Управата за јавни приходи ги повикува сите граѓани кои не поднеле Годишна даночна пријава за остварените приходи во 2007, тоа да го сторат до 15 Март/сабота/.
Обврска да поднесат даночна пријава имаат сите граѓани кои покрај приход од плата, пензии, приход од земјоделска дејност кој се оданочува според катастарскиот приход или приход од самостојна дејност, оствариле и дополнителен приход од други извори, како на пример: приходи од имот и имотни права; од авторски права и права од индустриска сопственост; од капитал; од капитални добивки; од игри на среќа и други наградни игри; и други приходи.
Според проценките на УЈП, оваа година бројот на поднесени пријави се очекува да биде поголем за 40% (27 000) во споредба со минатата година кога до УЈП беа поднесени 19 447 даночни пријави.
Најновите податоци говорат дека некои граѓани сеуште не ја исполниле својата обврска. Имено, до 7 март, бројот на граѓани кои доставиле даночна пријава до УЈП изнесува 8.576 и тоа до:
- Регионална Дирекција Скопје - 5.817
- Регионална Дирекција Битола - 682
- Регионална Дирекција Прилеп - 572
- Регионална Дирекција Струмица - 381
- Регионална Дирекција Тетово - 732
- Регионална Дирекција Штип - 392
Ги потсетуваме даночните обврзници дека последниот ден за поднесување на Годишните даночни пријави се паѓа во сабота/15 март (прогласен за работен ден), кога и сите шалтери во даночните канцеларии на УЈП низ Републиката ќе вршат примање на даночните пријави.