Memorandum_mk
03.07.2025
Соработка за модернизација на даночните системи: УЈП и Даночната администрација на Косово разменуваат искуства

Претставници на Управата за јавни приходи, предводени од заменик директорот на УЈП, Фисник Мела, реализираа еднодневна посета на Даночната администрација на Косово. На билатералната средба, на која присуствуваше и заменик генералниот директор на Даночната администрација на Косово, Сами Салиху, претставниците од двете даночни администрации имаа можност да дискутираат за прашања од стратешко значење и да разгледаат современи практики и решенија во областа на даночната администрација, со посебен фокус на:

  • користење на информатички технологии со отворен код;
  • автоматско враќање на ДДВ;
  • управување со ризици поврзани со даночната усогласеност.

Во рамки на посетата беа презентирани технолошките решенија имплементирани од страна на Даночната администрација во Косово, развиени со поддршка од меѓународни институции и други даночни администрации. Особено беа истакнати системите за автоматизирана селекција на неусогласени даночни обврзници, пристапот кон управување со ризици на даночна усогласеност, примената на SAF – Standard Audit File, анализите на ризик пред и по спроведување на надворешни контроли, како и автоматското враќање на ДДВ базирано на критериуми за ризик.

Заменик директорот на УЈП, Фисник Мела, потенцираше дека забележаните практики, особено користењето на отворени решенија, напредните процедури за автоматско враќање на ДДВ и пристапот кон управувањето со ризиците, претставуваат одличен пример за модернизација на даночната администрација.

Заменик генералниот директор на Даночната администрација на Косово, Сами Салиху, ја оцени средбата како значаен чекор кон зајакнување на регионалната соработка и промовирање на најдобрите практики со цел подобрување на квалитетот на услугите и зајакнување на институционалните капацитети.

   

На крајот беше договорено соработката помеѓу двете даночни администрации да се продлабочи преку организирање на повеќедневни работилници, обуки и размена на искуства и знаење, што ќе придонесе кон понатамошно унапредување на ефикасноста во управувањето со даночните процеси.

 
http://www.ujp.gov.mk
© Управа за јавни приходи на Република Северна Македонија