Директорката на УЈП м-р Елена Петрова, заедно со нејзиниот тим составен од високото раководство, се сретнаа со претставници на мисијата на ММФ во земјата предводена од шефот на мисијата Annette Kyobe, економист во мисијата од Вашингтон Yuan Xiao, како и локалните економисти во Канцеларијата на ММФ во Скопје Симона Ковачевска Стефанова и Фатон Сулејмани.
На средбата се разговараше за наплатата на приходите за 2024 година, каде директорката Петрова информираше дека за 2024 година планот за наплата на даноците е остварен со 102,0%, а во однос на 2023 година наплатата на приходи од даноци бележи остварување од 117,0%. Ова се должи на позитивната економска состојба, зајакнувањето на даночната дисциплина и активностите што УЈП ги презема. Наплатата на ДДВ го постигна планираното ниво со остварување од 104,0%, а споредено со 2023 година истата бележи остварување од 116,0%. Повратот на ДДВ продолжува да се реализира во континуитет.
Во однос на социјалните придонеси, наплатата во јануари 2025 година е подобрена за 20,0% во споредба со истиот месец од 2024 година. Дискутирано беше и за планот за наплата на приходите за 2025 година. УЈП е фокусирана да ја подобри наплатата меѓудругото и преку контрола на точноста на пријавените даноци, утврдување неточно и помалку пријавени даноци и наплата на пријавените и утврдените даноци.
На средбата беа разгледани и реформите во УЈП, активностите за справување со неформалната економија и процесот на дигитализација. ММФ ја истакна поддршката за напорите на УЈП и посочи на потребата од комплетен пристап на Владата за зголемување на наплатата на приходите, намалување на неформалната економија и унапредување на дигитализацијата.
|
|
|
|
|
|
Во контекст на ова, беше нагласена и тековната соработка со Министерството за финансии, како и поддршката која МФ ја обезбедува преку финансирање на процесите на дигитализација на УЈП и поддршка во поглед на потребни законски измени.
Мисијата на ММФ се одржува во рамките на редовните консултации според членот 4 од договорот на ММФ, а оваа посета е дел од процесот на мониторинг на економските движења и програми на кои ММФ работи со Северна Македонија.