Дефиниција
- Доход од самостојна дејност - е доходот остварен од стопанска дејност, од давање професионални и други интелектуални услуги, доходот од земјоделска дејност и доходот од други дејности чија трајна цел е остварување на доход.
- Доход од стопанска дејност - е доходот од производна, услужна, трговска, угостителска, превозничка и друга слична дејност.
- Доход од професионални и други интелектуални услуги - доходот од здравствена, стоматолошка, ветеринана, адвокатска, нотарска, консултантска, ревизорска, проценителска, инженерска, архитектонска, новинарска, спортска, културна и друга интелектуална дејност.
- Под доход од земјоделска дејност се подразбира доходот од производство, доработка, преработка и пласман на сопствени земјоделски производи, како и одгледување на добиток и други стопанско-корисни животни и пласман на нивните производи.
Даночен обврзник
- трговец-поединец
- физичко лице кое врши земјоделска дејност и кое води деловни книги
- физичко лице кое врши занаетчиска дејност и кое води деловни книги
- физичко лице кое врши услуги или слободни занимања, кое остварува доход од вршење на дејност (адвокати, нотари, лекари, ветеринари, инженери, архитекти, сметководители, ревизори, новинари и сл.)
Даночна основа
Основа за пресметување на данокот на доход од самостојна дејност е разликата меѓу вкупните приходи и вкупните расходи на обврзникот, зголемен за непризнаените расходи за даночни цели.
Даночна стапка
Пресметката и плаќањето на данокот на доход од самостојна дејност се врши по стапка од 10%.
Самооданочување (утврдување и плаќање на аконтација на данокот на доход)
Аконтацијата на данокот на доход се плаќа до 15-ти во тековниот за претходниот месец, во износ од 1/12 (една дванаесттина) од пресметаниот данок во Годишниот даночен биланс (ДЛД-ДБ), за претходната година.
Обврзникот кој отпочнува да врши самостојна дејност месечните аконтациите на данокот на доход за првата година ги плаќа на основица од 50% од просечна нето плата по работник во Република Северна Македонија објавена во месец Јануари во тековната година според податоците на Државниот завод за статистика.
Обврзникот на данокот на доход од самостојна дејност е должен разликата меѓу уплатената аконтација и пресметаниот данок на доход да ја уплати во рок од 15 дена од денот на истекот на рокот за предавање на Годишниот даночен биланс (ДЛД-ДБ).
Напомена: Аконтацијата на данокот на доход за јануари и февруари во тековната година се плаќа во износ од една дванаесеттина од пресметаниот данок во годишниот даночен биланс за годината која и претходи на претходната година.
Годишни обврски за вршителите на дејност
Задолжително се доставуваат Биланс на приходи и расходи (Б) и Годишен даночен биланс (ДЛД-ДБ) до Управата за јавни приходи по електронски пат преку https://e-ujp.ujp.gov.mk, најдоцна до 15 март наредната година.
Управата за јавни приходи изготвува пополнета Годишна даночна пријава за сите граѓани - физички лица кои оствариле доход од самостојна дејност во текот на 2023 година.
Пополнетата Годишна даночна пријава (ДЛД-ГДП), Управата за јавни приходи ја доставува до граѓаните најдоцна до 30 април 2024 година преку системот https://e-ujp.ujp.gov.mk
Секое физичко лице е должен да ја потврди точноста на податоците од пополнетата Годишна даночна пријава или да ја коригира пријавата најдоцна до 31 мај 2024 година.
Доколку граѓанинот не ја потврди или коригира пополнетата Годишна даночна пријава најдоцна до 31 мај 2024 година, пополнетата ДЛД-ГДП издадена од УЈП ќе се смета за потврдена.
Оданочување според паушално утврден нето-доход
Обврзниците кои поради определени околности:
- не се во состојба да водат деловни книги
- водењето на деловните книги им го отежнува вршењето на дејноста
- во чија дејност не вложуваат и други лица и
- остваруваат нето годишен доход од вршење на дејност до две годишни просечни бруто плати
имаат право да поднесат Барање за паушално утврдување на данокот (образец ДЛД-П) до Управата за јавни приходи и данокот на доход остварен од вршење на дејност да го плаќаат според паушално утврден нето доход
Рокови за поднесување на Барањето за паушално плаќање на данокот на доход
Обврзникот секоја година поднесува Барање за паушално оданочување (образец ДЛД -П) до даночната канцеларија на УЈП или преку системот е-Персонален данок https://e-ujp.ujp.gov.mk:
- најдоцна до 31 декември во годината која и претходи на годината за која се врши утврдување на данокот; или
- во рок од 15 дена од денот на регистрација во надлежен регистар; или
пред отпочување на вршење на дејноста.
Паушално оданочување не се признава за:
- обврзникот кој врши трговска, угостителска и комисиона дејност (освен обврзникот кој врши трговска дејност исклучиво преку продажни места на организираните зелени пазари);
- кој вработува повеќе од едно лице, покрај обврзникот,
- во чија дејност вложуваат и други лица и
- чиј нето доход во годината која и претходи на годината за која се врши утврдување на данокот е повисок од две годишни просечни бруто плати по работник во Република Северна Македонија според податоците на Државниот завод за статистика.
Ако Управата за јавни приходи утврди дека престанале условите поради кои на обврзникот му е признаено правото данокот да го плаќа според паушално утврдениот нето доход, ќе треба да го задолжи да води деловни книги.
Ако Управата за јавни приходи утврди дека престанале условите поради кои на обврзникот му е признаено правото данокот да го плаќа според паушално утврдениот нето доход, ќе треба да го задолжи да води деловни книги.
Пресметка на аконтација на данокот на доход
Управата за јавни приходи врши пресметка на аконтација на данокот на доход остварен од вршење на самостојна дејност а кој се оданочува според паушално утврден доход.
Управата за јавни приходи пресметката на аконтација на данокот на доход остварен од вршење самостојна дејност ја врши по поднесено Барање (образец ДЛД-П) од даночниот обврзник и според критериуми за утврдување на паушален доход согласно Законот за данокот на личен доход.