25.08.2026 - Интервју за ЛОКАЛНО.МК
![]() |
Ризик-профилот на секој обврзник се гради врз основа на десетици индикатори – отстапувања од просеците во дејноста, пријавен промет во однос на податоци од други извори, ДДВ-ефекти, залихи, број на вработени, профитни и даночни стапки, профил на добавувачите и историјата на усогласеност, вли во интервју за Локално Елена Петрова, директорка на УЈП...
– Секој даночен обврзник има ризик-профил и контролите се насочуваат таму каде што е проценет најголем даночен ризик. УЈП врши и контроли по барање на истражните органи, кога тоа е дел од нивните постапки и надлежности, истакнува таа во интервјуто.
Во однос на тоа дали УЈП успева да ги следи приходите од Инстаграм, Фејсбук, Тикток и дали сите што продаваат преку интернет плаќаат данок, Петрова вели дека „дигиталниот приход не значи и невидлив приход“.
-УЈП ги следи приходите од различни извори на податоци, порача таа.
Колкав е реалниот обем на сивата економија во Македонија и колку од тие пари годишно успевате да ги внесете во легалните текови?
-Неформалната економија е структурен предизвик кој не може да се реши со една институција или со една мерка. Затоа, за УЈП фокусот не е само на сивата економија, туку на поширокиот даночен јаз – сите даночни приходи што не се остваруваат поради непријавување, погрешно пријавување или неплаќање на даночните обврски.
УЈП особено ги насочува активностите кон дејностите со значајно учество на готовински плаќања, бидејќи готовината создава простор за непријавен промет, „исплати во коверт“ и други форми на неформално работење.
Кај регистрираните даночни обврзници УЈП преку даночни контроли и други мерки утврдува дополнителни даноци, кои се резултат на непријавени или помалку пријавени даночни обврски. Во последните две години, со даночните контроли се утврдени дополнителни даноци во износ од 120,6 милиони евра.
Но, важно е да кажеме и нешто друго: борбата против неформалната економија не е само прашање на контрола и санкција. Колку повеќе информираме, дигитализираме, разменуваме податоци и го намалуваме просторот за готовински и непроверливи трансакции, толку повеќе го намалуваме просторот за сивата економија и даночната евазија.
Нашата цел е секој приход што според закон треба да биде оданочен да биде видлив, а секој даночен обврзник да има еднакви правила на игра.
Колкав даночен долг во моментов имаат физички и правни лица кон државата и колкав од тој долг реално е наплатив?
-На последната Листа на должници, објавена на 10 август, се објавени 5.200 должници – 2.006 правни и 3.194 физички лица, со вкупен нето долг од 13,19 милијарди денари, односно околу 214,5 милиони евра.
Но, зад оваа бројка има една многу важна работа: не секој долг има иста природа и не секој долг може да се третира на ист начин. Фактот дека нешто повеќе од 2/3 од износот на долгот е концентриран кај топ 100 должници, а од друга страна околу 1/3 од должниците се повторуваат на листата уште од 2019 година или претходно, покажува дека мора да ги разграничиме случаите од аспект на нивната застареност, наплативост и сложеност.
Затоа УЈП оваа година донесе Стратегија за реална и наплатлива Листа на должници 2026–2027. Целта е да добиеме реална, ажурирана и управлива слика за даночните побарувања на државата и врз основа на класификација и категоризација на долговите да ги насочиме ресурсите таму каде што можат да дадат најголем ефект.
Тоа значи дека прочистувањето на Листата на должници не значи откажување од наплатата. Напротив – значи попаметна и поефикасна наплата.
Ќе правиме разлика меѓу масовните и рутински постапки, случаите кај кои е потребен индивидуален пристап и најсложените случаи, каде што се потребни специфични мерки.
Во оваа насока УЈП веќе воспоставува и Центар за даночно извршување, со фокус на теренско лоцирање и процена на имотот на должниците и негово поефикасно впаричување.
Нашата цел е да имаме реална листа од која може ефикасно да се наплаќа. Чистите податоци, правилната приоретизација и соодветната мерка за секој долг се основа за тоа.
Граѓаните кои работеле во странство ве обвинија дека се обидувате ретроактивно да ги оданочите, како што беше случајот со оние што работеле во Авганистан, а слични реакции имаше и од студентите кои работеле во странство. Тогаш рековте дека ќе направите дополнителни проверки и ги повикавте да достават дополнителни документи. Како се реши овој случај?
-И тогаш и сега нашата порака е јасна: нема ретроактивна примена на даночните прописи. УЈП постапува во рамките на законските рокови за утврдување и наплата на данокот.
Но, исто толку важно беше да им излеземе во пресрет на граѓаните кои не располагаа со потребните докази дека данокот е платен во странство. Како што најавивме, така и постапивме.
За лицата кои доставија документација за странските компании во кои работеле, преку Министерството за надворешни работи доставивме 275 барања до даночните администрации на Ирак и САД, како и две барања до даночните администрации на Велика Британија и Саудиска Арабија.
Важно е дека до овој момент е воспоставена двострана комуникација со сите овие даночни администрации. Дел од постапките се уште зависат од проверката на соодветна правна основа за размена на податоци, или од доставување дополнителни податоци побарани од УЈП.
Нашиот пристап е граѓанинот да има можност да го докаже она што го тврди, а УЈП да ги провери фактите.
Дали УЈП навистина ги контролира најголемите даночни обврзници и компании, или контролите многу полесно се спроведуваат кај малите фирми и занаетчиите?
-УЈП не ги избира даночните обврзници за контрола според тоа дали се големи или мали, туку според ризикот и потенцијалната загуба на даночни приходи.
Ризик-профилот на секој обврзник се гради врз основа на десетици индикатори – отстапувања од просеците во дејноста, пријавен промет во однос на податоци од други извори, ДДВ-ефекти, залихи, број на вработени, профитни и даночни стапки, профил на добавувачите и историјата на усогласеност.
Податоците се јасни. Во 2025 година и во првата половина од 2026 година завршени се даночни контроли кај 6.982 правни лица, наспроти 658 физички лица и трговци поединци.
Она што граѓаните почесто го забележуваат се контролите на фискализацијата во трговски, угостителски и услужни објекти. Но, тоа се пократки и оперативни контроли, различни од даночната контрола во која се анализира целокупната документација и даночното работење.
Што се однесува до занаетчиите, најголем број од нив се оданочуваат со даночно решение на УЈП врз основа на паушално утврден доход и немаат обврска за користење фискални каси, па така воопшто не се предмет на контрола.
Пристапот е едноставен: не контролираме по големина, туку по ризик.
![]() |
Колку даночни контроли откако сте директорка се извршени кај компании поврзани со актуелни и поранешни функционери и каков бил резултатот од тие контроли?
-Функцијата на сопственикот, управителот или поврзаноста со актуелен или поранешен функционер не е критериум ниту за избор, ниту за исклучување од даночна контрола.
Секој даночен обврзник има ризик-профил и контролите се насочуваат таму каде што е проценет најголем даночен ризик. УЈП врши и контроли по барање на истражните органи, кога тоа е дел од нивните постапки и надлежности.
Затоа резултатите не ги мериме според тоа дали некоја компанија е поврзана со функционер, туку според вкупната ефективност на контролите.
Во последните две години успешноста на даночните контроли е 28,4%, што значи дека во околу 28 од секои сто контроли е утврдена неправилност. Тоа е подобрување во однос на 23% во периодот 2020–30 јуни 2026 година. Дополнително утврдените даноци во последните две години изнесуваат 120,6 милиони евра, од кои 56% се однесуваат на ДДВ.
За нас нема големи и мали според критериумот кој е сопственик. Има даночен ризик – и таму треба да биде УЈП.
Дали УЈП успева да ги следи приходите од Инстаграм, Фејсбук, Тикток и дали сите што продаваат преку интернет плаќаат данок?
-Дигиталниот приход не значи и невидлив приход. УЈП ги следи приходите од различни извори на податоци. Приливите од странство ги добиваме преку податоци од банките, а информации добиваме и од други даночни администрации преку т.н. спонтана размена на информации. Во одредени случаи се користат и други достапни податоци, вклучително и информации од самите платформи.
Но, нашиот прв пристап не е санкцијата. Целта е граѓаните да знаат дека и доходот остварен преку дигитални платформи е доход кој, согласно законските правила, може да подлежи на оданочување и да ги исполнат своите обврски преку самооданочување.
Годинава работевме на информирање за обврските за оданочување на доходот од странство, кој вклучува и доход од онлајн работа. Во моментов особено внимание посветуваме на доходот од туристичко изнајмување преку платформи како Booking и Airbnb, преку кампањата: Фер туризам започнува со пријавен доход. Користиме различни информативни продукти: флаери, брошури, често поставувани прашања, видеа, а покрај објавите на веб страната на УЈП и социјалните мрежи, користиме и директно информирање на едукативни настани. Целта е граѓаните да ги знаат своите обврски и како да ги исполнат.
Воедно, ги следиме европските практики и размислуваме за решенија што ќе овозможат директно добивање податоци од платформите.
Дигитализацијата на економијата и глобалното поврзување преку интернет отвараат простор за нови облици на неформално работење, но воедно овозможуваат и попаметени решенија за функционирање на даноците.
Колку пари УЈП има вратено на граѓани и компании како повеќе или погрешно наплатен данок, и зошто воопшто доаѓа до такви грешки?
-Во 2025 година реализиран е поврат на повеќе и погрешно наплатен данок во износ од 11,8 милиони евра. Во првата половина од 2026 година повратот изнесува 28,3 милиони евра, а од овој износ, 20,5 милиони евра се однесуваат на платен данок на солидарност, по укинувањето на Законот со одлука на Уставниот суд.
Но, не секој поврат значи дека УЈП направила грешка.
Даночниот систем е поставен така што кај одредени даноци се плаќаат аконтации во текот на годината, а по завршувањето на годината се утврдува конечната даночна обврска. Ако е платено повеќе, разликата може да се врати или да се искористи за идни обврски.
Поврат може да има и поради исправка на даночна пријава, поништување на решение или двојна наплата.
Праведна даночна администрација не значи само правилно да го наплати данокот. Значи и да го врати она што не ѝ припаѓа на државата.
Колку време им е потребно на граѓаните и фирмите да решат спор со УЈП?
-Даночните обврзници имаат право на правна заштита и можат да поднесат тужба против даночното решение до Управниот суд во рок од 15 дена од неговата достава.
Но, ние работиме и на тоа споровите да се решаваат уште пред да стигнат до суд.
Затоа УЈП формираше Работно тело за разгледување на приговори по записници од надворешна контрола, во фазата пред донесување на даночно решение. Телото постапува независно од инспекторот кој ја вршел контролата и има задача да придонесе кон конзистентна примена на даночните правила, поголема правна сигурност и намалување на непотребните судски спорови.
Во 2025 година и во првата половина од 2026 година Управниот суд донел 776 одлуки по тужби, а УЈП била повикана да даде одговор по 1.207 тужби.
Нашата цел не е УЈП секогаш да биде во право. Целта е даночната одлука да биде правилна, образложена и одржлива.
Каква е соработката на УЈП со Финансиската полиција, Царината, ДКСК и Обвинителството? Дали институциите навистина разменуваат информации или секоја институција работи во свој систем?
-Соработката меѓу институциите е неопходна ако сакаме ефикасно да се справиме со даночната евазија, сивата економија и финансискиот криминал.
УЈП има системска електронска размена на податоци со Централниот регистар, Трезорот, социјалните фондови, АВРМ и КИБС, а сега се воспоставува и размена со Царината преку системот е-Фактура.
Со истражните органи соработуваме преку контроли по нивно барање, но и преку доставување информации кога во рамките на нашето работење ќе утврдиме податоци релевантни за нивните постапки и надлежности. Така, за утврдени факти и докази со кои се поткрепуваат сомненија за даночно-казниви дела, УЈП доставува кривични пријави до Јавното обвинителство.
Во последните две години УЈП изврши 859 контроли по барање на МВР, Управата за финансиско разузнавање, Јавното обвинителство, Управата за финансиска полиција и други државни органи.
Особено сакам да истакнам дека со ДКСК соработуваме и во насока на зајакнување на интегритетот и стандардите за антикорупциско однесување на даночните службеници.
За мене е особено важно институциите да не се гледаат како одделни острови. Податоците мора да се поврзуваат, институциите да соработуваат, а државата да има заеднички одговор на даночната евазија, финансискиот криминал и корупцијата.
Токму затоа дигиталните реформи, како е-Фактурата, не се само технолошки проекти. Тие создаваат инфраструктура за подобра размена на податоци, поголема транспарентност и поефикасна контрола.
Кога институциите ги поврзуваат податоците, државата станува посилна од оние што се обидуваат да ги сокријат приходите.



