Memorandum_mk
05.10.2017
ФИНАНСИСКА ПОМОШ ЗА РАБОТОДАВАЧИТЕ ЗА ИСПЛАТА НА МИНИМАЛНА ПЛАТА

Законски основ
Работодавачите кои ги исполнуваат условите од Законот за минимална плата во Република Македонија, имаат право на финансиска помош за исплата на минимална плата за месец септември 2017 до месец август 2018 година.

Износ на финансиска помош
Финансиската помош се обезбедува за период од месец септември 2017 до месец февруари 2018 година во следните износи:
- 2.000 денари по вработен, за вработени кои биле во работен однос кај работодавачот во јануари, февруари и март 2017 година и просечниот износ на исплатената месечна нето плата за овој период им бил до 10.000 денари;
- 1.500 денари по вработен, за вработени кои биле во работен однос кај работодавачот во јануари, февруари и март 2017 година и просечниот износ на исплатената нето плата за овој период им бил помеѓу 10.001 и 10.500 денари;
- 1.000 денари по вработен, за вработени кои биле во работен однос кај работодавачот во јануари, февруари и март 2017 година и просечниот износ на исплатената месечна нето плата за овој период им бил помеѓу 10.501 и 11.000 денари и
- 500 денари по вработен, за вработени кои биле во работен однос кај работодавачот во јануари, февруари и март 2017 година и просечниот износ на исплатената месечна нето плата за овој период им бил помеѓу 11.001 и 11.500 денари.
Финансиската помош за исплата на минималната плата за месец март 2018 до месец август 2018 година, изнесува 50% од наведените износи.

Исплатена плата за Јануари,
Февруари и Март 2017

Износ на финансиска помош
Септември 2017 до Февруари 2018 година Март 2018 до месец Август 2018 година
до 10.000 денари  2000  1000
10.001 и 10.500 денари  1500  750
10.501 и 11.000 денари  1000  500
11.001 и 11.500 денари 500 250

Пресметка на просечен износ на исплатената месечна нето плата во јануари, февруари и март 2017
Пресметката на просечниот износ на исплатената месечна нето плата во јануари, февруари и март 2017 заклучно со 31.08.2017 година, се врши за лицата кои биле во работен однос кај работодавачот во сите три месеци, при што вкупниот број на одработени часови (ефективни часови, надоместок за боледување на товар на работодавачот, прекувремени часови) во овие три месеци се дели со износот на пресметаната нето плата во трите месеци, при што се добива нето плата по час. Овој износ се споредува со пресметаната плата по час, согласно праговите на исплатена плата утврдена со законот и се одредува категорија на финансиска помош.

Барање за финансиска помош
Барањето за обезбедување на финансиската помош, работодавачите го изразуваат преку пополнување на шифра во пресметките за плата за вработеното лице за кое бараат финансиска помош.

За барање за користење на финансиска помош, внесете ја шифрата 401 во полето 3.23 од клиентскиот софтвер (преземи нова верзија http://www.ujp.gov.mk/mk/obrasci/opis/81).

Услови за обезбедување на финансиска помош
Работодавачот за обезбедување на финансиската помош треба да ги исполнува следните услови:
- работодавачот да не е ослободен од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување или персонален данок на доход за вработеното лице за кое бара финансиска помош;
- работодавачот да има статус на активен обврзник, односно да не е во постапка на стечај или ликвидација или постапка на бришење согласно член 477, 477-а , 552-а и 552-б од Законот за трговските друштва;
- работодавачот во 2016 година да остварил загуба или нето добивка по оданочување во износ помал од 10% од вкупните расходи и
- работодавачот да ги има подмирено обврските по основ на плата, придонеси од задолжително социјално осигурување и даноци, заклучно со последниот ден од месецот за кој се обезбедува финансиската помош.

Известување на работодавачот за правото на финансиска помош
Во Декларацијата за прием, работодавачот кој за вработеното лице ги исполнува условите од членот 4-а од законот и условите од член 4-в став (1) алинеја 1, 2 и 3 од законот, ќе се генерира известување дека се исполнети условите од законот, за обезбедување на финансиска помош. По истекот на месецот за кој се обезбедува финансиска помош, ќе се провери дали работодавачот ги има подмирено обврските по основ на плата, придонеси од задолжително социјално осигурување и даноци, заклучно со последниот ден од месецот за кој се обезбедува финансиската помош. Доколку и овој услов е исполнет, на работодавачот ќе му се исплати финансиската помош.
Доколку работодавачот не ги исполни условите од законот, во Декларацијата за прием ќе се генерира предупредување со порака кој услов од законот работодавачот не го исполнува. Декларацијата за прием нема да биде одбиена поради предупредувањето, туку истото служи за информирање на работодавачот дека нема да следи исплата на финансиска помош.

Исплатата на финансиската помош
Финансиската помош се остварува по исплата на платата за месецот за кој се обезбедува финансиската помош. Исплатата на финансиската помош се врши преку Министерството за труд и социјална политика.

Обврски на работодавачот – корисник на финансиска помош
Работодавачот кој ќе добие финансиска помош е должен да го задржи на работа работникот за кој добива помош минимум една година по завршувањето на помошта. Во спротивно работодавачот е должен да го врати износот на добиената финансиска помош, во рок од 30 дена од денот на одјавување на работникот за кој добивал помош, освен во случај на остварување на право на пензија или смрт на работникот.

НАПОМЕНА: Сите работодавачи кои ја исплатиле платата за месец 09/2017 година, а не побарале обезбедување на финансиска помош истото може да го сторат со поднесување на исправка (103) само за вработените лица за кои бараат обезбедување на финансиска помош. Барање за финансиска помош може да се поднесе само од работодавачи – правни лица во конечна пресметка или во исправка на пресметката, односно не се опфатени аконтативни пресметки.

 
http://www.ujp.gov.mk
© Управа за јавни приходи на Република Северна Македонија