Даночен должник за данокот на додадена вредност е:
- Даночен обврзник кој врши промет на добра или услуги има обврска да го пресмета данокот на додадена вредност што го должи, да го пријави должениот данок со поднесување на даночна пријава на ДДВ до Управата за јавни приходи и да го плати должениот данок.
- Лице кое увезува добра во Република Македонија, се јавува како даночен должник за ДДВ и данокот на додадена вредност при увозот го плаќа во истото време кога ги плаќа и царинските давачки.
- Лице кое издава фактура за ДДВ, иако за тоа не е овластено е даночен должник за неовластено искажаниот ДДВ и има обврска да го плати во рок од пет работни дена по издавањето на фактурата и да поднесе ДДВ пријава за даночниот период во кој е издадена фактурата.
- Примателот на доброто или корисникот на услугата, во случај на промет, извршен од страна на даночен обврзник, кој нема ниту седиште, ниту подружница во Република Македонија
Доколку прометот на добра или услуга се врши од даночен обврзник кој во Република Македонија нема ниту седиште, ниту подружница, даночен должник за ДДВ е даночниот обврзник-резидент во Република Македонија кој е примател на доброто или корисник на услугата.
Примателот на доброто или корисникот на услугата е должен, наместо даночниот обврзник-резидент во странство, да го пресмета, пријави и плати данокот кој настанал за прометот извршен спрема него од странскиот даночен обврзник.
Даночните обврзници кои не се регистрирани за целите на ДДВ должни се како приматели на исполнувања да извршат пресметка, пријавување и плаќање на данокот.
Данокот на додадена вредност се пријавува и плаќа кај даночниот орган кај кого примателот на исполнувањето е регистриран како даночен обврзник.
За даночните обврзници кои не се регистрирани и за јавно-правните тела надлежен е даночниот орган, на чија територија се наоѓа нивното седиште.
- Даночен обврзник-примател на промет извршен од страна на друг даночен обврзник регистриран за целите на ДДВ кога се работи следните оданочиви промети:
- градење, вклучувајќи одржување, реконструкција и отстранување на градби или нивни делови, кога примател на прометот е инвеститорот, а вршителот на прометот е изведувачот на работите, и во случај кога примател на прометот е изведувачот, а вршител на прометот е подизведувачот на работите, согласно законот со кој се уредува градењето;
- прометот со употребен материјал и употребен материјал кој не може повторно да се користи во иста состојба, отпад, индустриски и неиндустриски отпадни материјали, отпаден материјал кој може да се рециклира, делумно преработен отпад; и
- пренос на движен и недвижен имот во постапка на присилна наплата согласно со Законот за даночна постапка и во постапка за присилно извршување согласно со Законот за извршување, кога доверителот се стекнува со доброто.
Примена на механизам за пренесување на даночна обврска (Reverse Charge)
- за градежни услуги и промети со употребен и отпаден материјал
Механизмот за пренесување на даночната обврска од вршителот на прометот кон примателот на прометот се применува за градежни услуги и промети со употребен материјал и отпаден материјал кои се наведени во Одлуката за определување нa добрата и услугите за кои даночен должник е даночниот обврзник кон кого е извршен промет од страна нa друг даночен обврзник, а кои се вршат помеѓу даночни обврзници кои се регистрирани за целите на ДДВ.
Во случај на примена на механизмот за пренесување на даночната обврска, даночниот обврзник-вршител на прометот нема обврска да пресмета ДДВ и во издадената фактура кон примателот на прометот ќе наведе “пренесување на даночна обврска”.
Даночниот обврзник-примател на прометот има обврска да го пресмета ДДВ за примениот промет и да го пријави пресметаниот данок во Даночната пријава за ДДВ (образец “ДДВ-04“).
- за промети на добра во постапка на присилна наплата и присилно извршување
Механизмот за пренесување на даночната обврска се применува во случај кога доверителот се стекнува со доброто во постапка на присилна наплата и присилно извршување.
Субјектот надлежен за спроведување на постапката за присилна наплата и присилно извршување треба да го пресмета данокот на додадена вредност за прометот на добрата кои се предмет на продажба во постапка на присилна наплата и присилно извршување во Извештајот за пресметка на данок на додадена вредност во постапка на присилна наплата и присилно извршување (образец “ДДВ-ПНПИ/ДС”).
Актот кој е основ за стекнување со сопственост на добрата и Извештајот за пресметка на данок на додадена вредност во постапка на присилна наплата и присилно извршување (образец “ДДВ-ПНПИ/ДС”) субјектот надлежен за постапката треба да ги достави до должникот и до доверителот како стекнувач на доброто.