Memorandum_mk
08.10.2026
УЈП ВО БЕРОВО СО ПОРАКА: „ФЕР ТУРИЗАМ ЗАПОЧНУВА СО ПРИЈАВЕН ДОХОД“

Управата за јавни приходи продолжува со активностите за даночна информираност и поддршка на туристичкиот сектор преку кампањата „Фер туризам започнува со пријавен доход“. Во рамки на кампањата, на 08.10.2026 година во Берово се одржа информативно-работна средба со туристички работници, угостители, издавачи на сместување и други лица кои вршат дејности поврзани со туризмот.

Средбата, реализирана во соработка со Општина Берово, беше посветена на практични прашања поврзани со пријавувањето и оданочувањето на приходите, ангажирањето сезонски работници и исполнувањето на даночните обврски во туристичкиот сектор.

На почеток од страна на стручни лица од УЈП беше истакната важноста од навремено информирање, директна комуникација и поддршка на даночните обврзници. Посочија дека навременото исполнување на даночните обврски придонесува за еднакви услови за сите, поголема доверба и фер и конкурентен туристички сектор. Претставниците од општина Берово ја истакнаа важноста од континуираната соработка меѓу локалната самоуправа, институциите и туристичкиот сектор, како основа за унапредување на туристичката понуда и поттикнување на локалниот економски развој.

Претставниците на УЈП ги информираа присутните за обврските за пријавување и оданочување на приходите од издавање соби, апартмани, куќи, вили и други видови сместување. Беше нагласено дека обврската важи и за краткорочно изнајмување, без оглед на начинот на плаќање и дали станува збор за домашни или странски гости, како и за резервациите преку дигитални платформи како Booking, Airbnb, Kayak, TripAdvisor и други.

На средбата беа презентирани практични примери за пријавување на приходите од закуп и подзакуп преку системот е-Даночни услуги, како и за можноста даночните обврзници самостојно да го пресметаат данокот на личен доход и да ги утврдат признатите трошоци преку алатката „Калкулатор“. Посебно внимание беше посветено на правилното регулирање и пријавување на сезонските и повремените работници, како и на даночните обврски на лицата кои привремено вршат активности поврзани со туристичката понуда, како што се изнајмување опрема, продажба на сувенири, ракотворби и други производи.

На физичките лица кои остваруваат доход од овие активности им беше укажано дека се должни да го пријават остварениот доход и да го платат соодветниот данок на личен доход. Пред започнување на дејноста, потребно е до надлежната организациона единица на УЈП да достават Барање за паушално плаќање на данокот на личен доход – Образец ДЛД-П.

Присутните имаа можност да постават прашања и да добијат конкретни појаснувања од претставниците на УЈП. Информативните активности имаат цел да обезбедат навремена поддршка и да го олеснат правилното исполнување на законските обврски.

Берово има значаен потенцијал за развој на планински, рурален, еко и активен туризам, со можности за целогодишна туристичка понуда. Токму затоа, уредното работење и почитувањето на даночните правила се важни за создавање фер услови и одржлив развој на туристичкиот сектор, бидејки како што беше појаснето фер туризам значи одговорно работење, пријавен доход и исти правила за сите.

Корисни информации

За дополнителни информации и поддршка, даночните обврзници може да се обратат во Контакт-центарот на УЈП на 02/32 53 200 или во најблиската организациона единица на Управата за јавни приходи.УЈП продолжува со директната комуникација и поддршка на туристичкиот сектор, со цел навремено информирање и поголема даночна усогласеност.

 
http://www.ujp.gov.mk
© Управа за јавни приходи на Република Северна Македонија