Даночните ослободувања се состојат во намалување на даночната основа по основ на реинвестирана добивка и намалување на пресметаниот данок
- Под реинвестирана добивка се подразбира добивката остварена со годишна сметка од претходната година која по пат на распределба е издвоена за инвестиции и која во наредната година е вложена за инвестициски вложувања од добивката за развојни цели и тоа: вложувања во материјални средства (недвижности, постројки и опрема), вклучително и вложувањата во материјални средства набавени преку финансиски лизинг, како и во нематеријални средства (компјутерски софтвер и патенти) за проширување на дејноста на даночниот обврзник, освен вложувања во патнички автомобили, мебел, теписи, аудио визуелни средства, бела техника, уметнички дела од ликовната и применетата уметност и други вложувања кои служат за административни цели.
Намалување на пресметаниот данок
Намалувањето на пресметаниот данок се извршува за:
- износот на одобреното даночно ослободување за набавени и ставени во употреба до 10(десет) фискални системи на опрема за регистрирање на готовинските плаќања, односно фискална апаратура и интегриран автоматски систем за управување;
- износот на данок содржан во оданочени приходи/добивки во странство (задржан данок) до пропишаната стапка;
- износот на данокот кој го платила подружницата во странство, за добивката што е вклучена во приходите на матичното правно лице во Република Северна Македонија до висината на данокот утврден според даночната стапка во Република Северна Македонија.
Даночни ослободувања кои се пропишани за посебни категории на даночни обврзници, регулирани со прописите со кои се регулира нивното основање и работење
- Заштитните друштва, за вработување на инвалидизирани лица (согласно одредбите од Законот за вработување на инвалидни лица);
- Стопанските единици во рамките на установите за извршување на санкции и казнено поправните установи (согласно одредбите од Законот за извршување на санкции); и
- Технолошко индустриските и развојни зони (во период од 10 години под услови и постапки утврдени со Законот за технолошки индустриски и развојни зони).