Трговските друштва клaсифицирани како мали и микро трговци и правните лица резиденти на Република Македонија кои водат сметководство и изготвуваат годишни сметки согласно Законот за трговските друштва и кои според природата и обемот на дејноста се сметаат за трговци, согласно со условите утврдени во членот 33 од Законот на данок на добивка (ЗДД), можат да се определат да плаќаат годишен данок на вкупен приход.
Трговските друштва можат да се определат да пресметуваат и плаќаат годишен данок на вкупен приход под услов:
1. да извршуваат стопанска дејност (освен банкарска, финансиска, осигурителна и дејност од областа на игрите на среќа и забавните игри); и
2. вкупниот приход остварен во годината за која се утврдува данокот од било кој извор да изнесува од 3.000.001 до 6.000.000 денари на годишно ниво.
Трговските друштва еднаш одбраниот модел на оданочување не може да го менуваат во наредните три години, вклучувајќи ја и годината за која се плаќа данок на вкупен приход.
Трговските друштва од член 32 и член 33 од ЗДД, Управата за јавни приходи ги евидентира во регистар на трговски друштва за годишен данок на вкупен приход, врз основа на податоците за искажаниот вкупен приход во Билансот на успех кон годишната сметка за годината за која се утврдува данокот.
Образецот “ДБ-ВП” се доставува во рокот пропишан за поднесување на годишната сметка согласно Законот за трговските друштва и прописите за сметководство во годината што следи по годината за која се врши оданочувањето, до даночната канцеларија на УЈП или во електронска форма преку http://etax.ujp.gov.mk
Даночниот обврзник е должен плаќањето на данокот да го изврши најдоцна во рок од 30 дена по рокот за доставување на образецот.
Трговските друштва се бришат од регистарот на обврзници за годишен данок на вкупен приход во согласност со одредбите на член 36 од ЗДД.
Напомена: Трговските друштва класифицирани како мали и микро трговци и правните лица резиденти на Република Македонија кои водат
сметководство и изготвуваат годишни сметки согласно Законот за трговските друштва кои ги исполнуваат условите од член 32 од ЗДД се ослободени од обврската за плаќање на годишен данок на вкупен приход и истите имаат обврска да достават само пополнет образец “ДБ-ВП”.
|