Директорката на Управата за јавни приходи, м-р Елена Петрова заедно со министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и со директорите на Царинската управа, Бобан Николовски, Управата за финансиска полиција, Слободан Ивановски, Управата за финансиско разузнавање, Кујтим Ибиши, Бирото за јавни набавки, Маре Богева и Управата за имотно-правни работи, Зоран Крстаноски, на годишен брифинг со новинарите ги претставија реализираните активности и активности на кои се работи.
На средбата пред новинарите, директорката Петрова истакна дека во 2024 година УЈП постигна пораст на наплатени даноци и социјални придонеси за 33,195 милиони денари, што е 15% повеќе во споредба со 2023 година. Оваа позитивна разлика како што појасни, е генерирана претежно во втората половина од годината, односно 58% од вкупната разлика, што укажува на посветеност од првиот ден за поцврста даночна дисциплина.
Иако не беа воведени нови законски измени или нови дигитални алатки, како што беше потенцирано, подобрената наплата се должи пред сè на засилениот мониторинг и проактивното работење со даночните обврзници со цел исполнување на законските обврски. За подобра соработка, формиран е и Совет за даночна усогласеност во кој членуваат претставници од УЈП и Министерството за финансии како и даночни обврзници претставени од нивните здруженија, асоцијации, советници, подобрена е координацијата и контролата на интерните процеси во УЈП, како и следење на активностите од воспоставениот Даночен календар.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, потенцира дека постигнатите резултати произлегуваат од посветената работа на сите институции.
„Во 2024 година беа прибрани приходи во Буџетот за 10,3% повеќе во споредба со претходната година и реализација на изворните приходи на Буџетот од даноци и акцизи од 100,19%. Раст кој не се темели на раст на цените, бидејќи инфлацијата се стабилизира, туку на ангажманот на овие институции за да се приберат приходите согласно законските прописи. За резултатите би била скромна ако кажам дека не сум задоволна, но секогаш треба да се стремиме кон подобро и тоа е нашиот фокус во оваа година и во наредниот период. Ќе се фокусираме на сериозна борба со сивата економија, изворот на приходи кој треба државата да го наплати“, рече министерката и при тоа порача до сите дека законите треба да се почитуваат и дека институциите имаат механизми кои можат да ги употребат во секое време за надзор над примената на законските прописи.
Директорката Петрова, појасни дека во 2024 година, во УЈП беа преземени активни мерки за присилна наплата, кои вклучуваат заплени и јавни продажби.
„По тој основ наплатени се значителни средства преку јавна продажба на движни и недвижни предмети, меѓу кои шест патнички возила, шест товарни возила, еден мотоцикл, четири стана, една викендичка, три ниви и едно земјиште. Донесени се и 525 решенија за задолжување на основачи и управители како даночни гаранти за неплатени долгови на фирми-должници. Заостанатите долгови на фирмите се намалени преку наплата од даночни гаранти во износ од 147 милиони денари. Во втората половина од 2024 година, остварена е за 40% повисока наплатата од даночни гаранти“ – рече Петрова.
По однос на контролите, директорката појасни дека од извршени 3,352 даночни контроли кај 40% се утврдени неправилности и по основ на инспекциските наоди наплатени се 968,3 милиони денари, што е раст од 47% споредено со 2023 година. Петрова истакна дека контролите за регистрацијата на готовинскиот промет се вршат континуирано во сите региони во земјата и сите локации. Појасни и дека во рамки на УЈП, формирано е независно тело за постапување по приговори на инспекциски записници со цел да се обезбеди поголема сигурност на даночните обврзници, унифициран и конзистентен пристап и превенирање на судските спорови.
„Со консултантите од Американскиот трезор работиме на подобрување на критериумите за селекцијата на ризични обврзници за контрола, засновајќи ја селекцијата на обработка и вкрстување на масовни податоци, наместо на разгледување на индивидуални случаи што не гарантира објективност.“ појасни Петрова.
Во однос на техничките предизвици, директорката нагласи дека УЈП активно работи на оптимизација системот е-Даноци, додаде дека овие подобрувања овозможиле успешно поднесување на 40,000 ДДВ пријави во законскиот рок до 27 – ми јануари, без никакви пречки. Појасни дека се автоматизира и процесот на издавање на потврди за платени даноци и потврди за остварени приходи, а тековно се решаваат и сите затекнати состојби.
„Исто така, решаваме заостанати 2,500 неодговорени барања за даночни услуги, преку 30,000 необработени предмети од Центарот за наплата на глоби и др. јавни приходи кои се провлекуваат уште од 2023 година.“ – појасни директорката.
На средбата пред новинарите беа претставени и следните проекти и планови. Во УЈП како што посочи Петрова, започната е програмата за сеопфатна дигитализација „Транзиција во дигиталниот свет“, која ќе трае до 2027/2028 година, која опфаќа три основни целини: Електронска даночна администрација (е-УЈП), Платформа за аналитички капацитет, Безбедност и стабилност, а информираш и дека е започнат проектот „е-Фактура“ кој ќе овозможи фискализација на безготовинскиот промет во реално време и поддршка на процесот на фактурирање кај фирмите.
Главниот фокус на Управата за јавни приходи останува на подобрената наплата на даноците, преку поефикасно работење на даночната администрација и намалување на сивата економија. Во оваа насока, воведени се меѓународно прифатени добри практики за управување со ризиците на даночната усогласеност. Донесен е Регистар на ризиците на даночна усогласеност, прв ваков документ во УЈП, како и План за подобрување на даночната усогласеност за 2025 година. Овие документи ќе служат како основа за синхронизирано и ефективно постапување, насочувајќи ги активностите кон оние сегменти на даночните обврзници каде што постојат ризици за неточно, нецелосно или ненавремено плаќање на даноците, што придонесува до загуба на приходи. Со овие активности, УЈП ја потврдува својата посветеност на постојаното подобрување на своето функционирање и на јакнење на соработката со даночните обврзници, со цел обезбедување стабилна и праведна наплата на јавните приходи.