Даночниот речник опфаќа дефиниции на поими и кратенки кои директно или индиректно се поврзани со даночното работење. Како систематизиран материјал, речникот првенствено е сублимат на терминологија опфатена и дефинирана во законските и други прописи.
Царинење на стока
Секое службено дејствие при ставање на стоката во царинска постапка или при извршување на формалностите за повторен извоз на стока, во редовна постапка во согласност со Царинскиот закон.
Царинска декларација
Дејствие во пропишана форма и на начин со кое лицето искажува волја за ставање на стока во одредена царинска постапка. Поднесување на царинска декларација претставува ставање на увид на царинска декларација на надлежниот царински орган од страна на декларантот, во пропишана форма и на начин за спроведување на одредената царинска постапка. Прифаќање на царинска декларација е констатирање на царинскиот орган дека царинската декларација е во согласност со законот, и евидентирање на истата од страна на царинскиот орган во пропишаната евиденција.
Царинска контрола
Извршување на конкретни дејствија, како што се: преглед на стока; проверка на постоење, веродостојност и точност на документите; преглед на деловни книги и други евиденции; преглед и претрес на транспортни средства; преглед и претрес на личен багаж и друга стока која ја носат лицата со или на себе; спроведување на службени постапки и други слични дејствија во поглед на запазување на царинските прописи, а кога е потребно и на други прописи кои важат за стока која е предмет на царинскиот надзор.
Царински долг
Обврска на лице да го плати износот на увозните давачки (царински долг при увоз) или извозните давачки (царински долг при извоз), кои се пропишани за одредена стока според прописите на Република Северна Македонија.
Царински надзор
Општи мерки кои ги презема царинскиот орган заради обезбедување на примена на царинските прописи, а кога е потребно и на други прописи кои важат за стока која е предмет на царинскиот надзор.
Царински ослободувања и олеснувања
Основачот и/или корисникот на зоната, подлежи на царински ослободувања и олеснувања согласно со одредбите на Царинскиот закон.
Царински постапки
Постапки кои се однесуваат на: пуштање на стока во слободен промет, транзит, царинско складирање, увоз за облагородување, преработка под царинска контрола, привремен увоз, извоз за облагородување и извоз.
Царински статус
Статусот на стока, како домашна или странска.
Царински формалности
Се сите дејствија кои мора да бидат спроведени од страна на странките и царинскиот орган со цел да се применат царинските прописи.
Царинско подрачје на Република Северна Македонија
Ја опфаќа територијата, територијалните води и воздушниот простор над територијата на Република Северна Македонија, обележано со царинска линија идентична со државната граница. Согласно со меѓународните договори царинското подрачје може да се протега и на делови од територијата на други држави.
Централен регистар
Правно лице со права, обврски и одговорности утврдени со законот за Централен регистар. Истиот се основа, како централна информативна база на правни и друг вид релевантни податоци, кои согласно со закон или со договор се внесуваат во него.