Memorandum_mk
19.10.2026
УЈП ВО МАВРОВО СО ПОРАКА: „ФЕР ТУРИЗАМ ЗАПОЧНУВА СО ПРИЈАВЕН ДОХОД“

Управата за јавни приходи продолжува со активностите за даночна информираност и поддршка на туристичкиот сектор преку кампањата „Фер туризам започнува со пријавен доход“. Во рамки на кампањата, на 19.10.2026 година во Маврово се одржа информативно-работна средба со туристички работници, угостители, физички лица кои краткорочно издаваат сместувачки капацитети, вклучително и преку дигитални платформи, како и други лица кои вршат дејности поврзани со туризмот.

Средбата, реализирана во соработка со Општина Маврово и Ростуше, беше посветена на презентација на даночните обврски и практични прашања поврзани со пријавувањето и оданочувањето на доходот од краткорочно издавање сместувачки капацитети, ангажирањето сезонски работници и исполнувањето на даночните обврски во туристичкиот сектор.

На почетокот, стручните лица од УЈП ја истакнаа важноста од навремено информирање, директна комуникација и поддршка на даночните обврзници. Посочија дека навременото исполнување на даночните обврски придонесува за еднакви услови за сите, поголема доверба и фер и конкурентен туристички сектор. Претставниците на Општина Маврово и Ростуше ја истакнаа важноста од континуираната соработка меѓу локалната самоуправа, институциите и туристичкиот сектор, како основа за унапредување на туристичката понуда и поттикнување на локалниот економски развој.

Претставниците на УЈП ги информираа присутните за обврските за пријавување и оданочување на доходот од краткорочно издавање соби, апартмани, станови, куќи, вили и други видови сместувачки капацитети. Беше нагласено дека доходот од издавање треба да се пријави и соодветно да се оданочи, без оглед на времетраењето на изнајмувањето, начинот на плаќање и тоа дали гостите се домашни или странски. Обврските се однесуваат и на резервациите реализирани преку дигитални платформи како Booking, Airbnb, Kayak, TripAdvisor и други.

На средбата беа презентирани практични примери за пријавување на доходот од закуп и подзакуп преку системот е-Даночни услуги, како и за користење на алатката „Калкулатор“, преку која даночните обврзници можат да го пресметаат данокот на личен доход и да ги утврдат признатите трошоци.

Дополнително, беа разгледани прашања поврзани со правилното пријавување на сезонските и повремените работници, како и со даночните обврски на физичките лица кои остваруваат доход од други активности поврзани со туристичката понуда, како што се изнајмување опрема и продажба на сувенири, ракотворби и други производи. На физичките лица кои остваруваат доход од овие активности им беше укажано дека се должни да го пријават остварениот доход и да го платат соодветниот данок на личен доход. Пред започнување на дејноста, потребно е до надлежната организациона единица на УЈП да достават Барање за паушално плаќање на данокот на личен доход – Образец ДЛД-П.
Присутните имаа можност да постават прашања и да добијат конкретни појаснувања од претставниците на УЈП за постапките за пријавување на доходот и правилното исполнување на даночните обврски.

Маврово има значаен потенцијал за развој на планински, рурален, еко и активен туризам, со можности за унапредување на туристичката понуда во текот на целата година. Преку кампањата „Фер туризам започнува со пријавен доход“, УЈП продолжува со директната комуникација и поддршка на туристичкиот сектор, со посебен акцент на пријавувањето на доходот од краткорочно издавање сместувачки капацитети, поттикнувањето на доброволната даночна усогласеност и создавањето еднакви услови за сите учесници на туристичкиот пазар.
 

Корисни информации

   
   
За дополнителни информации и поддршка, даночните обврзници може да се обратат во Контакт-центарот на УЈП на 02/32 53 200 или во најблиската организациона единица на Управата за јавни приходи.

УЈП продолжува со активностите за информирање и поддршка на туристичкиот сектор, со цел правилно пријавување на доходот, поголема даночна усогласеност и фер услови за сите.

 
http://www.ujp.gov.mk
© Управа за јавни приходи на Република Северна Македонија