Memorandum_mk
07.08.2026
УЈП и ЗЕЛС одржаа обука за воведување на системот е-Фактура за општините и јавните претпријатија

Во рамките на активностите за подготовка за воведување на системот е-Фактура, Управата за јавни приходи (УЈП) во соработка со Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) организираше обука на која учествуваа 80 претставници од општините и јавните претпријатија (ЈКП).

На обуката беа презентирани функционалностите на овој систем и начинот на неговото користење, како и обврските и придобивките од електронското фактурирање.

Тимот на УЈП, преку бесплатната Веб апликација за користење на системот е-Фактура, освен што ги запозна присутните детално со низа постапки за неговото правилно користење, одговараше и на повеќе поставени прашања.

Беше нагласено општините и ЈКП што помасовно да пристапат кон тестирање на системот, со цел навремено да достават сугестии и предлози во насока на поедноставување на процесите и обезбедување на негова поголема ефикасност. За подобра комуникација со тимот на УЈП, беше побарано општините и ЈКП кои досега не доставиле контакт-лице, тоа да го направат што поскоро.

Кај присутните посебно внимание предизвикаа дилемите околу можностите за испраќање масовни фактури од страна на ЈКП кон граѓаните, можностите за интегрирање/поврзување на сегашните системи што ги користат одредени општини и ЈКП со системот е-Фактура, како и можностите за користење на постојните валидни сертифицирани потписи на корисниците.

Претставниците од тимот на УЈП посочија дека во оваа пилот-фаза тестирањето може да се спроведе преку: директна интеграција на системот е-Фактура со деловните информациски системи на корисникот преку API интерфејс или преку Веб апликација. Во овој момент се тестираат повеќе функционалности на системот е-фактура, како што се креирање, прием, валидација, преземање, прифаќање, одбивање и сторнирање на е-фактура, се тестираат повеќе типови на документи и даночни индикатори, а во следниот период се планира постепено зголемување на опфатот на тестирањето до целосно вклучување на сите процеси, сите даночни индикатори и сите типови на документи.

На крајот од работилницата беа посочени платформите за цели на тестирањето:

  • Потребната документација е достапна на линкот: https://efakturawiki.ujp.gov.mk
  • Регистрација и доделување на привилегии за користење на системот е-фактура: https://eujptest.ujp.gov.mk/ureg
  • Тест платформа за е-фактура: https://efakturatest.ujp.gov.mk (овластеното лице се најавува и регистрира валиден квалификуван сертификат)
  • Контакт мејл за поддршка: Kontakt.eFaktura@ujp.gov.mk (на кој може да се достават сите прашања и предлози кои произлегле од тестирањето)

Оваа обука е од особено значење бидејќи јавните претпријатија претставуваат значаен сегмент од јавниот сектор и се меѓу најголемите издавачи на фактури во државата. Нивната навремена подготовка и активно вклучување во процесот се од клучно значење за успешната имплементација на системот е-Фактура и за обезбедување непречен премин кон целосно електронско фактурирање.

УЈП изразува искрена благодарност до ЗЕЛС за успешната соработка и поддршката во организацијата на обуката, како и до сите јавни претпријатија и претставници од општините кои активно учествуваа, покажаа висок интерес и дадоа значаен придонес во подготовките за воведување на системот е-Фактура.

УЈП и понатаму ќе продолжи со организирање информативни и едукативни активности со цел сите обврзници навремено да се подготват за примената на системот е-Фактура, кој ќе придонесе за поефикасни, побрзи и потранспарентни деловни процеси и забрзување на дигиталната трансформација во земјата.

 
http://www.ujp.gov.mk
© Управа за јавни приходи на Република Северна Македонија