Memorandum_mk
29.12.2017
Од 1 јануари 2018 – Нов начин на пресметување и плаќање на персоналниот данок e-pdd.ujp.gov.mk

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за персоналниот данок на доход („Службен весник на РМ“, бр.190/2017), од 1 јануари 2018 година се воведува нова процедура за пресметување и плаќање на обврските за персонален данок на доход, односно пресметувањето на данокот ќе се врши со поднесување на Електронска пресметка за приход и данок (е-ППД) до Управата за јавни приходи, преку новиот систем е-Персонален данок e-pdd.ujp.gov.mk

Кој има обврска да поднесува Електронска пресметка за приход и данок (е-ППД)?

Исплатувачи на приходи (правни лица и СВД кои водат деловни книги) - кога исплаќаат приходи по сите основи (кои подлежат на оданочување, како и за определени приходи за кои целосно или делумно немаат обврска за пресметување и плаќање на ПДД) на физички лица - резиденти на Република Македонија и на нерезиденти, освен за исплата на плата на вработени лица.
Физички лица-резиденти кои остваруваат приходи од други физички лица и приходи од странство, освен за приходи од вршење на самостојна дејност.
Физички лица-нерезиденти кои остваруваат приходи од други физички лица во Република Македонија.

Намалување на административнот товар и поедностување на постапките за пријавување и плаќање на персоналниот данок

Со воведувањето на новите кориснички ориентирани услуги за персонален данок, покрај низа придобивки (види повеќе http://ujp.gov.mk/mk/publikacii/pogledni/64), се намалува и административниот товар и се укинуваат обврските за даночните обврзници (исплатувачи на приходи, вршители на дејност и граѓани) за достава на пријави и извештаи до УЈП, и тоа:

  • ИСПЛАТУВАЧИ НА ПРИХОДИ - Со воведувањето на Електронската пресметка (е-ППД), исплатувачите на приходи почнувајќи со исплатите што ќе ги вршат од 01.01.2018 година, ќе немаат повеќе обврска да му издадат на секој обврзник збирен податок за вкупно платената аконтација, како и да поднесуваат годишни или месечни извештаи ПДД-ГИ, ПДД-ГИ/ОЗП, ПДД-ГИ/ОЦО, ПДД-МИ/ИС.Исто така, исплатувачите преку системот e-pdd.ujp.gov.mk, за исплата на приходи на физички лица-нерезиденти ќе имаат преглед на поднесените барања за користење на даночни стапки според договорите за одбегнување на двојното оданочување и двојното ослободување (Барање за ослободување од данок на доход Б-ОДД и Барање за олеснување односно ослободување од данок на доход по видови на приход Б-ОДД/ВП), како и одобренијата од Управата за јавни приходи издадени по поднесените барања. Во Електронската пресметка (е-ППД) данокот за приходот што треба да се исплати на нерезидентот ќе се пресмета по даночната стапка од меѓународниот договор според одобрението од Управата за јавни приходи.

  • ГРАЃАНИ - Со воведувањето на Електронската пресметка (е-ППД), граѓаните за приходите кои подлежат на оданочување, а се остварени во земјата или во странство, почнувајќи од 01.01.2018 година, немаат повеќе обврска за поднесување на Аконтативни даночни пријави ПДД-АДП/ПИ, ПДД-АДП/КД и ПДД-АДП/ДП.Почнувајќи од 2019 година, Управата за јавни приходи ќе им издава пополнета Годишна даночна пријава на граѓаните преку системот e-pdd.ujp.gov.mk, за приходите кои ќе ги остварат во 2018 година. Граѓанинот ќе има обврска само да ја потврди или корегира пријавата.

  • ФИЗИЧКИ ЛИЦА КОИ ОСТВАРУВААТ ПРИХОДИ ОД ПРОДАЖБА НА СОПСТВЕНИ ЗЕМЈОДЕЛСКИ ПРОИЗВОДИ - Со законските измени и новите даночни процедури за персонален данок, физичките лица кои остваруваат приходи од продажба на сопствени земјоделски производи, за приходите остварени почнувајќи од 1 јануари 2018 година, немаат обврска за поднесување на Пријава за регистрација на обврзниците кои остваруваат приходи од земјоделска дејност УЈП-РДО/З и Барање за паушално оданочување за остварени приходи од земјоделска дејност ПДД-ПЗ.

  • СИТЕ ДАНОЧНИ ОБВРЗНИЦИ кои се обврзани за поднесување на Електронската пресметка (е-ППД), преку системот e-pdd.ujp.gov.mk ќе имаат можност за преглед на износите на повеќе платен платен персонален данок по поднесените Електронски пресметки (е-ППД), како и да поднесуваат и вршат преглед на поднесените Барања за враќање на повеќе или погрешно наплатен ПДД. Ќе нема обврска за поднесување на Барања за пренасочување на погрешно платен ПДД.

Новини и поднесување на електронска пресметка за приходите и персоналниот данок преку e-pdd.ujp.gov.mk

Со цел запознавање со новините и постапките за регистрација и начинот на користење на e-pdd.ujp.gov.mk, пополнување на електронските пресметки за персонален данок, поднесување на барања за користење на нивните даночни права, навремено исполнување на нивните обврски согласно новите даночни процедури...Управата за јавни приходи издаде Брошура „Пресметување и плаќање на е-Персонален данок на доход“ (види http://www.ujp.gov.mk/mk/publikacii/pogledni/67), во која детално се опишани чекорите кои треба да ги преземат одделните категории на даночни обврзници за да се усогласат со новиот начин на даночно работење, односно кои се новите обврски за:

  • ИСПЛАТУВАЧИТЕ НА ПРИХОДИ

  • САМОСТОЈНИ ВРШИТЕЛИ НА ДЕЈНОСТ, ТРГОВЦИ ПОЕДИНЦИ, ЗАНАЕТЧИИ, АДВОКАТИ ЗА ПРИХОДИТЕ ОД ВРШЕЊЕ НА ДЕЈНОСТ...

  • ФИЗИЧКИ ЛИЦА КОИ ОСТВАРУВААТ ПРИХОДИ ОД ПРОДАЖБА НА СОПСТВЕНИ ЗЕМЈОДЕЛСКИ ПРОИЗВОДИ И ТРГОВЦИ КОИ ОРГАНИЗИРААТ ЗЕЛЕНИ ПАЗАРИ

  • ГРАЃАНИ КОИ ОСТВАРУВААТ ПРИХОДИ ОД ДРУГИ ФИЗИЧКИ ЛИЦА ИЛИ ПРИХОДИ ОД СТРАНСТВО

Пријавете се за обука!

Даночните обврзници кои се заинтересирани да ги посетат обуките кои ќе ги организира УЈП за новите законски измени во делот на персоналниот данок и за користење на новиот систем e-pdd.ujp.gov.mk, потребно е го изразат својот интерес преку е-пошта: danochna.akademija@ujp.gov.mk и да ја достават следната содржина со пополнети податоци:

Пријава за обука „е-Персонален данок“
Име и презиме:
Тел:
е-Пошта:
Град:
Број на учесници:

Поддршка на корисници

За сите прашања, можете да не контактирате преку Инфо центарот на УЈП 0800 33 000 или 02/3253 200, преку е-пошта: info@ujp.gov.mk
Најчесто поставуваните прашања и одговори поврзани со измените на законот и новите даночни процедури за персоналниот данок на доход ќе бидат објавувани на ИНФОРМА (види http://kontaktcentar.ujp.gov.mk:8090/ISKnowledgeBaseExternal/Question).

 
http://www.ujp.gov.mk
© Управа за јавни приходи на Република Северна Македонија