Memorandum_mk
12.09.2024
УЈП ОСТВАРИ СРЕДБА СО ОРГАНИЗАТОРОТ И УЧЕСНИЦИТЕ НА ФЕСТИВАЛОТ ВО ГЕВГЕЛИЈА

Претставници од Управата за јавни приходи, вчера во просториите на општина Гевгелија, одржаа работна средба со организаторот и учесниците кои закупиле штандови за продажба на производи и услуги на фестивалот ,,Вкуси го југот,, кој овој викенд се одржува во Гевгелија.

На средбата, на учесниците кои ќе вршат промет на добра и услуги, им се укажа на значењето на даночната усогласеност што во овој случај значи користење одобрен фискален апарат, издавање фискални сметки, евидентирање на остварениот промет на секоја фискална каса и уплата на дневниот промет кај носителот на платен промет наредниот ден, како и на видно место да има соопштение со кое се информираат купувачите за нивната обврска да бараат фискални сметки.

Исто така се укажа и за обврската за физичките лица кои ќе вршат продажба на производи да поднесат Барање за паушално плаќање на данокот од вршење на дејност од времен карактер за периодот додека вршат дејност, а беа доставени и бланко обрасци од Барањето.

Управата за јавни приходи преку целата летна сезона на настаните на отворено вообичаено има мобилни екипи на инспектори, а целта на овие советодавни активности на УЈП е навремено и превентивно да се укаже на учесниците за нивните даночни обврски, што ќе помогне во обезбедување на правична и транспарентна даночна средина. Оваа проактивна комуникација не само што ги информира учесниците, туку и поттикнува доброволно почитување на даночните закони.

     

 
http://www.ujp.gov.mk
© Управа за јавни приходи на Република Северна Македонија