за довршување на таа набавка, и
- средства кои во последните пет години даночниот обврзник непрекинато ги користи помалку од 30% од нивниот програмиран капацитет.
Барањето ДД-БС и ДЛД-БС се поднесува со цел преостанатата сметководствена вредност на средствата да се амортизира во целина независно од пропишаниот век на траење и таквата амортизација во целина да влезе како признат расход при утврдување на даночната основа за данокот на добивка односно данок на личен доход.
Во прилог на барањето ДД-БС задолжително се поднесува:
- Список на средства кои не можат понатаму да се користат
Во списокот треба да се содржани следните податоци: назив на средството кое се отпишува, инвентарен број, амортизациона група и подгрупа на која средството припаѓа, набавна вредност, исправка на вредност и сегашна вредност на средствата што се отпишуваат со состојба на 31 декември 2025 година.
- Акт со кој се уредува начинот на пресметување на амортизацијата
- Одлука за усвојување на извештајот за попис и евидентирање на утврдените разлики, донесена од органот на управување на друштвото односно од обврзникот кој остварува доход од самостојна дејност
- Изјава дека средствата не можат понатаму да се користат во која се наведува причината поради која истите не може да се користат.
Во изјавата задолжително се наведува причината за неможноста за понатамошно користење.
- уништување или оштетување од виша сила како и од други непредвидливи настани, физичка дотраеност и техничка застареност
- средства кои даночниот обврзник повеќе од една година непрекинато не ги користи, а нивното ставање вон употреба не е поради поправка или доградба
- средствата што се во фаза на набавка, а чија набавка, по одлука или по друг акт, е откажана или три години едно по друго не се вложуваат средства за довршување на таа набавка и
- средства кои во последните пет години даночниот обврзник непрекинато ги користи помалку од 30% од нивниот програмиран капацитет.
За дополнителни информации или поддршка во врска со барањето ДД-БС и ДЛД-БС, може да се обратите до Контакт центарот на УЈП на:
е-пошта: info@ujp.gov.mk
телефон: 0800 33 000; 02 3253 200

