Претставници на Управата за јавни приходи учествуваа на Националната тркалезна маса „Посилен глас на бизнисот за реформите“, организирана од Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ), со поддршка на Center for International Private Enterprise (CIPE).
Настанот беше посветен на клучните реформски приоритети за унапредување на деловното опкружување, зајакнување на конкурентноста на компаниите и забрзување на дигиталната трансформација на јавниот и приватниот сектор.
Во фокусот на дискусијата беа:
- дигиталната и зелената трансформација на компаниите,
- поедноставувањето на административните процедури,
- олеснувањето на пристапот до финансии за малите и средните претпријатија,
- поголемото вклучување на бизнис-заедницата во креирањето на економските политики.
За Управата за јавни приходи, дигитализацијата и модернизацијата на услугите се значаен дел од реформските процеси, насочени кон поефикасно работење, поедноставни административни постапки и подобрена комуникација со даночните обврзници.
Во таа насока, воведувањето е-фактура претставува значајна реформска иницијатива со потенцијал да придонесе за модернизација на деловното работење и унапредување на даночната усогласеност.
Една од клучните пораки од дискусијата беше дека успешната дигитална трансформација не подразбира само воведување нови технологии, туку и редизајнирање и поедноставување на постојните процеси. Целта е да се намали административниот товар, да се овозможи поефикасна размена на податоци меѓу институциите и да се обезбедат побрзи, потранспарентни и подостапни услуги за компаниите и граѓаните.
![]() |
Учеството на УЈП на вакви настани придонесува за размена на искуства и ставови со бизнис-заедницата за прашања од значење за реформите и унапредувањето на деловното опкружување.
Соработката меѓу институциите и приватниот сектор е важен предуслов за спроведување реформи што ќе донесат конкретни резултати и ќе придонесат за поефикасна јавна администрација и современа, дигитално трансформирана економија.


