Периодот за кој се пресметува и плаќа ДДВ е даночен период. Во зависност од остварениот промет даночниот период може да биде:
- календарски месец - доколку вкупниот промет во изминатата календарска година надминал износ од 25 милиони денари
- календарско тримесечје - доколку вкупниот промет во изминатата календарска година не надминал износ од 25 милиони денари
Пријавувањето на данокот кој се должи или побарува од страна на даночниот обврзник се врши со Даночна пријава за данокот на додадена вредност (образец ДДВ-04) и во истата самиот го пресметува данокот за соодветниот даночен период.
Сите даночни обврзници регистрирани за целите на ДДВ, даночната пријава “ДДВ-04“ задолжително треба да ја поднесуваат по електронски пат преку е-Даноци http://etax.ujp.gov.mk
Кон даночната пријава, за соодветниот даночен период, даночниот обврзник е должен да поднесе Периодичен извештај од неговите денарски трансакциски сметки и девизни сметки, по електронски пат, преку носителот на платниот промет.
Пресметување, пријавување и плаќање на ДДВ во постапка на присилна наплата и присилно извршување
При промет на добра во постапка за присилна наплата согласно со Законот за даночна постапка и во постапка за присилно извршување согласно со Законот за извршување, а кога доверителот не се стекнува со доброто, се применува член 43-а од ЗДДВ.
Во ваков случај доколку должникот е регистриран за целите на ДДВ, субјектот надлежен за спроведување на постапката треба во име и за сметка на даночниот должник да го пресмета и плати ДДВ-то за прометот на добрата кои се предмет на продажба во овие постапки, освен кога доверителот се стекнува со доброто.
Првенство на намирување од износот уплатен од страна на стекнувачот на доброто за прометот извршен во постапки на присилна наплата и присилно извршување, има намирувањето на обврската за плаќањето на ДДВ.
Плаќањето на ДДВ-то, субјектот надлежен за постапката го врши:
- во постапка на присилна наплата - во рок од 5 работни дена од денот кога е извршена целосна уплата од страна на стекнувачот на доброто,
- во постапка на присилно извршување - во рок од 5 работни дена од денот на одржаната делба.
Субјектот надлежен за спроведување на постапката покрај актот кој е основ за стекнување со сопственост на добрата, треба да изготви и Извештај за задржан данок на додадена вредност во постапка на присилна наплата и присилно извршување (образец ДДВ-ПНПИ) и истиот да го достави до Управата за јавни приходи, до должникот и до стекнувачот на доброто најдоцна во рок од:
- во постапка на присилна наплата - во рок од 5 работни дена од денот кога е извршена целосна уплата од страна на стекнувачот на доброто.
- во постапка на присилно извршување - во рок од 5 работни дена од денот на одржаната делба.
Во ДДВ-04 пријавата должникот нема обврска да го пријави прометот извршен во постапка на присилна наплата или присилно извршување, во ваков случај надлежниот даночен орган го задолжува за прометот врз основа на Извештајот (образец ДДВ-ПНПИ).