Исплатувачите кои во 2014 година користеле ослободување од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување по член 98-б од Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, исплатите по овој основ треба да ги искажат на реден број 3.1-г - Плата и надоместоци на плата од работен однос и исплата по основ на деловна успешност на работодавачот кој има ослободување по член 98 од Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност.
При внесот на “Податоците за исплатите на обврзниците“ по овој основ, во:
- колона 3 се внесува податок за износ на бруто приходи;
- колона 4 се внесува износ на одбитоци (износ на пресметани придонеси),
- колона 5 се внесува износот на даночното олеснување;
- колона 6 се внесува износ 0 (нула) во случај на ослободување од персонален данок на доход по член 98 од Законот, односно износ на платен персонален данок во случај да не е користено право од член 98 од Законот; и
- колона 7 се внесува износот на исплатениот нето приход.
Начинот на пополнување во “Сумарните податоци за исплатите по видови приходи“ од Годишниот извештај “ПДД-ГИ“ за видот на исплата 3.1-г се врши на ист начин како кај поединечните исплати по обврзник.
Исплатувачите кои веќе имаат поднесено Годишен извештај “ПДД-ГИ“ до УЈП, а исплатите по овој основ ги внеле на друг реден број (на пример, реден број 3.1) потребно е да поднесат “Исправка на ПДД-ГИ“.
Во збирната пресметка за исплатените приходи која исплатувачите се должни да му ја издаваат на граѓанинот треба да ги содржи истите податоци, како и искажаните во Годишниот извештај.
Исплатувачите кои го изгубиле правото на ослободување по член 98-б од Законот и извршиле плаќање на придонесите од задолжително социјално осигурување, потребно е податоците за овие исплати да ги искажат на реден број 3.1 - Плата и надоместоци на плата од работен однос и исплата по основ на деловна успешност на работодавачот на кои се платени придонеси.