Memorandum_mk
12.11.2025
Фискална едукација во основните училишта – УЈП ја започна едукацијата на најмладите

Управата за јавни приходи (УЈП) ја проширува својата едукативна програма и во основното образование, започнувајќи со фискална едукација за најмладите ученици. По неколку години успешно реализирани активности во средните училишта, оваа нова фаза има за цел од најрана возраст да се поттикне развојот на финансиска писменост, свест за одговорност и разбирање за значењето на даноците и јавните приходи.

Првата едукативна работилница се одржа во ООУ „Браќа Миладиновци“ во Општина Аеродром, со што Аеродром стана првата општина во државата која ја воведува оваа програма. На настанот присуствуваа директорката на УЈП, м-р Елена Петрова, градоначалникот на Општина Аеродром Дејан Митески и државната секретарка во Министерството за образование и наука Елена Ивановска.

Преку интерактивни игри, симулации и тимска работа, учениците од трето одделение учеа како функционираат компаниите, како се собираат и трошат даноците и како јавните средства придонесуваат за подобар живот на сите граѓани. На крајот, тие предложија сопствени идеи за вложување на собраните средства – во болници, спортски сали, игралишта и патишта.

Директорката на УЈП, м-р Елена Петрова, ги охрабри учениците како идни носители на одлуки да продолжат љубопитно да учат и да се надградуваат. Таа изрази надеж дека ќе израснат во млади лидери кои ќе придонесуваат за просперитетна иднина:

„За да имаме одговорни граѓани и идни генерации кои се свесни за значењето на даноците, мора да работиме на информирање и градење на знаењето. Даночната култура и даночната свест започнуваат од знаењето, а знаењето започнува во образовниот процес. Управата за јавни приходи долги години спроведува активност фискална едукација на млади, досега претежно во средните училишта. Оваа активност од минатата година ја освеживме со нови содржини, посовремени, поинтересни и поблиски до денешните генерации, како што се видео – клиповите „Данок плати, во иднина да ти се врати“, даночниот квиз што со помош на QR код може да се симне и да се користи на компјутери, мобилни уреди и слично. Сега одиме чекор понапред и фискалната едукација за млади ја симнуваме и во основните училишта. Едукатори од УЈП заедно со наставници од основните училишта ќе работат со децата, со учениците, на еден забавен, интерактивен начин преку креативни игри и задачи, да им пренесат како се собираат даноците, како се трошат парите од даноците и дека фискалната сметка не е обично парче хартија, туку е еден симбол на заеднички придонес на сите нас“ – истакна Петрова.

Државната секретарка во Министерството за образование и наука, Елена Ивановска, додаде дека преку ваквите проекти ги подготвуваме учениците да бидат одговорни граѓани кои ќе знаат да ја ценат улогата на даноците и јавните приходи во развојот на државата. Ивановска појасни дека од денес во училиштата во општина Аеродром, најмалите ќе имаат можност да се запознаат со значењето на даноците, начинот на кој функционира даночниот систем, улогата на УЈП и другите финансиски институции, но и за важноста за совесно и одговорно однесување и транспарентно управување со јавните средства. Притоа изрази благодарност до УЈП и градоначалникот Митески за силната поддршка на воспитно – образовниот систем.

„УЈП преку овие обуки ќе придонесе кон градење на информирани, едуцирани и финансиски писмени ученици кои ќе ги научат механизмите на современото општество и со тоа ќе придонесат кон негов одржлив развој.“ – појасни Ивановска.

Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, нагласи дека е горд што токму Аеродром е првата општина во државата која ја воведува фискалната едукација во основните училишта.

„Се надевам дека оваа едукација за најмладите ќе придонесе позитивни резултати кои ќе значат многу во понатамошното образование, но и животот на учениците.“ – рече градоначалникот Митески.
Фискалната едукација наменета за учениците во основните училишта, што денес се отпочна во ООУ „Браќа Миладиновци“ – Аеродром, претставува значаен чекор кон градење на финансиски писмени генерации. Преку вакви активности, учениците во сите основни училишта во земјава уште од најрана возраст учат дека даноците не се само бројки и пресметки, туку алатка за подобрување на секојдневниот живот на граѓаните. Оваа едукација им овозможува да развијат свест за важноста на јавните приходи, да се подготват да бидат одговорни граѓани и идни носители на одлуки, како и да ја ценат улогата на транспарентноста и одговорноста во општеството. На тој начин, се создава основа за долгорочен развој и просперитетна иднина, во која младите активно учествуваат и придонесуваат за подобар живот за сите.

     

 
http://www.ujp.gov.mk
© Управа за јавни приходи на Република Северна Македонија