Memorandum_mk
02.04.2026
Завршени активностите со рок во февруари во рамки на Даночната сезона 2026

Даночни ослободувања

Барања за даночно ослободување за данок на добивка (ДД-07)

Во рамки на даночните ослободувања, барања за издавање одобрение за намалување на пресметаниот данок на добивка по основ на воведување и користење на фискален систем на опрема, односно фискална апаратура, поднеле 276 даночни обврзници. Заклучно со февруари 2026 година, УЈП донесе 242 решенија за даночно ослободување по овој основ. Даночните обврзници, на кои им е одобрено даночно намалување, имале право истото да го искористат во Даночниот биланс за оданочување на добивката за 2025 година или да го пренесат во следните периоди, сѐ до неговото целосно искористување.

Барања за даночно намалување за данок на личен доход (ДЛД-02)

Барања за даночно намалување за данок на личен доход на образецот ДЛД-02 биле поднесени од 50 даночни обврзници кои вовеле фискален систем на опрема. Од вкупно поднесените барања заклучно со февруари 2026 година донесени се 48 решенија за одобрување на даночно ослободување. Даночните обврзници, на кои им е одобрено даночно намалување, имале право истото да го искористат во ДЛД-ДБ за 2025 година или да го пренесат во следните периоди, сѐ до неговото целосно искористување.

Намалувањето на данокот на добивка за вредноста на набавени и ставени во употреба до 10 фискални системи на опрема за регистрирање на готовински плаќања, се искажува на реден број 45 (АОП 52) од образецот ДБ односно реден број 27 (АОП 35) од образец ДЛД-ДБ.

Барања за признавање на расходи (ДД-БС и ДЛД-БС)

Во текот на даночниот период, 28 даночни обврзници поднеле Барање за согласност за признавање на расход преку образецот ДД-БС. Од нив, 15 даночни обврзници ги исполнувале законските услови, при што се донесени решенија со кои се одобрува признавање на расходите во даночната основа за данок на добивка. Барањето ДД-БС и ДЛД-БС се поднесува со цел преостанатата сметководствена вредност на средствата да се амортизира во целина независно од пропишаниот век на траење и таквата амортизација во целина да влезе како признат расход при утврдување на даночната основа за данокот на добивка односно данок на личен доход.

Според податоците на УЈП, во текот на оваа даночна сезона нема поднесени барања за согласност за признавање на расход во ДЛД-ДБ.

 
http://www.ujp.gov.mk
© Управа за јавни приходи на Република Северна Македонија