|
|
„Главниот фокус ќе ми биде насочен кон унапредување на деловни процеси, професионалните стандарди и инфраструктурата на УЈП, со цел поефикасно работење и унапредување на услугите што Управата ги нуди“, вели Кирил Миновски, новиот директор на Управата за јавни приходи
Доаѓате на една од најодговорните функции во државата, на која девет години претходно беше господинот Горан Трајковски. Дали е ова за Вас голем предизвик и како сметате дека ќе одговорите на една ваква сложена и обемна задача, да бидете на чело на даночната управа во земјава?
Раководењето со една од најкомплексните институции во Македонија, секако, е голем предизвик и одговорност, ако се земат предвид бројните функции и надлежности на УЈП, организационата структура, човечкиот капитал.... Дополнителен предизвик е продолжувањето на успешната реализација на проектите за модернизација и реформирање, кои не само што треба да донесат позитивни трендови во работата на Управата за јавни приходи, туку и директно или индиректно треба да влијаат на подобрувањето на бизнис климата, намалување на административните бариери и олеснување на постапките за пријавување и плаќање на даноците... |
Одржувањето на добрите практики е од голема важност, но и понатамошното градење на имиџот на институција како услужно ориентирана, што, секако, морам да признаам дека е доста тешко, бидејќи многу тешко е да ги убедите граѓаните и бизнисите дека наплатата на даноците или народски „земањето пари“ треба да го чувствуваат како услуга, а посебно кога имате надлежности како „финансиска контрола“ или „присилна наплата“, или други непопуларни мерки кои имате законска обврска да ги спроведувате, и за кои вработените во УЈП се платени да ги работат секојдневно.
Уверен сум дека заедно со тимот и даночните службеници во УЈП ќе успееме да продолжиме со успешната работа и да ја одржиме стабилната наплата на даночните приходи, како и досега. Мојот фокус ќе биде насочен кон надминување на институционалните слабости, подигнување на стандардите за работа и да постигнеме уште еден чекор понапред во остварувањето на визијата на УЈП, а времето пред нас, секако, ќе покаже дали сме успеале да ја издигнеме институцијата на повисоко ниво.
Која ќе биде вашата идеја водилка во извршувањето на функцијата, што ќе биде Вашето основно мото?
Промените за организациите се константен феномен. Во услови кога организациското опкружување се менува (регулаторна рамка, нови организациски цели), организациите мораат континуирано да ги прилагодуваат сопствените организациски цели на новонастанатите услови и константно да се приспособуваат на истите. Во таа насока главниот фокус на мојот ангажман ќе биде насочен кон унапредување на деловни процеси, професионалните стандарди за работа и инфраструктурата на УЈП, со цел поефикасно работење и унапредување на услугите кои што Управата ги нуди на државата, приватниот сектор и граѓаните. Воедно, како Управа неопходно е да ги следиме и имплементираме позитивните практики од даночните управи во развиените економии, со цел да бидеме во чекор со истите. Централно место во сите активности ќе им биде дадено на „луѓето“, како креатор и корисници на услугата, деловните процеси и организациската култура.
Каква е сега наплатата на даноците и дали ќе се залагате евентуално за подобрување во таа насока?
Бројките покажуваат дека Управата за јавни приходи има капацитет да обезбеди стабилност на буџетските приходи, без сериозни отстапувања. Позитивниот тренд во наплатата продолжува. Приходите од даноците, придонесите и другите јавни приходи се движат во рамките на планираното, односно бележат раст во споредба со изминатите години, што од друга страна, пак, не значи дека има простор за опуштање. Во природата на даночните администрации е да се во постојан натпревар и надмудрување со затајувачите и сите оние кои на овој или оној нечесен начин сакаат да „заработат“. Живееме во време во кое мораме постојано да ги надоградуваме и преиспитуваме стратегиите за борба со „неплаќачите“, а на крајот бројките сами ќе говорат дали сме успеале во нашите напори.
|