Почитувани,
Денес сме собрани со една јасна порака што нè обединува: чесната даночна служба е темел на стабилна држава и праведно општество.
Токму со таа мисла го одбележуваме празникот на даночните службеници – ден посветен на професијата која е основа за довербата во системот и заштитата на јавните средства.
Овој ден го празнуваме под покровителство на нашиот заштитник Свети Матеј – еден од дванаесетте апостоли и автор на Евангелието според Матеј.Но пред да стане сведок на верата, тој бил бирник – улога што денес најблиску одговара на даночен службеник.
Во времето на Исус, бирниците биле непопуларни, честопати обвинувани за неправда и злоупотреби.
И токму во тој контекст се случува пресвртот на Матеј.
На повикот на Исус: „Следи ме“, тој ја напушта личната корист и се посветува на мисија со поголемо значење.
Тој чекор е симбол на преобразба, нов почеток и избор на исправноста – на вредностите што се столб на секоја јавна служба.
Одлуката на Свети Матеј да го следи патот на правдата и чесноста и денес претставува инспирација за сите нас.Затоа тој се чествува како патрон на сите што работат со јавните финансии – оние кои секојдневно го штитат буџетот, ја зајакнуваат довербата во државниот систем и обезбедуваат фер систем за сите граѓани.
Денес, во Управата за јавни приходи, нашата задача е јасна и одговорна: да обезбедиме фер и ефикасна наплата на даноците, придонесите и другите јавни давачки.
Тоа го постигнуваме преку едноставни и транспарентни постапки и услуги, и преку постојана поддршка за граѓаните и компаниите за точно и навремено исполнување на нивните обврски.
Нашиот пристап е едноставен, но клучен: кога обврзниците имаат точни информации, кога правилата се јасни и транспарентни, кога има насоки и сигурност – доброволната усогласеност расте. А со неа расте и стабилноста на приходите, и стабилноста на целиот систем.
И токму тоа денес можеме да го видиме во бројките.
Нето наплатата на даноците и социјалните придонеси, од почетокот на годината до крајот на октомври достигна 3 милијарди и 600 милиони евра. Тоа е за околу 260 милиони евра повеќе отколку лани.
Во првите десет месеци, имаме раст на даночната нето наплата од над 6%, а кај социјалните придонеси – речиси 10%.
Што ни кажуваат овие бројки? Тие ни го кажуваат најважното: економијата расте, активноста се зголемува, а со тоа растат и приходите.
Тоа е резултат не само на поефикасната работа на УЈП, туку и на поголемата дисциплина и одговорност кај обврзниците.
Системот е стабилен, мерките даваат резултат, и заедно ги движиме приходите кон раст и стабилност.
Доброволната даночна усогласеност и високата даночна дисциплина не се само технички поими. Тие се срцето на принципот: „точен данок во точно време“.
Само со тоа можеме да имаме фер наплата, предвидливост и стабилност на финансите кои овозможуваат јавни добра и услуги за сите граѓани.
Добрата вест е дека трендовите во даночната дисциплина годинава се позитивни.
Се зголемува навременото поднесување на даночните пријави – првиот предуслов за данокот воопшто да стане наплатлив.
Се зголемува и навременото плаќање на обврските, што е основата на стабилниот систем.
На екранот зад мене можете да ги видите клучните показатели:
- Навременото поднесување на ДДВ пријавите за јануари–септември 2025 година изнесува 95%
- Навременото плаќање на ДДВ изнесува 81%.
Според меѓународната ТАДАТ оценска методологија, ова значи највисока А оцена за навремено поднесување на пријавите и висока Б оцена за навремено плаќање.
И уште поважно, овие показатели се подобрени во однос на претходните години, кај навремено поднесување со пораст од 92% во 2024 на 95% во 2025 година и особено кај навременото плаќање, кое од 76% во 2023 и 2024, порасна на 81% во 2025 година.
Што ни кажува ова?
Тоа покажува дека даночната свест кај обврзниците расте.
Тоа покажува дека нашите проактивни мерки функционираат.
УЈП следи, реагира и повикува – секој обврзник да пријави, да плати, да биде одговорен.
Нема подобра иднина без чесна и одговорна сегашност.
А даночната свест започнува со знаење.
Кога обврзниците имаат точни информации, тие имаат помалку грижи, прават помалку грешки и полесно ја исполнуваат својата обврска. Тоа е вистинската основа на доброволната даночна усогласеност.
Во овие десет месеци:
- Преку Инфо линијата обработивме над 20 илјади прашања и барања за техничка поддршка од даночни обврзници.
- Секторот за даноци и услуги издаде 500 писмени одговори за примена на даночната регулатива во конкретни ситуации.
- За првпат, на веб-страницата на УЈП објавивме 260 деперсонализирани прашања и одговори, што беше одлично прифатено од асоцијациите на даночни обврзници и стручната јавност.
Но, не застанавме тука.
Создавме Совет за даночна усогласеност – форум за отворен и конструктивен дијалог помеѓу УЈП и даночните обврзници, коморите, сметководителите, консултантите, адвокатите и другите експерти. Одржавме многу директни средби со бизнис заедницата и стопанските комори и разговаравме со нив од прва рака, отворено и транспарентно.
Во фискалната едукација на млади воведовме нови содржини, дигитален квиз и, за првпат, едукација во основните училишта. Зошто? Затоа што даноците не се само бројки. Даночната свест се гради уште од најрана возраст – преку разбирање, знаење и вредности.
Во рамки на кампањата за напредно советување и поддршка на даночните обврзници, воведовме и функционален, независен механизам за решавање на потенцијални даночни спорови. Формиравме Тело за разгледување на приговори, кое во овие десет месеци разгледа 47 приговори. Со тоа им овозможуваме на обврзниците брзо, фер и навремено решавање на споровите, без долги судски постапки и дополнителни трошоци.
Почитувани, доброволната даночна усогласеност не се постигнува со притисок.
Нашето мото е: „Кооперативно кон заедничката цел“.
Таквиот пристап создава доверба, ја гради даночната свест и поставува стабилни темели за долгорочно одржување на висока даночна усогласеност – во интерес на сите граѓани и целокупниот систем.
Но, не можеме да очекуваме навремено и точно исполнување на даночните обврски, ако претходно не обезбедиме функционални системи, јасни процеси и стабилна техничка поддршка. Затоа уште на почетокот ја признавме реалноста: ИТ системите на УЈП беа запоставени со години – без инвестиции, без соодветно одржување.
Наместо да се криеме зад проблемите, ние почнавме да ги решаваме. Не дозволивме како во минатото предизвиците да бидат изговор за одложување на законските рокови. Нашиот фокус е јасен: граѓаните и фирмите да можат навремено да ги исполнат своите обврски и права.
Во овие десет месеци преземавме конкретни мерки: го зголемивме капацитетот на системите, овозможивме поврзувања без прекини, побрза обработка и постабилно функционирање. На тој начин им помагаме на даночните обврзници полесно да ја завршат својата работа со даноците.
Резултатите од спроведените активности за овие десет месеци говорат сами за себе:
- над 1.750.000 примени и обработени даночни пријави, пресметки и извештаи
- речиси 800 илјади однапред пополнети даночни пријави
- околу 10 илјади обработени барања за даночни олеснувања, за паушално оданочување и сл.
- над 342 илјади донесени даночни решенија и други даночни акти
- речиси 38 илјади издадени потврди и уверенија
- 115 учесници на електронски јавни аукции на запленет имот
- околу 3 милиони и 900 илјади ставки-податоци доставени до Министерството за социјална политика, демографија и млади, Министерството за образование и наука, Министерството за енергетика и други органи, податоци кои овозможуваат доделување на студентски оброк, сместување во домови, утврдување на право на социјални примања и сл.
Даноците функционираат „невидливо“. Овие бројки покажуваат дека секој ден, низ илјадници постапки, УЈП ја овозможува регистрација на обврзниците, утврдување и наплата на обврските, остварување на правата на граѓаните и фирмите.
Сепак, предизвиците не завршуваат со навремено поднесени пријави. Формалната исполнетост на роковите не е доволна. Ако податоците во пријавите не се точни и вистинити, државата губи приходи, а фер конкуренцијата се нарушува.
Свесни сме дека даночната евазија постои и постојано се прилагодува. Затоа УЈП применува холистички пристап во управувањето со даночните ризици – од превентивни и олеснувачки мерки до корективни и репресивни. Фер плаќање данок – тоа не е слоган, тоа е наша акција.
Целта на нашата работа не е „лов на грешки“. Нашата цел е да воспоставиме ред, да го намалиме сивото работење и даночната евазија, да коригираме погрешно даночно однесување и да создадеме трајна промена кон плаќањето даночни обврски.
Илустративен пример е фискализацијата: процесот не завршува со глоба или запечатен локал. Клучно е прикриениот промет да биде пријавен и да се плати данокот што претходно бил избегнат.
Во овие десет месеци:
- Испративме над 150.000 персонализирани пораки од контакт-центарот со потсетување или повик за усогласување.
- Со персонализиран пристап, пораки и советодавни посети опфативме над 4.000 обврзници кај кои се забележани ризици или отстапувања според податоците од пријавите или при вкрстување со податоци од надворешни извори.
Нашиот принцип е јасен:
Информација пред контрола. Превенција пред санкција.
Овие современи, проактивни модели на работа веќе се дел од редовната пракса на УЈП и се јасно препознаени и вреднувани од даночните обврзници.
Така градиме и нов менталитет на даночниот службеник. Не може службеникот да гледа податоци и бројки, а од нив да не „чита” модели на ризично или усогласено однесување. Не може службеникот да гледа докази и факти, а да не „чита” економска суштина. Не само инспекторите и контролорите, секој даночен службеник има улога да ги проценува ризиците, да ги штити даночните приходи, не само да извршува бирократски работи.
Токму затоа што нудиме поддршка и навремена информација, очекуваме одговорно и целосно исполнување на законските обврски. Превенцијата има смисла само ако е придружена со доследна примена на законот. Кога нема усогласување – следуваат мерки. Без исклучок.
Додека едни совесно ја исполнуваат својата обврска, други не можат да „се сокријат“. Законот важи за сите. Секој што избегнува плаќање данок се наоѓа на „списокот“ на УЈП. Контроли, хипотеки, заплени, јавни аукции, гаранции, санкции – УЈП ги користи сите расположливи инструменти за да обезбеди дека парите што му припаѓаат на Буџетот се враќаат во народната каса. Даночната обврска не е избор, туку законска должност.
До септември, преку контролите утврдивме 64 милиони евра дополнителен данок – пораст од над 70% во однос на истиот период минатата година. Изрековме околу 6.300 глоби, речиси трипати повеќе од лани и по број и по износ. Поднесовме 61 кривична пријава за 44 фирми и 64 одговорни лица, за нанесена штета на Буџетот од 13,9 милиони евра.
Секојдневно спроведуваме присилна наплата – залози, блокади, продажба на станови, деловни објекти, возила и машини. Особено значајна е мерката даночна гаранција, со која лично ги задолжуваме основачите и директорите и присилната наплата за неплатениот данок на фирмата ја спроведуваме директно врз нивните лични средства и имот. Оваа година над 770 лица – директори и основачи беа задолжени да ги подмират обврските на нивните компании.
Сите овие мерки имаат една цел: данокот што се должи – да биде платен. И тоа важи за секој даночен обврзник, без исклучок, без компромис и без одложување.
УЈП ќе продолжи доследно да го применува законот, затоа што почитувањето на правилата е основата на правичниот даночен систем.
Нашата работа не завршува само со тековното собирање на даночните приходи. УЈП се соочува со големи предизвици – модернизација на службите, дигитална трансформација и унапредување на институционалните капацитети. Овие процеси се клучни за да изградиме ефикасна и отпорна даночна администрација, која во сите околности ќе обезбеди континуитет на работата и финансиска стабилност на државата.
Економијата и општеството се менуваат и тоа бара нов модел на даночна администрација. Процесите мора да се трансформираат:
- од управување со пријави и обрасци, кон управување со податоци во реално време;
- од рачни и бавни постапки, кон автоматизирани системи;
- од неповрзани софтвери, кон интероперабилни „екосистеми“.
Кога дојдов на директорската позиција, пред една година и четири месеци, наследивме проекти и иницијативи кои со години стоеја „во фиока“, без реален напредок. Денес ситуацијата е поинаква. Конечно има трајни решенија на повидок.
Во тек е финалната фаза на подготовка на техничките спецификации за „е-УЈП“ – нов интегриран даночен систем со редизајнирани процеси. За даночните обврзници тоа ќе значи подобрена стабилност, подобро корисничко искуство и побрзи услуги, а за УЈП – поефикасни процеси, подобра интеграција на податоците, посилен аналитички капацитет и понапредно управување со ризици.
И системот за е-фактура е во напредна фаза – софтверското решение е скоро готово, а за неполни два месеци започнува фазата на тестирање.
Но, додека новиот систем не биде имплементиран, реалните предизвици бараат да делуваме веднаш. Затоа ги подобривме услугите кои даночните обврзници најчесто ги користат:
- Издадовме речиси 6.000 дигитални „е-Уверенија за остварен доход“ – нова целосно дигитална и бесконтактна услуга воведена во февруари годинава.
- Автоматизиравме процес и значително го скративме времето за издавање на „Уверение за состојба на даноци“, и сега сме на чекор до целосно дигитализирање на услугата.
- Го олеснивме процесот на дигитално потпишување даночни документи и сме во постапка на воведување виртуелен ПОС-терминал за плаќање на обврските.
- Направивме спојување на портали за поднесување на даночни пријави заради олеснување на корисничкото искуство и ги подобривме контролите.
Паралелно, за надминување на критичните точки и за јакнење на безбедноста на податоците и инфраструктурата, оваа година реализиравме или се во тек на реализација на склучен договор капитални инвестиции во износ од 2 милиони и 600 илјади евра. Деновиве заврши постапката за јавна набавка на современа опрема, најголемата поединечна инвестиција во историјата на УЈП во вредност од 1 милион и 800 илјади евра. За прв пат се набавува опрема за секундарна локација и за највисоко ниво на безбедност на целокупната ИТ инфраструктура на УЈП.
Сето ова го направивме со јасна цел: да ја изградиме УЈП што ја заслужуваат граѓаните и економијата. Но, за да го постигнеме тоа, клучна е и соработката со нашите партнери, дома и меѓународно.
Кога имаме силен партнер покрај себе, целите се постигнуваат побрзо, поефективно и поквалитетно.
Прв наш партнер е, се разбира, Министерството за финансии. Поддршката од Министерството и министерката Гордана Димитриеска-Кочоска, е од суштинско значење за реализација на стратешките иницијативи на УЈП – од унапредување на даночната администрација и зголемување на усогласеноста, до намалување на сивата економија, мобилизација на приходите и стабилни јавни финансии.
Модернизацијата и дигитализацијата на УЈП истовремено значи модернизација на јавните услуги, намалување на корупцијата, зголемување на правичноста и довербата во системот. Нашите проекти се дел од Владината програма и затоа посебно ја истакнуваме поддршката од претседателот на Владата, проф. д-р Христијан Мицкоски – поддршка која ја разбираме како обврска за целосна посветеност и резултати.
Соработката со меѓународните партнери Америчкиот трезор, Шведската даночна администрација, ММФ Фискалниот оддел, УНДП и други е еднакво важна. Нивната експертиза и техничка поддршка ни овозможуваат да ги примениме најдобрите практики и да одиме чекор напред во модернизацијата. Заедно со нив не учиме, туку создаваме резултати.
Паралелно, УЈП ја прошири и сопствената улога на меѓународната сцена. Оваа година станавме членка на Извршниот комитет на Интернационалната организација на даночни администрации IOTA, што е силно признание за нашата работа. Исто така, УЈП беше ко-домаќин на два меѓународни настани.
Но, тука е клучниот момент: ниеден партнер, ниедна технологија, ниедна реформа не може да биде успешна без луѓето што стојат зад неа. Нашиот систем не може да функционира без оние што секој ден го движат – даночните службеници.
Вие сте нашата најсилна основа. Вашата експертиза, трудољубивост и одговорност ја прават организацијата стабилна. Заедно покажавме дека професионалноста, знаењето и посветеноста носат резултати кои никој не може да ги оспори.
Сепак, не бегаме од реалноста. Сите знаеме дека се наоѓаме во тежок период. Поединечни случаи на сомнежи и противправни дела на поединци го нарушуваат угледот на целата организација.
Во ваков комплексен амбиент, нашата улога е да покажеме дека УЈП не се ниша од секој ветар, туку стои стабилно на вредности – интегритет, професионалност, правичност – и не отстапува од нив.
Секој што постапил противзаконски, секој што ја злоупотребил честа на даночната служба, мора да одговара. Нема место во нашите редови за оние кои свесно правеле злоупотреби за лични цели, нулта е толеранцијата за корупција.
Денес сакам јасно да го кажам она што треба да се слушне:
Чесните и одговорни даночните службеници, вие сте тие што ја прават УЈП силна организација.
Вие сте тие што ја покажуваат вистинската вредност на даночната служба.
А ние, раководниот тим, стоиме на браникот. Започнуваме работа на зајакнување на свеста за вредностите и даночната етика. Ќе работиме со пример, не со наредби. Ќе работиме со секојдневна комуникација, не со кампањи. Почнуваме денес – со потпишувањето на заедничка Декларација за даночната етика.
И како што Свети Матеј е заштитник на даночните службеници, нека неговиот пример ни биде потсетник дека чесноста, посветеноста и професионализмот се патот кон доверба, почит и стабилност.
Да ја чуваме оваа доверба.
Да ги браниме вредностите.
Да бидеме горди на УЈП.
Заедно. Секој ден.


