Memorandum_mk
12.07.2010
Викенд контроли на УЈП - 51 спортска обложувалница не издавала фискални сметки или не поседувала лиценца

Во даночната контрола спроведена во спортски обложувалници за време на викендот (9 и 10 јули 2010), констатирани се неправилности во работењето кај 51 објект.

Во 13 градови и тоа: Тетово, Гостивар, Скопје, Куманово, Кавадарци, Велес, Гевгелија, Неготино, Прилеп, Ресен, Охрид, Битола и Струга, извршени се вкупно 420 контроли од кои во 51 објект даночните контролори констатирале дека спортсткото обложување се приредува без соодветна лиценца или готовинскиот промет не е регистриран преку фискален апарат, односно не се издавале фискални сметки.

Најголем број на објекти со неправилности во делот на фискализацијата се утврдени во Скопје и тоа во 19 случаи, додека во Тетово и Гостивар е констатирано дека 7 објекти приредувале игри на среќа без лиценца.

Исто така, во неколку градови при посетата на објектите е утврдено дека сопствениците самоиницијативно ги затвориле обложувалниците, поради што истите нема да бидат изоставени во даночната контрола која ќе биде спроведена во наредниот период.

 
http://www.ujp.gov.mk
© Управа за јавни приходи на Република Северна Македонија