Memorandum_mk
02.07.2019
Управата за јавни приходи ја гарантира безбедноста на апликацијата МојДДВ

Во врска со одредени реакции поврзани со наводно нарушување на безбедноста на личните податоци при инсталирање на апликацијата МојДДВ, Управата за јавни приходи известува дека апликацијата е безбедна за преземање и инсталирање со цел граѓаните да го остварат правото на поврат на 15 % од платениот ДДВ.
Управата уверува дека сите податоци внесени во апликацијата, како што се е-пошта и број на трансакциска сметка се сигурни и заштитени од било каква злоупотреба.

Имено, апликацијата МојДДВ граѓаните ја преземаат од Google play store, којшто е сервис на мултинационалната компанија Google којашто има строги критериуми од безбедносен аспект како за самата компанија, така и за корисниците на сервисот.
При симнување на апликацијата не се бараат никакви податоци. Единствено се бара дозвола за користење на камерата.

При употреба на апликацијата е потребно да се најават на системот на УЈП и се користи постојното корисничко име и лозинка. Се користи безбеден криптиран пренос на податоците од корисничкото име и лозинката меѓу телефонот и системот на УЈП.
Во системот за поврат на ДДВ не се чуваат лични податоци освен трансакциската сметка која е поврзана кон кориснички број и не може да се идентификува на кое лице припаѓа.

Оттука Управата за јавни приходи ги уверува граѓаните дека нивните податоци се максимално заштитени и без да стравуваат да ја преземат апликацијата којашто е поставена и на веб страницата на Управата за јавни приходи.

 
http://www.ujp.gov.mk
© Управа за јавни приходи на Република Северна Македонија