Секој избран или именуван функционер, одговорно лице во јавно претпријатие, јавна установа или друго правно лице кое располага со државен капитал, службено лице во државните органи, во општинската администрација и администрација на Град Скопје има обврска да пополни образец АНКЕТЕН ЛИСТ со детален опис на недвижен имот, подвижни предмети од поголема вредност, хартии од вредност и побарувања и долгови, како и друг имот што е во негова сопственост или сопственост на членовите на неговото семејство, со наведување на основот на пријавениот имот и да депонира заверена изјава од нотар за откажувње од заштита на банкарска тајна во однос на сите сметки во домашни и странски банки најдоцна во рок од 30 дена од денот на изборот или именувањето, вработувањето, престанувањето на функцијата или вработувањето, односно на пропишан образец да пријави ПРОМЕНА НА ИМОТНА СОСТОЈБА на неговиот имот и имотот на членовите на неговото семејство, како што е изградба на куќа или други објекти, купување на недвижности, хартии од вредност, автомобил или други подвижни предмети во вредност што надминува износ од 20 просечни нето-плати во претходниот тримесечен период.
Избраниот или именуван функционер, одговорното лице во јавно претпријатие, јавна установа или друго правно лице кое располага со државен капитал образецот - Анкетен лист, односно образецот за пријавување на промени на имотната состојба, го поднесува до Државната комисија за спречување на корупција и до Управата за јавни приходи.
Службеното лице во државните органи, во општинската администрација и администрација на Град Скопје, образецот - Анкетен лист, односно образецот за пријавување на промени на имотната состојба, го доставува до органот во кој е вработено.