Претставници на Управата за јавни приходи одржаа работни состаноци со претставници на Стопанската комора на Република Северна Македонија, Стопанската комора на Северо-Западна Македонија и претставници на компании членки на Групацијата за градежништво, урбанизам, животна средина и енергетика.
На состаноците се разговараше за практична примена на Законот за данокот на добивка, со акцент на можностите за реинвестирање на добивката, како и на материјалните и нематеријалните средства во кои остварената добивка може да биде вложена. Главната цел на состанокот беше преку примери да се разјаснат специфични прашања во врска со реинвестираната добивка, а беше истакната и важноста на точноста при пополнувањето на даночните биланси, особено поради забележаните неправилности кај некои компании во однос на внесените податоци, како и правилна примена на законските одредби со цел даночно усогласено работење на компаниите од градежниот сектор.
Од страна на УЈП беше истакната важноста на разјаснување на грешките во делот на реинвестираната добивка, кои во изминатиот период беа утврдени и се нагласи потребата претставниците на бизнис заедницата да се запознаат со одредбите и пред се точноста на податоците пред поднесувањето на Даночниот биланс за 2024 година.
Преку презентација на тема „Практична примена на Законот за данокот на добивка со акцент на реинвестираната добивка“ пред присутните беа објаснети законските основи и условите за користење на реинвестираната добивка, дополнителните услови за нејзината употреба, а беа образложени и конкретни примери, како што се вложувањата во материјални и нематеријални средства, опрема набавена преку финансиски лизинг, и други случаи поврзани со даночните олеснувања, се со цел практично разбирање и правилна примена на истите. Претставниците на Коморите ја поздравија иницијативата на УЈП во насока на ефикасно спроведување на даночните политики и ја истакнаа подготвеноста на компаниите членки за активно учество во вакви дискусии кои придонесуваат за зајакнување на приватниот сектор и создавање поповолна деловна клима за инвестиции.
|
|
|
Управата за јавни приходи продолжува да инвестира во процесите на едукација, транспарентност и поддршка на бизнисите, со цел да се зголеми нивото на даночна усогласеност и правилната примена на даночните прописи. Ваквите средби и инцијативи се дел од пошироката стратегија за ефикасно и праведно спроведување на даночните политики, која има за цел да создаде стабилна и предвидлива деловна клима, да ги поттикне инвестициите и да го унапреди економскиот развој на земјата.