Memorandum_mk
01.07.2019
Од Денес започнува повратот на 15 % од платениот ДДВ кај граѓаните!

Апликацијата МојДДВ преку којашто граѓаните ќе можат да ги скенираат фискалните сметки е достапна за преземање преку google play store и веб страната на Управата за јавни приходи каде што е поставен линк којшто нуди опција за преземање.
,,Очекуваме во наредните денови апликацијата МојДДВ да биде достапна и на на apple store за корисниците на iОs оперативниот систем – истакна директорката на УЈП Сања Лукаревска на денешната прес конференција, и додаде дека се работи за мултинационална компанија којашто работи со посложени административни процедури при поставување на апликациите.
Условите коишто граѓаните треба да ги исполнат за враќање на дел од платениот ДДВ, се да имаат навршени 15 години, да поседуваат документ за идентификација и своја трансакциска сметка и да се регистрирани на системот на УЈП, е-Персонален данок. За најава во апликацијата МојДДВ граѓаните ќе ја користат истата е-пошта и лозинка од корисничкиот профил на е-ПДД.
За сите граѓани кои ќе имаат потреба од поддршка во целиот процес, како што се повозрасните лица и граѓаните од социјално ранливите категории, Управата за јавни приходи е целосно подготвена да им излезе во пресрет.

На 36 места, во Организационите единици на УЈП на територија на цела Република Северна Македонија, поставени се киоск апарати, баркод читачи и паметни мобилни телефони преку коишто Управата за јавни приходи ќе им овозможи на граѓаните да ги скенираат фискалните сметки.
Фискалните сметки со износ над 30 000 денари, како и невалидните фискални сметки, односно компјутерските, апликацијата МојДДВ нема да ги прифати.

,,Законот за враќање на дел од платениот ДДВ и начинот на којшто ќе се реализира ова мерка е прв од ваков вид во регионот, а е уште една ефикасна мерка за намалувањето на сивата економија и можност граѓаните и Управата да станат партнери во борбата против неформалната економија” – истакна Лукаревска.

,,Веруваме дека граѓаните ќе инсистираат да им се издаваат фискални сметки и ќе избегнуваат да купуваат на места каде што фискални сметки не се издаваат.

,,И граѓаните и државата имаат корист од оваа мерка. Најмногу ќе изгубат оние кои не издаваат фискални сметки или пак издаваат невалидни со што на граѓаните им го ускратуват правото на поврат” - рече Лукаревска.

Лукаревска изрази голема благодарност до целиот тим вработени за коишто рече дека несебично се вложија и работеа макотрпно на креирање на брз, ефикасен и лесен систем за користење преку кој граѓаните имаат можност да си вратат дел од ДДВ-то, за прв пат во државата.

“Повратот на 15 % од платениот ДДВ е голем и сериозен проект и по својата суштина и по начинот на реализација. Токму затоа беше и се уште е вистински предизвик да се работи на овој проект. Нема да претерам ако кажам дека на моменти беше потребно да се вложат и надчовечки напори, да се премостат одредени пречки, што овој тим тоа го направи професионално, фокусирани на главната цел – успешна имплементација на проектот. И затоа Ви благодарам! “ - рече Лукаревска.

Лукаревска се заблагодари и на медиумите за нивната професионалност и внимание со коешто ја следат оваа важна тема за граѓаните и што редовно ги сервисираат со потребните информации.
Денеска во Регионалната дирекција Скопје, пред медиумите беше презентирано и како функционираат баркод читачите, киоск апаратите, како и смарт телефоните со коишто на граѓаните ќе ми се овозможи поддршка при процесот.

  

     









 

 

 
http://www.ujp.gov.mk
© Управа за јавни приходи на Република Северна Македонија