Задржан данок
Во областа на задржаниот данок, домашните правни и физички лица регистрирани за вршење дејност, како и странските лица – нерезиденти со постојана деловна единица во РС Македонија, при исплата на одредени видови приходи на странски правни лица имаат обврска да задржат и уплатат данок по задршка во висина од 10% од бруто приходот.
Оваа обврска се однесува на приходи како дивиденди, камати, авторски хонорари, менаџмент, консалтинг, финансиски и услуги на истражување и развој, осигурителни премии, телекомуникациски услуги, закуп на недвижности и други приходи утврдени со закон. Исплатувачите се должни да поднесат Извештај за уплатен данок по задршка најдоцна до 15 февруари во наредната година.
До истекот на рокот, до УЈП се поднесени 312 извештаи ДД-И од даночни обврзници кои вршат исплата на доход и имаат обврска да задржат и уплатат данок по задршка.
Управата за јавни приходи продолжува со реализација на активностите предвидени со Календарот за даночни процеси во рамки на Даночната сезона 2026, со цел навремено и ефикасно спроведување на даночните постапки и исполнување на законските обврски на даночните обврзници.