IOTA го награди придонесот на експерти од УЈП во меѓународниот проект за автоматизација на процесите за управување со даночен долг
Вработени во Управата за јавни приходи се меѓу членовите на меѓународниот проект „Автоматизација на процесите за управување со даночен долг“ кои добија Сертификат за благодарност од Интра-Европската организација на даночни администраци (IOTA), како признание за нивниот особен придонес, професионалност и активна вклученост во успешната реализација на проектот.
Меѓу наградените се даночните службеници Василка Габер Наумовска и Христина Панчевски, кои како членови на проектните подгрупи учествуваа во анализата на практиките за управување со даночниот долг, размената на стручни знаења и искуства, како и во подготовката на препораки за автоматизација и дигитализација на процесите, заедно со експерти од даночните администрации на земјите-членки на IOTA. Проектот беше реализиран во рамките на Форумот на IOTA за управување со даночен долг, со цел идентификување на најдобрите практики за примена на дигитални решенија во управувањето со даночните побарувања и унапредување на ефикасноста на даночните администрации.
Во рамките на проектните активности беа изработени анализи и препораки кои ќе им помогнат на даночните администрации на земјите-членки на IOTA во понатамошната модернизација на процесите и примената на современи модели за управување со даночниот долг.
Признанието беше доделено на 30-тото Генерално собрание на IOTA, одржано на 17 јуни 2026 година во Будимпешта, Унгарија. Во образложението IOTA ја истакна посветеноста, експертизата и професионалниот ангажман на членовите на проектниот тим, нагласувајќи го нивниот придонес кон зајакнување на меѓународната соработка и размената на знаење меѓу даночните администрации.
Во проектот, претставниците на Управата за јавни приходи работеа заедно со експерти од даночните администрации на Белгија, Шведска, Литванија, Холандија и Ирска, придонесувајќи кон развојот на препораки за автоматизација на процесите за управување со даночниот долг.
Ова признание претставува потврда за активната улога на Управата за јавни приходи во рамките на IOTA и нејзината посветеност кон размена на знаење, унапредување на институционалните капацитети и примена на европски и меѓународни стандарди во даночната администрација.
Признанието се доделува во период кога Управата за јавни приходи го извршува претседателството со IOTA. Во рамките на претседателството, во 2027 година Управата за јавни приходи ќе биде домаќин на Генералното собрание на IOTA во Скопје, на кое ќе учествуваат генерални директори и високи претставници на даночните администрации од земјите-членки.
Управата за јавни приходи продолжува со активно учество во меѓународните иницијативи и вложување во знаење, иновации и дигитализација, со цел унапредување на услугите за даночните обврзници и натамошно усогласување со најдобрите практики во современата даночна администрација.
