Memorandum_mk
Уверение за состојба на даноци, придонеси и други јавни приходи и давачки

Уверение за состојба на даноци, придонеси и други јавни приходи и давачки се издава за платени, односно неплатени даноци, придонеси и други јавни приходи и давачки (за тековна состојба или за состојба во бараниот период), со цел да послужи како доказ за утврдување на фактичката состојба врз основа на која се решава за правата, обврските или правните интереси на странката (даночен обврзник) од страна на друг надлежен јавен орган.

Уверението се издава за состојба на сите даноци, придонеси и други јавни приходи и давачки кои ги управува или доколку истите со закон се доверени да ги управува УЈП.

ПОДНЕСУВАЊЕ НА БАРАЊЕ ЗА ИЗДАВАЊЕ НА УВЕРЕНИЕ ЗА СОСТОЈБА НА ДАНОЦИ, ПРИДОНЕСИ И ДРУГИ ЈАВНИ ПРИХОДИ И ДАВАЧКИ

Барањето за издавање на уверение за состојба на даноци, придонеси и други јавни приходи и давачки се поднесува на образец Б/УПД.
Барањето (образец Б/УПД) се поднесува во писмена форма во два идентично пополнети примероци во надлежната организациона единица на УЈП (ДГДО/РД/ДО/ДШ) која го администрира даночниот обврзник.

Барањето (образец Б/УПД) може да го поднесе лично странката, законскиот застапник или полномошник на странката или службено лице од јавниот орган надлежен за решавање за права, обврски или правни интереси на странката.

  • Доколку Барањето (образец Б/УПД) се поднесува преку законски застапник или полномошник на даночниот обврзник, во прилог на барањето задолжително се доставува копија од доказ за законски застапник или овластување (полномошно) во име и за сметка на обврзникот да се преземаат дејствија во даночната постапка.
  • Доколку Барањето (образец Б/УПД) се поднесува од службено лице од јавниот орган надлежен за решавање за права, обврски или правни интереси на странката, доказот за согласност од лицето за употреба на личните податоци во постапката на прибавување на податоци за состојба на даноци, придонеси и други јавни приходи и давачки по службена должност го обезбедува јавниот орган надлежен за решавање за права, обврски или правни интереси на странката во согласност со Законот за прибавување и размена на докази и податоци по службена должност.

Во Барањето (образец Б/УПД) задолжително се пополнуваат бараните податоци за даночниот обврзник за кого се поднесува барањето, податоци за состојба за која се бара издавање на уверение (тековна состојба или состојба за период) и податоци за основ (се избира еден од наведените основи) за кој се бара издавање на уверение.

Административни такси
За издавање на уверение за состојба на даноци, придонеси и други јавни приходи и давачки предвидено е плаќање или ослободување од административни такси во зависност од основот наведен во Барањето (образец Б/УПД), и тоа:

Основ наведен во барањето поради кој се бара состојба
на даноци, придонеси и други јавни приходи
и давачки

Административна такса согласно ЗАТ
Отпуст на државјанство За цели на издавање на УВЕРЕНИЕ за состојба на даноци, придонеси и други јавни приходи и давачки УЈП-УН-З.2-27 се наплаќа вкупно 100 денари (50 денари за барањето и 50 денари за издавање на уверението), согласно член 37 и Тарифен број 1 и 60 од ЗАТ, освен ако странката не е ослободена од плаќање на административни такси согласно ЗАТ
Добивање на виза за патување
Заверка на купопродажен договор
Промена на презиме
Учество на тендер
Одобрување на програма за курсисти (кај текстилците)
Користење на кредит
Учество на конкурс за добивање простор за закуп
Учество на лицитација
Доделување на земјоделско земјиште
Добивање на лиценца
Физичка делба на имот
Добивање на дозвола за привремен увоз
Имотен лист
За пред нотар
Пренос на удел (за пред ЦРРСМ)
Бришење на друштво по пат на ликвидација (за пред ЦРРСМ)
За пред соодветно министерство
Добивање на концесија
За ревизија
За пред Народна банка на РСМ
За пред банка
За пред суд
Користење на средства од ИПАРД Инструментот на Европската Унија
Друго

Доколку Барањето (образец Б/УПД) се поднесува по основ на „Друго“, потребно е да се изврши увид во член 15 и 18 од Законот за административните такси дали поднесувањето на барањето и издавањето на уверение е ослободено од административни такси. Доколку не е, потребно е да се изврши плаќање на административни такси во вкупен износ од 100 денари (50 денари за барањето и 50 денари за уверението).
Плаќањето на административната такса може да се врши преку:

  • Налог ПП 50 (задолжително во прилог на барањето се доставува копија од налогот); или
  • Мобилен телефон со праќање на СМС порака (систем eNAPSYS) на бројот 144 166 со текст „TM Ime Prezime Iznos”. По праќањето на пораката, праќачот повратно добива Трансакциски код, кој се состои од 10 бројки (задолжително во барањето се внесува трансакцискиот код во соодветното поле).

Напомена: Доколку Барањето (образец Б/УПД) е поднесено по службена должност од службено лице од јавниот орган надлежен за решавање за права, обврски или правни интереси на странката, надлежниот јавен орган има обврска да ги наплати административните такси од странката во име и за сметка на УЈП (доколку не е предвидено ослободување од плаќање на административни такси согласно ЗАТ).

Прилози
Во прилог на Барањето (образец Б/УПД) задолжително се поднесува копија од документ/и (објаснето погоре) со кои ќе може да се потврдат податоците во барањето. Доколку во прилог на барањето се доставува документ кој не е наведен, во полето “Друго“ се впишуваат податоци за документот (назив, број, датум и надлежниот орган кој го издал).

Отстранување на формални недостатоци на барањето
Доколку во Барањето (образец Б/УПД) не се наведени податоците за идентификација на даночниот обврзник, не е означен ниту еден основ или се означени повеќе основи за поднесување на барањето, не е означено дали се бара тековна состојба или состојба за конкретен период, доколку нема доказ за извршена уплата на административни такси или нема наведено трансакциски код за плаќање со СМС порака или други докази (во случаите кога тоа е потребно), или доколку барањето не е потпишано, се смета дека барањето има формални недостатоци.

УЈП доставува Известување за формални недостатоци на поднесок, со кое ќе се побара во рок од 15 (петнаесет) дена од денот на доставување на известувањето, подносителот да ги отстрани формалните недостатоци.
Отстранувањето на формални недостатоци, подносителот го врши со поднесување на „Исправка“ на Барање (образец Б/УПД). При поднесување на новото барање се означува полето „Исправка“ и се пополнува „Број“ на прием на барањето за кое се врши исправка. Исправката не се врши преку искажување на разликите во податоците, туку преку искажување на целосни и точни податоци.
Напомена: За „Исправка“ на Барањето (образец Б/УПД) не треба да се врши уплата на административни такси.
Доколку подносителот не ги отстрани формалните недостатоци во определениот рок од Известувањето за формални недостатоци на поднесок, УЈП донесува Решение за отфрлање на поднесок.

Доколку Барањето (образец Б/УПД) е поднесено за лице кое не е или не било регистрирано во Единствениот регистар на даночни обврзници на УЈП, односно не поседува или не му бил доделен Даночен идентификационен број во РСМ (ЕДБ или ЕМБГ) во периодот наведен во барањето, ќе се смета дека таквото лице не е регистрирано и нема статус на даночен обврзник во УЈП, поради што се издава Потврда за статус на регистрација на даночен обврзник, со која ќе се потврди ваквата фактичка состојба.

ИЗДАВАЊЕ НА УВЕРЕНИЕ ЗА СОСТОЈБА НА ДАНОЦИ, ПРИДОНЕСИ И ДРУГИ ЈАВНИ ПРИХОДИ И ДАВАЧКИ

УЈП издава Уверение за состојба на даноци, придонеси и други јавни приходи и давачки најдоцна во рок од 15 (петнаесет) дена од денот на поднесување на Барањето (образец Б/УПД) во писмена форма.
Рокот за издавање на Уверение за состојба на даноци, придонеси и други јавни приходи и давачки по службено Барање (образец Б/УПД) поднесено од јавниот орган надлежен за решавање за права, обврски или правни интереси на странката е 7 (седум) дена од денот на приемот на службеното барање поднесено во писмена форма.
Напомена: Уверението за состојба на даноци, придонеси и други јавни приходи и давачки не ги вклучува даноците, придонесите и другите јавни приходи и давачки: кои обврзникот или исплатувачот на приходи имале обврска да ги пријават и платат, а истото не го сториле навремено; за кои не е утврдена и/или доспеана обврска за плаќање со датумот на состојба за кој се издава ова уверение; и кои може да се појават во постапка на службено утврдување на данок. Исто така, ова Уверение не ги вклучува даноците и другите јавни приходи и давачки за кои утврдувањето и наплатата ја врши друг надлежен орган согласно закон.

Доколку обврзникот не се согласува со податоците наведени во уверението, потребно е да се обрати Управата за јавни приходи во рок од 3 (три) дена од добивањето на истото, со приложување на докази.
Доколку обврзникот нема забелешки и не реагира на точноста на податоците во наведениот рок во издаденото уверение, се смета дека се согласува со истите.
Доколку даночниот обврзник врз основа на доказите со кои располага смета дека уверението не содржи податоци за фактичката состојба на даноци, придонеси и други јавни приходи и давачки, може да бара од УЈП измена на уверението или да му се издаде ново уверение. Во ваков случај, УЈП врши измена на уверението или издава ново уверение.
За извршената измена или издавање на ново уверение, не треба да се врши уплата на административна такса.

 
http://www.ujp.gov.mk
© Управа за јавни приходи на Република Северна Македонија