Etax
Физички лица Правни лица Меѓународни организации
Пребарување на даночни
обврзници
Внесете назив, седиште, единствен даночен број (ЕДБ) или матичен број (МБ) на даночниот обврзник
П
В
С
Ч
П
С
Н
1 2 3 4 5 6 7
8 9 10 11 12 13 14
15 16 17 18 19 20 21
22 23 24 25 26 27 28
29 30          
Recnik
Го замрзнавме имотот на судијката Попчевска
26.01.2007

За Вечер, 26.01.2007 година
Новинар: Весна М. Божиновска
 

УЈП пред два месеца вети дека ќе ги објави имињата на оние што се збогатиле со чиновничка плата. Дали, конечно, во јавноста ќе објавите кои се тие звучни имиња?

Ветив дека во име на Управата ќе ги објавам имињата на оние што не го пријавиле својот имот и кои ќе бидат оданочени со стапка од 70 отсто. Пред Нова година, за кратко време по стапувањето на оваа функција, донесов прво решение, за кое ми беа потребни три дена да го потпишам.
Тоа е решението за фамозните 38.000 евра на судијката на Снежана Попчевска. Го докажавме патот на парите во случајот Попчевска и откривме дека се работи за над 40 илјади евра. Го доставивме решението до Попчевска и го замрзнавме нејзиниот имот преку судот. Морам да кажам дека Судот во оваа прилика навистина експресно реагираше. На 29-ти минатиот месец, во последниот работен ден, по 17 часот, со најава, го добивме судското решение. Да бидеме реални, не наидовме на никакви опструкции. Во моментов целокупниот имот на судијката Попчевска е замрзнат. Течат роковите по правото на жалба, а предметот се наоѓа пред Министерството за финансии, кое е должно во рок од 60 дена од приемот на жалбата да даде одговор. Предметот е проследен и до сите останати надлежни институции да се најдат себеси во предметот, дали има елементи на злоупотреба, елементи на кривично дело. Ние, како Управа, бевме тие што ја утврдивме даночната основица и ја оданочивме со 70 отсто. Попчевска на име на данок ќе треба да плати околу милион и 700 илјади денари.

Доколку биде одобрена жалбата, тогаш што станува со имотот и наплатата?

Имотот е замрзнат и ние веќе ги преземаме сите активности за наплата. Согласно со решението, правосилноста во втор степен не е услов за решението да стане наплатливо, бидејќи станува збор за даночна постапка, во која жалбата не ја одлага наплатата. Лицето треба да си го плати данокот што е утврден, а ако не го стори тоа, ние во постапка на присилна наплата од замрзнатиот имот одиме на впаричување и наплаќање на тие милион и 700 илјади денари.

Дали освен за Попчевска имате и други случаи на затаен данок во кој актерите се познати имиња од политиката, судството, бизнисот?

Имаме уште четири решенија, но во оваа прилика нема да ги откријам имињата. Значи, истата постапка е за уште четири случаи завршена.
Се работи за избрани функционери, како од локална така и од централната власт. Во моментов имаме 30 живи предмети, од кои по 4 имаме донесено решенија, кај 8 во моментов постапката мирува. Кај три предмети наидовме на законски пречки, бидејќи во консултации со Државната комисија за спречување на корупција се утврди дека не постојат законски претпоставки за поведување на постапка. Имаме индиции дека станува збор за имот без потекло и сега ги преиначуваме постапките и ги почнуваме според Законот за персонален данок на доход. Значи, доколку не можеме да ја водиме постапката кон тие лица како кон функционери, тоа не значи дека тие се амнестирани од одговорност. Сите како граѓани подлежиме на обврските од Законот за персонален данок на доход и за никого нема пардон. Останатите поведени постапки за испитување на имотот се во тек, а УЈП ќе објави имиња на луѓе и од институциите од централната власт, од Управата, царината, од судската власт... Меѓутоа, сево ова не оди ни најмалку лесно, бидејќи имаме реални проблеми.

Зошто, дали можеби проблемот е во Катастарот?

Поради тоа што тешко ги идентификуваме имотите, особено имотите што се надвор од Скопје. Имаме проблем со невоспоставен катастар на територијата на РМ. За предмети во источниот дел на Македонија, многу тешко доаѓаме до потеклото на имотот. Прво, таму катастарот е подоцна воспоставен, не е ажуриран. Станува збор не секаде за премерен катастар, туку уште за пописен катастар. На пример, во Кочани не можеме да идентификуваме стан ако се наоѓа во станбена зграда на трети кат, поради тоа што нема воспоставен етажен катастар. За овој проблем некаде пред Нова година имавме средба во Владата и сите останатите институции кои се вклучени во оваа проблематика. Дојдовме до заклучок дека ние како институција не располагаме со соодветна база на податоци. Располагаме со евиденции, меѓутоа, тие евиденции немаме куриозитет да ги наречеме база на податоци и воопшто уште помалку да коментираме за нивниот квалитет. Ова е проблем во идентификација на недвижниот, а воопшто не сакам да помислам што се' се случува во делот на подвижниот имот.
Веќе се преземаат чекори, но ова е огромен системски проблем и тој нема да се реши преку ноќ. Колку повеќе го зајакнеме капацитетот на институциите толку ќе бидат повидливи резултатите. Нема веќе простор да разговараме на темата законски претпоставки, желби, политичка волја, услов, ЕУ и НАТО интеграции. Едноставно сме во ситуација кога мора да прикажеме конкретни резултати.

Според податоците на УЈП, колку функционери не го пријавиле стекнатиот имот. Ќе постапите ли по минатонеделниот наод на Антикорупциската комисија, според кој 12 поранешни именувани функционери не го пријавиле имотот?

Го добивме дописот од Антикорупциската комисија. Паралелно, анкетните листови се доставуваат и до Антикорупциска и до УЈП. Точно е дека овие 12 поранешни именувани функционери, согласно Законот, немаат доставено анкетен лист по престанокот на нивната функција. Ќе пристапиме кон утврдување на фактичката состојба, а во меѓувреме против нив се поднесени прекршочни пријави за неподнесување анкетен лист.

Дали УЈП ќе изврши финансиска контрола во Телеком, со оглед на тоа дека Атила Сендреј одбива да ги покаже документите за соработка меѓу Телеком и осомничената Кипарска фирма CHAPTEX. На ревизорите кои во ноември лани ги испрати во земјава Дојче Телеком?

Ние сме постојано во контрола на Телеком, ги вклучуваме во групата на големи даночни обврзници и кон нив се однесуваме со посебно внимание, од сите аспекти. Како УЈП, сме заинтересирани Телеком да биде успешна фирма и да биде добар плаќач на даноци. Од друга страна, поради сериозноста на средствата во Телеком, исто така е сериозен и нашиот пристап, што значи ние сме во редовни годишни контроли во Телеком.
Се разбира дека ќе извршиме контрола. Сега доаѓа периодот на завршните сметки и би било прерано ако тоа го направиме во овој момент под притисок на јавноста. Таква контрола е однапред осудена на неуспех. Значи, ќе ги сочекаме завршните сметки, Телеком да ги искаже своите даночни биланси и во зависност од тоа што ќе го видиме, ќе ја конципираме контролата.

Каква е соработката на УЈП со Државниот завод за ревизија. Дали конкретно сте постапиле по некое нивно укажување годинава?

Ревизорите гледаат едно, Управата гледа друго. Во 2007 добивме само еден ревизорски извештај од Државниот завод за ревизија, кој се однесува на ЈП за стопанисување со спортски објекти, и каде што тие ценат дека има место за наше постапување. Секаде каде што по службена должност ќе добиеме сугестија од Државниот ревизор за неправилности и дека има индиции за тамошни малверзации ние одиме во контрола. И нашето работење како државен орган е под редовна контрола на државниот ревизор. Можам да кажам дека лани, УЈП воопшто не постапуваше по укажувањата на државниот ревизор.

Дали ревизорот има констатирано неправилности во работењето на УЈП во изминатиов период, пред Вашето стапување на должност?

На голема жалост, има. Некои неправилности се провлекуваат неколку години наназад и се однесуваат, што е уште пожално, на нашето интерно финансиско работење. Гледајќи по туѓите дворови, Управата не си го гледала сопствениот двор. Тоа е недозволиво. Значи, институцијата што другите ги дисциплинира, според Државниот завод за ревизија, излегува дека самата не е дисциплинирана.
 
Што е конкретно забелешката на Државниот ревизор, дали можеби се откриени финансиски малверзации во самата УЈП?

Конкретната препорака гласи дека УЈП треба да донесе оперативен план за понатамошните мерки и активности околу објектот Тифани, со цел да не дојде до ерозија на државните пари. Една ваква формулација е невообичаена, неочекувана за ревизорски извештај, што многу кажува, а истовремено ништо не ни кажува нам и ни отвора многу прашања.
Ревизијата траеше 4 месеци, и чекајќи таа да го каже своето, ние препуштивме се на овластен државен орган. Но, сега тие топката за случајот Тифани ја вратија кај нас и ние треба комплетно да се посветиме на овој проблем кој сакале или не ќе ни го одвлече вниманието во наредните 12 месеци. Побаравме помош од Управниот инспекторат од Министерството за правда кој ќе изврши ревизија на предметот Тифани од управен аспект - кога почнало, како почнало, имаме, дали е комлетна документацијата или не, бидејќи Државниот завод за ревизија тврди дека нема одредени делови од договорот, анекси и ред други работи! Бараме и од Министерството за транспорт и врски согласно со документацијата и фактичката состојба на лице место да потврдидали навистина станува збор за 640 метри квадратни, како што стои во договорот.

Дали со крајот на минатата година се исполнети проекциите за приходите по основ на персоналниот данок, данок на добивка, ДДВ-то?

На големо задоволство на Управата, да. Ние не криевме дека ќе има рамни даноци од 1 јануари годинава, дека даночната стапка ќе биде една и единствена, дека ќе биде 12 отсто. Тоа предизвика добар дел од традиционалните исплати што се случуваат во стопанството во декември да се одложат за јануари.
Со ребалансот од 2006 година, приходниот дел е избуџетиран повеќе за 8,35 насто. Покрај тоа што го имаме исполнето тоа зголемување од 8,35 отсто, вкупните даночни приходи што се обврска на УЈП ги имаме исполнето со 102,7 проценти, со што инсистирам постојано да се знае дека тоа се случува во услови на максимално запазување на законските рокови кај повратот на ДДВ. Во последните три месеци од 2006, зголемувањето на повратот на ДДВ е за 35 проценти. Максимално го запазуваме рокот од 30 дена и нашата обврска. Како што е обврска на стопанството редовно да го подмирува ДДВ-то, така наша обврска е поврат во рок од 30 дена. Јас сум оптимист во тој дел, ќе ја продолжиме политиката на поврат на ДДВ и верувам дека процесот ќе биде реверзибилен. Почеток е на годината и премногу е рано да се каже, но веќе првичните приходи по основ на ДДВ даваат за право да веруваме дека ја имаме одбрано вистинската политика. Некаде март - април ќе можеме да говориме со конкретни бројки.

Откривањето на даночната пирамида беше бомбастично најавена од претходната владејачка гарнитура. Се добива впечаток дека од пирамидата ја нема ни буквата П, иако се најавуваа звучни имиња?
 

Тоа е цената на бомбастичната најава. Се трудам да не ја обврзам Управата со бомбастични најави, поради тоа што јас, како поединец, денес сум тука, утре не, а Управата си е Управа за јавни приходи и ќе биде постојано. Не смееме да ја оптовариме со хипотеки, со бомбастични најави за пирамиди итн. Не постои даночна пирамида, но тоа не значи дека не постојат даночни затајувања. Кај нас беше наречена даночна пирамида, се одомаќини како израз. Прашањето е дали е тоа правиот назив. Истата беше проследена со мноштво притвори, плаќања.. Ние како УЈП во моментов имаме големи проблеми, затоа што најодговорно тврдам, не знаеме што се потпаднало под таа даночна пирамида. Јас знам, она што е званичен податок дека имаме 44 правни субјекти што биле третирани од овој аспект на даночна пирамида. Но, тие 44 даночни обврзници кои ние сме ги ставиле во пирамидата, не може да ги дадат тие стотина милиони евра кои беа бомбастично најавувани како затаен данок. Сите промети и реални и нереални да ги собереме на еден куп нема 100 милиони евра. Меѓутоа, факт е дека во рамките на "даночната пирамида" свои предмети водела финансиската полиција и МВР. Но, интересно кај нас, обично секогаш по избори, било какви промени на власт, не фаќа една колективна амнезија и сега никој ништо не знае. Само даночните инспектори конкретно знаат што се работеле на предметот. Меѓутоа, каде таа "акција" била координирана, кој ги усогласувал активностите на сите овие органи, како се постапувало пред Јавното обвинителство, се бега од одговорот на тоа прашање. На крајот, проблемот ќе остане на УЈП. Имаше многу притвори, добар дел се проследени со уплати, значи за 100.000 евра даночно затајување уплатувани се 100.000 евра за укинување на мерката притвор. Тоа не ги амнестира од кривична одговорност, но факт е дека такви уплати се вршеа. Ние во моментов, како УЈП, работиме на идентификување на тие уплати. На наша иницијатива е формирана работна група со претставници од УЈП и Министерството за финансии, со цел да ги дефинираме предметите, да дефинираме што се се сметало како пирамида, дали контролите подеднакво внимание давале и на влезните и на излезните приходи, на влезните и на излезните даноци, контролата на деловните односи до кој степен оделе, како оделе, за да имаме конкретна слика и сознание што не очекува кога ќе почне да се растекува оваа даночна пирамида, во смисла кога ќе паднат првите пресуди и дали тоа ќе има финансиски импликации на Буџетот. Да не се соочиме со лавина на пресуди и одеднаш да имаме празнина на сметките на ДДВ.

Колку е износот на затаениот данок на државата на тие 44 фирми од даночната пирамида?

Многу мал. Апроксимативно се движи некаде од 2 до 3 милиони денари по фирма. А што се однесува до најавата за инволвираност на големите риби, секоја прејудицирана бомбастичност е многу опасна за институцијата. Ако има крупна риба сама ќе исплива на површина, ние само ќе и помогнеме.

Ќе пратите ли контроли во верските заедници, особено во МПЦ, која има активна бизнис улога во земјава?

Да. Јас лично се трудам за една работа, значи не ме интересира дали е МПЦ, ИВЗ, дали е политичка партија, звучно име. Ме интересира даночен број зад кој стои даночен обврзник, без разлика дали е тоа трговец-поединец, ДООЕЛ, акционерско друштво... ние ќе влеземе онаму каде што имаме сознанија, онаму каде што има индиции за даночна злоупотреба. Дали зад тие даночни злоупотреби ќе се појави верска институција од типот на МПЦ или ИВЗ или не знам... Фондот на холокаустот, што се уште е непрепознатлив, а е даночен обврзник, ќе покаже самата контрола.

Дали со фискализацијата во нарениот период ќе ги опфатите и верските објекти?

Ние како Управа ќе треба да направиме детален скрин на видовите плаќања, значи не плаќање кон свештените лица, не задужбини, дарови што се даваат. Ако постои нешто што наликува, значи со сите огради зборувам, нешто што наликува на трговска дејност, на промет каде што давате конкретно добро, го продавате со однапред објавена цена каде што велите ова е 5, 10, 50 денари, во тој случај до каде ние ќе можеме да ја регулираме и да ја опфатиме таа област. Ако некоја стока се продава, таа треба да има потекло. Ако постои официјална свеќоливница, значи можеме да кажеме се произведуваат свеќи, се дистрибуираат во толку и толку храмови што ние ги сметаме како продажни места и тие ќе бидат оданочени, односно ќе бидат регистрирани на фискален апарат. Вие може да купите масло, текстил, икони.. во црква, е сега дали тие имаат право да го продаваат, нема да го продаваат, ние сме последни што ќе одговориме. Јас не знам што се случува по другите верски заедници, така што тоа прашање заслужува внимание и треба малку да погледнеме што се случува и во соседството, каде што фискализацијата постои и кога ние не сме знаеле што е фискализација. Во принцип да не се мешаат тезите. Едно се свештени лица, едно се верски заедници, едно е промет, едно се дарови и ништо не смее да се става на купче.

Г. Трајковски, фискализацијата во земјава достигна над 70 отсто. Дали со Законот за регистрирање на готовинските плаќања кој неодамна стапи во сила очекувате уште поголема дисциплина во издавањето на фискалните сметки?

Телефонската линија 198 ја активиравме 24 часа со два типа на контроли - теренски и контроли на повик. Кога граѓанин пријавува ние излегуваме веднаш, за 10 минути, како брза помош. Гледано преку бројки свеста кај граѓаните расте. Од 107 пријави за неиздавање фискална во октомври, во ноември таа бројка е зголемена на 231, а минатиот месец на дури 608 пријави на ниво на Републикава.

Во изминативе неколку месеци во центарот на вниманието е градежната мафија . Што досега откривте кога се во прашање даноци и градежните мафијаши?

Паралелно ги следиме со другите институции, во делот на даночните импликации. Имаме дефинирано четири можни начини на она што највообичаено се прави во делот на прометот со новоизградени станови, формите на соинвеститорства, нешто од типот на Фиком, каде доаѓа до затајување на данок. Направени се тие поделби врз основа на наши искуства и искуства на пазарот. Врз основа на тоа ние сме вршиме контроли кај сите градежни фирми. Кога велам сите градежни фирми, имаме добар дел на фирма човек, каде што контролите одат многу тешко, од сите причини кои ги генерира човек-фирма.

Велите дека се интензивни тие контроли на градежните фирми, дали констатиравте нешто за конкретниве случаи што излегоа на виделина, на пример ФИКОМ?

Се уште се работи на предметот. Станува збор за огромна документација, работиме буквално лист по лист, фактура по фактура.
Најоптимистичките рокови се дека за три-четири месеци ќе можеме да ја привршиме контролата. Сега сме во четвртиот месец на контролата во ФИКОМ. Имаме отворено околу 150 налози на градежни фирми. Секоја контрола подразбира друга контрола, имате Икс инженеринг, па станува Икс Консалтинг-инженеринг, па тоа се еден човек 20 фирми и ние мораме да ги поврземе. Цехот не е во даночните затајувања кај градежните фирми, тоа се дивоградбите, легализацијата, додадени два ката. Профитот не лежи во даночните затајувања. Може да имаме градежна мафија која од даночен аспект е чиста, меѓутоа злоупотребите ги прават на друго место и профитот го гледаат во други форми.

 


© Управа за јавни приходи на Република Северна Македонија