Etax
Физички лица Правни лица Меѓународни организации
Пребарување на даночни
обврзници
Внесете назив, седиште, единствен даночен број (ЕДБ) или матичен број (МБ) на даночниот обврзник
П
В
С
Ч
П
С
Н
            1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31          
Recnik
Даночен речник - преглед по поими

Даночниот речник опфаќа дефиниции на поими и кратенки кои директно или индиректно се поврзани со даночното работење. Како систематизиран материјал, речникот првенствено е сублимат на терминологија опфатена и дефинирана во законските и други прописи.


А
Автомати за игри на среќа со повеќенаменска улога и добивка (мултиплеер)

Механички, електронски или слични уреди на кои учесниците во игрите на среќа со уплата на одреден износ (жетон, метални пари или непосредна уплата на благајна, односно на автоматот) имаат можност за добивка.

 
Автомат-клуб

Посебно уредена деловна просторија во посебно изграден објект или во посебно уредена деловна просторија во состав на хотел со најмалку три ѕвездички. Посебно уредената деловна просторија во посебно изградениот објект треба да претставува посебна градежна целина или одвоен дел од зграда која е со посебен влез и потребна деловна и градежна функционалност.

 
Агент

Финансиска институција од земјата или од странство која, во име и за сметка на Министерство за финансии, може да извршува определени работи утврдени со закон.

 
Административни такси

Таксите пропишани со Законот за административните такси кои се плаќаат по таксена тарифа за списите и дејствијата во управните работи кај органите на државната управа, органите на општината, органите на општините во Градот Скопје и органите на Градот Скопје, од страна на лицето по чие барање постапката се спроведува, односно се вршат дејства предвидени со таксената тарифа, со исклучок на списите и дејствијата пропишани со законот кои не подлежат на плаќање на такси. Таксите се плаќаат во готови пари на соодветна уплатна сметка во рамките на трезорската сметка, со пренос на средства од една на друга трансакциска сметка или преку мобилни оператори или преку интернет. Кај дипломатските и конзуларни претставништва на Р.Македонија во странство таксите се плаќаат во готови пари или на банкарските сметки отворени за наплата на конзуларните такси.

 
Аконтативен период

Период за кој се утврдува и плаќа данокот како аконтација.

 
Аконтативна даночна пријава

Запис на даночниот обврзник за приходите, добивката, имотот, прометот на добра и услуги или други трансакции кои ќе ги оствари во аконтативниот период.

 
Аконтација

Износ на даночен долг кој обврзникот го плаќа во текот на годината во вид на месечни или тримесечни износи, до конечното намирување на даночната обврска.

 
Акциза

Посебен вид на данок која се наплатува посредно или непосредно на потрошувачката на посебна група добра - акцизни добра. Акцизните добра се подложни на акциза со нивното производство на акцизната територија или со нивниот увоз. * Од 1 Јануари 2010 година, акцизите како јавна давачка која ја администрираше Управата за јавни приходи преминаа во надлежност на Царинската управа.

 
Акцизен документ

Документот кој го придружува транспортот на акцизни добра и со кој се докажува движењето на акцизни добра во постапка на непостоење на услови за настанување акцизен долг, или при извоз од акцизен склад во постапка на непостоење на услови за настанување акцизен долг.
Документот кој го придружува транспортот на акцизни добра што се врши меѓу акцизни складови на ист имател на акцизна дозвола во постапка на непостоење на услови за настанување на акцизен долг е „упростен акцизен документ“.

 
Акцизен период

Календарски месец во кој настанала и за кој се пресметува и плаќа акциза.

 
Акцизен склад

Секое место каде во постапка на непостоење на услови за настанување на акцизен долг, имателот на акцизна дозвола произведува, складира, прима или испраќа добра подлежни на акциза.

 
Акцизна дозвола

Документ кој го издава Царинската управа на РСМ по претходна согласност на Министерот за финансии, со кој на определено лице му се одобрува во акцизен склад да произведува, прима, складира и испраќа добра во постапка на непостоење на услови за настанување на акцизен долг.

 
Акцизно добро

Минерални масла, алкохол и алкохолни пијалоци, тутунски добра и патнички автомобили.

 
Акцизно повластено користење

Кога добрата подлежни на акциза се користат за наменски цели и се ослободени од акциза или се применува повластена акциза.

 
Акцизно-правен слободен промет

Пуштање во промет на добра подложни на акциза, кои не се наоѓаат во постапка на непостоење на услови за настанување на акцизен долг.

 
Акција

Хартија од вредност (која може да ја издаваат акционерското друштво и командитното друштво со акции) во која е претставен дел од основната главнина и во која се отелотворуваат правата на акционерот кој, како сопственик на акцијата, не е доверител на друштвото, ниту сопственик на еден дел од имотот на друштвото.

 
Акционер

Сопственик на една или на повеќе акции кој не одговара за обврските на акционерското друштво или на командитното друштво со акции. Акционер може да биде и секое странско лице. Странско лице може
да стекнува удел или акции на начин и под услови предвидени за државјаните на Р.Македонија и за правните лица запишани во трговскиот регистар на територијата на Р.Македонија, освен ако со закон поинаку не е определено.

 
Акционерска книга (книга на акции)

Книга на акционерското друштво која се води во Централниот депозитар за хартии од вредност во која во електронска форма се запишуваат акциите, со означување на името и презимето на акционерот, ЕМБГ, бројот на пасошот, односно бројот на личната карта, ако акционерот е странско физичко лице или на друга исправа за утврдување на идентитетот-важечка во неговата земја и неговото државјанство, како и местото на живеење, односно фирмата, седиштето, ЕМБС, ако акционерот е правно лице и други информации.

 
Акционерско друштво

Трговско друштво во кое акционерите учествуваат со влогови во основната главнина, која е поделена на акции. Акционерите не одговараат за обврските на акционерското друштво.

 
Алкохол и алкохолни пијалоци

Пиво, пенливо вино, вино, ферментирани пијалоци (пенливи ферментирани пијалоци, непенливи ферментирани пијалоци), меѓупроизводи и етил-алкохол (етил алкохол и алкохолни пијалоци).

 
Амортизација

Отпис на вредноста на нематеријалните и материјалните средства.

  • пропорционален метод на амортизација - метод на еднакви годишни квоти во проценетиот век на траење на средството.
  • дегресивен метод на амортизација - метод на опаѓачки годишни квоти во проценетиот век на траење на средството.
  • фукционален метод на амортизација - метод на амортизација кај кој износот на амортизацијата зависи од интензитетот на производството, а не од времето на користење на средството.
 
Анкетен лист

Вид на пријава со детален опис на недвижен имот, подвижни предмети од поголема вредност, хартии од вредност и побарување и долгови со наведување на основот на стекнување на пријавениот имот која ја
поднесува избрано службено лице и одговорно лице во јавно претпријатие и во друго правно лице што располага со државен капитал. Се поднесува при изборот, односно по стапувањето на должноста на лицето, а најдоцна во рок од 30 дена.

 
Аранжман за финансиски колатерал во стечајна постапка

Аранжман според кој давателот на колатералот презема обврска да воспостави право на обезбедување врз финансиски инструменти или готовина или да ги пренесе неговите права врз финансиските инструменти или готовина како колатерал на име на приметелот на колатералот. 

(види и финансиски колатерал)
 
 


© Управа за јавни приходи на Република Северна Македонија