Законски основ
Согласно член 24 од Законот за даночна постапка, со плаќање на даночен износ кој што се должи се исполнува даночниот долг, а плаќање во оваа смисла може да биде и плаќање од страна на трети лица.
Уплатата од трето лице за сметка на даночниот обврзник е предмет на договор меѓу даночниот обврзник и третото лице. УЈП нема никаков правен однос со третото лице и не склучува никаков договор со даночниот обврзник и третото лице. Третото лице не е учесник во даночната постапка.
Постапка за уплата на данок на личен доход (ДЛД) од страна на трето лице
Во случаите кога уплатата на даночната обврска за ДЛД се врши со налог ПП53 кој го издава УЈП преку системот е-Персонален врз основа на прифатена е-ПДД пресметка или ДЛД-ГДП пријава, за да се реализира уплатата од трето лице преку системот е-Персонален даночниот обврзник треба во самиот систем да изврши промена на налогодавачот, така што во веќе генерираниот налог ПП53 како налогодавач ќе го внесе третото лице наместо даночниот обврзник.
Доколку налогот ПП53 вклучува и нето доход кој даночниот обврзник како исплатувач треба да го исплати на примател/и на доход, со промената на налогодавачот во налогот ПП53, третото лице како нов налогодавач ќе изврши уплата на целиот износ од налогот ПП53 (нето доход и ДЛД), бидејќи налогот ПП53 е неделлив во извршувањето.
Даночниот обврзник и третото лице немаат никакви други обврски спрема УЈП. Извршената уплата од страна на третото лице системот е-Персонален ќе ја препознае по фолио бројот на налогот ПП53 и ќе ја прифати за затворање на обврската по е-ПДД или ДЛД-ГДП на даночниот обврзник.
Напомени: Кога се работи за налог ПП53 издаден на даночен обврзник-физичко лице (на ЕМБГ) за уплата на ДЛД за доход од вршење на дејност кој се оданочува паушално, односно за уплата на уплатната сметка 840-ХХХ-01578 приходна шифра 711135, уплатата може да се изврши од трансакциската сметка која ја има физичкото лице како вршител на дејност (на ЕДБ). Ваквата уплата не се смета како уплата од трето лице во смисла на член 24 од ЗДП.
Постапка за уплата по МПИН, односно исплата на бруто плата од страна на трето лице
Од страна на трето лице може да се изврши уплата по генерираниот налог ПП53 издаден од УЈП по прифатена МПИН, односно третото лице може да ја изврши исплатата на бруто платата по прифатена МПИН поднесена од обврзникот за пресметка и уплата на придонесите/работодавач. Во налогот ПП53 треба да се изврши промена на налогодавачот како кога се врши уплата по е-ПДД пресметка. Единствена разлика во постапката за промена на налогодавачот е тоа што даночниот обврзник треба да побара промената да се изврши од страна на УЈП, за што услуга може да добие на било кој шалтер на УЈП со презентирање на декларацијата по МПИН и договорот склучен со третото лице.
Извршената уплата од страна на третото лице системот за интегрирана наплата во УЈП ќе ја препознае по фолио бројот на налогот ПП53 и таа уплата ќе ја прифати за затворање на обврската по МПИН на даночниот обврзник.
Постапка за уплата данок од страна на трето лице во други случаи
Во сите други случаи кога уплатата на даночната обврска не се врши со налог ПП53 издаден од страна на УЈП, третото лице ја врши уплатата со пропишаниот платен инструмент ПП50 согласно барањата и насоките (уплатна сметка, износ и др.) од даночниот обврзник за чија сметка се однесува уплатата. По извршената уплата, даночниот обврзник и третото лице треба да го поднесат нивниот меѓусебен договор во надлежната регионална дирекција/даночно одделение на УЈП, врз основа на што во УЈП уплатата ќе се евидентира кај даночниот обврзник. Договорот треба да содржи податоци за даночната обврска за која се однесува уплатата (број и датум на документ – даночна пријава/даночно решение, даночен период и сл.).
Уплата од страна на трето лице во случај кога УЈП спроведува присилна наплата на долгот кај даночниот обврзник
Доколку УЈП води постапка за присилна наплата спрема даночниот обврзник, односно доколку трансакциската сметка на даночниот обврзник е "блокирана" врз основа на решение за присилна наплата на УЈП, третото лице е должно да достави нотарски заверена изјава за превземање на долг и УЈП ќе донесе решение за утврдување на даночна гаранција и определување на даночен гарант. За да запре присилната наплата спрема главниот должник, даночниот гарант треба да го преземе и да го плати долгот со допресметана камата до денот на уплата и еднократна такса за присилна наплата.
Даночна импликација која настанува при плаќање даночна обврска на физичко лице од трето лице
Кога правно лице или СВД врши уплата на даночна обврска на физичко лице, ова плаќање ќе се смета за исплатен доход на друг начин кон физичкото лице од страна на правното лице или СВД. Поради тоа правното лице или СВД има обврска за ова уплата односно исплата, дополнително да поднесе е-ПДД пресметка, заради пресметување и плаќање на данок по основ на друг доход на физичкото лице, со друг начин на плаќање. Бруто износот од е-ПДД ќе преставува непризнаен расход за правното лице или СВД и истите треба да ги искаже во Даночниот биланс.